Коронавирусот не донесе ништо невообичаено на небото над Куманово

Насловот на текстот што го рецензираме е сензационалистички и дезинформира бидејќи коронавирусот не донел никаква необична појава на небото над Куманово. Станува збор за лентикуларен облак, кој не е поврзан со коронавирусот, туку ваквиот тип на облаци постоеле и пред пандемијата.

Линк до оригиналниот напис:(ВИДЕО) Корона вирусот на небото над Куманово донел необична појава: Луѓето нагаѓаат за што станува збор!

 Датум и време на објавување: 10.04.2020

Датум на рецензија: 13.04.2020

Рецензент: Силвана Жежова

На небото над Куманово вчера попладне е снимена невообичаена појава на единечен облак кој според она што може да се види на видео снимката е статичен и во чудна елиптична форма.Голем број граѓани на Куманово, но и на социјалните мрежи веднаш почнале со погодување во врска со оваа појава, чии што теми на загриженост одат до крајности…

Лентикуларниот облак на небо, во текстот што го рецензираме, се поврзува со наводно „некакви чудни појави“, иако вистината е дека овие облаци се создаваат во тропосферата, кога ветрови дуваат низ ридови и планини од ист или сличен правец.

Ваков облак освен на небото над Куманово беше забележан и над Водно, а според астрономите, станува збор за ретка атмосферска појава, која во никој случај не е поврзана со коронавирусот. Лентикуларните облаци постоеле и пред појавата на пандемијата.

Лентикуларниот облак, исто така, не е поврзан со прочистување на воздухот. Точно е дека во голем број на држави е забележано прочистување на воздухот, но тоа директно не е поврзано со корона вирусот, туку индиректно. Односно, огромен број на индустриски капацитети кои го загадуваат воздухот престанаа со работа поради пандемијата со кризата и поради тоа воздухот во одредени држави се прочисти како што е случајот со Индија, од каде што за прв пат, после 30 години можеа да се видат Хималаите. Облакот е последица на случувањата во тропосферата, а не заради прочистување на воздухот.

Имајќи предвид дека корона вирусот не донел ништо невообичаено над небото во Куманово, насловот на текстот служи само за повеќе кликови. Сѐ што на луѓето им изгледа невообичаено, не е повод за текст, и не сѐ што е невообичаено треба да се поврзе со корона вирусот, бидејќи облакот и пандемијата немаат никаква поврзаност.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција