Коронавирусот постои, за три години починаа над 6,6 милиони ширум светот

Фото: pixabay.com

Коронавирусот SARS-CoV-2, што ја предизвикува болеста ковид-19,  беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што беше изолиран неговиот генетски материјал РНК, а тоа го потврди  СЗО. Наспроти тврдењето во постот дека пандемијата со коронавирусот е измислена,  ковид-19 постои, за што говорат бројките на заболени и починати од вирусот во изминативе три години. Владите ширум светот се бореа со сите сили за намалување на бројот на заболени и притисокот врз болничките капацитети, поради што насекаде, а не само кај нас, се воведуваа рестриктивни мерки – ограничување на движењето, носење заштитни маски, одржување растојание од 2 метра, изолација и самоизолација до 14 дена за инфицираните лица или за оние за кои имаше сомнеж дека се инфицирани

Коронавирусот SARS-CoV-2, што ја предизвикува болеста ковид-19,  беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што беше изолиран неговиот генетски материјал РНК, а тоа го потврди  СЗО. Наспроти тврдењето во постот дека пандемијата со коронавирусот е измислена, ковид-19 постои, за што говорат бројките на заболени и починати од вирусот во изминативе три години. Владите ширум светот се бореа со сите сили за намалување на бројот на заболени и притисокот врз болничките капацитети, поради што насекаде, а не само кај нас, се воведуваа рестриктивни мерки – ограничување на движењето, носење заштитни маски, одржување растојание од 2 метра, изолација и самоизолација до 14 дена за инфицираните лица или за оние за кои имаше сомнеж дека се инфицирани

 

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека короната е лага и се бара одговорност од поранешниот министер Венко Филипче поради рестриктивните мерки за време на ковид пандемијата.

Во постот стои:

Се сеќавате кога Филипче и багра не затвораа по 4 дена заради лажната корона?

Ќе покрене ли некој кривична за изживување…

Сосема нелогично е денес да се тврди дека коронавирусот е лага, бидејќи постојат факти кои докажуваат дека вирусот е реалност.

Коронавирусите се големо семејство на вируси познати на науката. Тие предизвикуваат болести кои варираат од обична настинка до посериозни состојби како Блискоисточен респираторен синдром  м (MERS-CoV)  и Тежок акутен респираторен синдром (SARS-CoV). Новиот коронавирус (ковид-19) за првпат се појави во Вухан, Кина, во 2019 година и тој претходно не беше регистриран кај луѓето. Од кинеските власти беше идентификуван на 7 јануари 2020 година, по што беше изолиран неговиот генетски материјал РНК, тоа го потврди  Светска здравствена организација (СЗО).

Според Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија постојат четири главни подгрупи на коронавируси. Вообичаените хумани коронавируси од кои луѓето најчесто заболуваат се: Coronavirus 229E, NL63, OC43 и HKU1. Понекогаш, анималните коронавирус (присутни кај животните) можат да еволуираат и да ја прескокнат бариерата животно-човек, односно да се пренесат кај луѓето.

На 31 декември 2019 година Кинеските здравствени власти го известија СЗО за појава на кластер на пневмонии со непознат причинител во Вухан, Кина. На 9-ти јануари 2020 година, веќе беше идентификуван нов коронавирус (nCoV), за кој после истражувањата за генетско секвенционирање утврдено е дека припаѓа на родот бета-корона вируси. Коронавирусите се зоонози, што значи дека тие се пренесуваат помеѓу животните и луѓето, пишува меѓу другото на веб-страницата на Институтот за јавно здравје.

И на специјалната веб-страница на Владата посветена на коронавирусот пишува дека:

Ковид-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2 , вирус од фамилијата коронавирус, првично откриен во Кина во декември 2019 година. Вирусот е причинител на акутно вирусно респираторно заболување. Ковид-19 примарно се шири преку капки на плунка или секрет од носот на заразена личност, кога тој ќе кивне или ќе кашла.

Ковид-19 или SARS- CoV-2, претставува дефиниран вирус. Tој според својата геномска структура припаѓа на родот бета-коронавируси. Сите хумани бета-коронавируси (SARS-CoV-2, SARS-CoV, и MERS-CoV) имаат слични карактеристики, но имаат разлики во нивната геномска и фенотипска структура, што ја менува патогенезата, односно симптомите и знаците на заболувањето, како и неговата сериозност.

Постојат повеќе извори и научни студии кои докажуваат дека вирусот SARS-CoV-2 e изолиран, но исто така е направено и комплетно секвенционирање на геномот на вирусот. Тоа значи дека комплетниот генетски материјал на вирусот причинител на ова заболување е изолиран од назофаринксот на пациент и е докажано неговото постоење, како и неговиот уникатен генетски материјал што тој го содржи.

Така што, наспроти тврдењето во постот дека пандемијата со коронавирусот е измислена, ковид-19 постои, а тоа го потврдуваат  бројките на заболени луѓе и починати од вирусот на светско ниво во изминативе три години

Според официјалните податоци на СЗО во светски рамки досега  од коронавирусот заболеа 645.630.482 лица, а дури 6.634.816 починаа од компликации (состојба од 13 декември 2022).

И денес (14.12.2022) на официјалната страница на СЗО може да се види дека има нови заболени од коронавирусот – 3.261.885 случаи пријавени во последните седум дена ширум светот.

Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје  за период 5 до 11 декември. вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 345.197,  бројот на оздравени пациенти е 335.465 , на починати е 9.599, а бројот на активни случаи е 133.

Што се однесува на делот од постот во кој се бара кривична одговорност од поранешниот министер за здраство, Филипче за изживување, тоа е бесмислено.

Да потсетиме дека Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија на 11 март 2020 година тогаш имаше 118.000 заразени во 114 држави, а беа регистрирани  4.291 починати лице.

Никогаш досега не сме виделе пандемија предизвикана од коронавирус. Ова е прва пандемија предизвикана од коронавирус, соопштија тогаш од СЗО.

Истовремено при прогласувањето на пандемијата, СЗО ги повика владите да го променат курсот на ширењето на заразата со преземање итни и агресивни мерки.

Владите ширум светот се бореа со сите сили за намалување на бројот на заболени и притисокот во болничките капацитети, поради што и се воведуваа рестриктивни мерки – ограничување на движењето,  носење заштитни маски, одржување растојание од 2 метра, изолација и самоизолација до 14 дена за инфицираните лица или за оние за кои имаше сомнеж дека се инфицирани. Тоа беа превентивни мерки кои се практикуваа насекаде низ светот по препорака од епидемиолозите, а не само кај нас.

Владата на Република Северна Македонија од самиот почеток ја следеше и мониторираше состојбата со заразата од коронавирусот и согласно препораките од Светската здравствена организација препорача мерки за заштита на сите граѓани. За таа цел беа изработени соодветни протоколи и план за заштита на населението од заразни болести. Тоа не е изживување, тоа е следење на препораките на СЗО  и на тоа што го кажува науката и медицината, во насока на превенција на јавното здравје.

Ваквите објави дека болеста не постои се неодговорни, опасни и штетни и предизвикуваат непотребен сомнеж кај населението.

Поради горенаведените факти оваа објава ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција