Ковачевски не кажал дека Британија излегла од ЕУ за да ѝ отстапи место на Македонија

Фото: Влада на РСМ

Во оригиналната објава јасно стои дека станува збор за сатирична вест, а од Владата потврдија дека премиерот никогаш не дал изјава дека Британија излегла од ЕУ за да ѝ направи место на С. Македонија

Во оригиналната објава јасно стои дека станува збор за сатирична вест, а од Владата потврдија дека премиерот никогаш не дал изјава дека Британија излегла од ЕУ за да ѝ направи место на С. Македонија

 

 

Пост на Фејсбук објавува невистинита содржина, во која наводно се прикажува став на премиерот Димитар Ковачевски околу евроатлантските интеграции на нашата земја.

Ковачевски: Британија излезе од ЕУ да и направи место на Македонија, сега чекаме и Германија да излезе, се вели во насловот на објавата.

Станува збор за неточна содржина и изјава, иако во насловот е претставено како изјавата навистина да ја дал премиерот Димитар Ковачевски.

Кога ќе се впише овој наслов на пребарувачот на Google, може да се види вест со идентичен наслов, објавена на веб-страницата tvvesti.com. На крајот од оваа вест јасно стои дека станува збор за сатира и дека „сите сличности се случајни“.

За разлика од оваа содржина, каде што јасно пишува дека е сатира, на Фејсбук објавата што ја рецензираме никаде не пишува дека станува збор за сатирична вест, а судејќи според коментарите на самиот пост, речиси сите поверувале дека премиерот Ковачевски навистина дал таква изјава. Во дел од коментарите можат да се прочитаат и навредливи пораки.

Од Владата за „Вистиномер“ потврдија дека станува збор за чиста дезинформација

Станува збор за лажна информација со изјава која што претседателот на Владата на Република Северна Македонија никогаш ја нема дадено, одговорија за „Вистиномер“ од прес службата на Владата.

Земајќи го предвид сето ова, оценуваме дека Фејсбук објавата, односно принт-скринот што е предмет на нашата рецензија, неточно тврди дека Ковачевски изјавил дека Британија излегла од ЕУ за да ѝ направи место на Македонија, а се чека да излезе и Германија. При објавувањето сатирични содржини, тоа треба да биде точно нагласено, а со самото споделување на принт-скринови на истите на социјалните мрежи без да се нагласи тоа, се создава впечаток како истите да се вистинити, со што се врши манипулација врз јавноста.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција