Ковид 19 ќе помине, но последиците од стигмата и жигосувањето на болните ќе останат

Фото: pixabay.com/

Невропсихијатарот, доктор Мице Дудучки објаснува дека реакциите на луѓето во ситуации на пандемија, варираат, но дека стигмата примарно потекнува од стравот и од незнаењето, но и од тоа што се игнорираат советите за заштита.

 

Рака под рака со коронавирусот, во земјава зачекорија и јавното жигосување на пациентите, вперувањето со прст во заразените лекари, обвинувањата за дојденците дека немале здравствено осигурување и затоа дошле да се лекуваат во Македонија и барањата заболените да се објават со име и презиме за сите да ги знаат. Сите форми и облици на стигмата, поборниците за ваквите ,,методи” ги оправдуваа со наводната грижа за некој друг да не се зарази од Ковид 19.

 

Пишува: Мирослава Бурнс 

 

Се отиде и дотаму, политички активист од една опозициска партија, да бара лицата сместени во карантин во хотел „Епинал“ да се релоцираат надвор од Битола, која пак, истиот денго  доби својот прв случај на коронавирус.
Речиси да нема ден, барем еден лекар или пациент да не излезе во јавноста и да објаснува кога се заразил, како се заразил, колку време после тоа поминал во изолација, кој му носел намирници дома, дека семејството му било соодветно во самоизолација и колку боли односот на неговите сограѓани кои наместо емпатија и поддршка, се одлучиле за линч.

 

ДВОЈНА ВИКТИМИЗАЦИЈА

Двојната виктимизација на пациентите со коронавирус во Македонија може да се поткрепи со многу примери. Прв беше оној од 21 март поврзан со четиригодишно дете кое се врати од Англија во Штип по што разви симптоми и беше прогласено за позитивно на тестот за коронавирусот.
Таткото на девојчето, за Македонската информативна агенција МИА, ги демантираше шпекулациите објавени за девојчето на социјалните мрежи и во медиумите и побара да престане говорот на омраза и дезинформациите околу овој случај.

Моето дете не е дојдено од Англија со симптоми, како што тврдат одредени медиуми или како што ги гледам коментарите на социјалните мрежи. Ние сме британски државјани и имаме здравствено осигурување во Англија. Револтиран сум што секакви дезинформации има околу нашиот случај. Одговорно ви тврдам дека од градинката во Англија, добивме мејл во вторникот, во кој не известуваат да се прегледаме бидејќи имаат случај на заболен родител на дете во градинката каде што беше згрижена и мојата ќерка, изјави Драганчо Златанов за МИА.

Тој забележа и дека во земјава, неговото семејство не е пристигнато за да биде товар на македонскиот здравствен систем, како што читал во коментари на социјалните мрежи.

После овој случај, се појави и втор, на 28 март. Доктор Христијан Трпчевски од Битола, јавно се обрати за да сподели како се чувствува откако бил дијагностициран со Ковид 19. Тој објасни дека и покрај сите мерки на претпазливост и намалување на обемот на работа во здравствената институција од која што е дел, можеби некој асимптоматски носител му го пренел вирусот:

Почитувани Битолчани, ми фрливте анатема за корона вирусот, ме издвојувате од заедницата и ме предавате на милост или божји суд .Читам најразлични коментари од исмејување, цинизам, па дури и непристојности. Ги ширите вашите негативни коментари побрзо и од корона вирусот, а некои и дури како да чувствуваат задоволство.

Тој во своето образложение до јавноста, кажа дека како одговорен лекар инсистирал да се тестира вторпат, иако првиот резултат му бил негативен и на таков начин придонел да се спасат многу човечки животи:
Во еден ваков амбиент некој асимптоматски носител може да го пренесол вирусот и не постои начин како да се одбраните, а кога ќе го добиете наместо да се браните од вирусот кога ви е најтешко, вие се браните од коментарите на сите оние кои се завидливи и злонамерни… Од сево ова почитувани сограѓани извлечете заклучок колкава била мојата совест за да спасам многу луѓе и пациенти со кои би се среќавал во текот на денот.
После овој случај, и доктор Сашко Николов од Штип раскажа дека не му е сеедно што за него се шират лаги во јавноста. Тој во своето обраќање  на Фејсбук среќно обзнани дека тој неговата сопруга и ќерката се негативни на коронавирусот, но дека за жал, во нивните сеќавања, ќе останат телефонските јавувања, коментарите на социјалните мрежи кои не биле лесни да се издржат:
Чувствувам одговорност со Вас да ги споделам сите детали, за да конечно престанат лагите кои секојдневно не трујат и имаат цел да не дискредитираат и како професионалци, и како луѓе!

СТРАВ, НЕЗНАЕЊЕ, СТИГМА

Невропсихијатарот, доктор Мице Дудучки објаснува дека реакциите на луѓето во ситуации на пандемија, варираат, но дека стигмата примарно потекнува од стравот и од незнаењето, но и од тоа што се игнорираат советите за заштита.
Primus in orbe Deos fecit timor. Прво на светот, Господ го создал стравот. А примарно извориште на стравот е незнаењето. Сите во оваа држава, а и пошироко на Балканот, преку ноќ станаа епидемиолози, вирусолози, имунолози, па секој на свој начин ја коментира генезата на пандемијата со вирусот Ковид 19. Сензационализмот од типот ,,мистериозен, смртоносен вирус, гарниран со нашиот познат менталитет, се најдобра подлога за појава и развој на ,,корона-психозата”, каде што стравот од катаклизма ги тера луѓето да се однесуваат ирационално, па дури и панично, што е најголемата штета по општеството не само кај нас, туку и во светот. Не се слушаат препораките од здравствените власти и од Светската Здравствена Организација, од игнорирање до хиперболизирање, па оттука произлегува и анимозитетот кон оние кои се инфицирале со вирусот. Фамата дека коронавирусот буквално се пренесува како чума или како вариола вера, придонесува дел од инфицираните да се доживуваат како потенцијална биолошка бомба која ќе ја шири епидемијата, објаснува доктор Дудучки.
Според него, незнаењето и непридржувањето кон препораките за спроведување противепидемиски мерки на индивидуално и на колективно ниво, ги даде ефектите:
Оттука беше анимозитетот кон медицинските лица кои биле инфицирани, но и кон сите други, па дури до степен на колективна параноја по однос на инфицираните. Потребно е лекарите кои се едуцирани од оваа медицинска област, да бидат максимално ангажирани за здравствена едукација на населението, пред сè во поглед на превентивните мерки, кои за воља на вистината, здравствените власти во Република Северна Македонија успешно ги спроведуваат.

Директорот на Клиниката за неврологија, доктор Иван Барбов, вели дека стигматизацијата на пациентите, а особено лекарите позитивни или болни со Ковид 19, во изминатиот период е голема.

Тоа воопшто не е во ред, особено за лекарите кои се инфицирале на работното место, лекувајќи и спасувајќи човечки животи. Но, од друга страна, оваа стигматизација не изненадува, познавајќи го менталитетот на нашиот народ и новонастанатата ситуација која сите нас многу не плаши. Се соочуваме со предизвик, за кој и ние лекарите многу малку знаеме. Соочени со ваков предизвик, луѓето различно реагираат, најчесто со прекумерна реакција, каде спаѓа и стигмата, со паника или со негирање на состојбата, објаснува тој.

 

ПОСЛЕДИЦИ ОД ЖИГОСУВАЊЕТО

Уницеф и Светската здравствена организација во Водич за спречување и справување со општествената стигма на лицата заразени со Ковид 19, наведуваат дека причината поради која стигмата за Ковид 19 е толку голема, е што се работи за нова болест за која има многу непознати и тоа што луѓето честопати се плашат од непознатото. Последиците од жигосувањето на оние што се заразиле со коронавирусот се далекусежни и опасни, зашто предизвикуваат луѓето да кријат дека имаат симптоми за да избегнат дискриминација. Далекусежната и опасна последица од јавното жигосување на пациентите со Ковид 19, е во тоа што пациентите не одат на лекар, се лекуваат самите и ова може да предизвика здравствена катастрофа. За ова предупредува и Американската психолошка асоцијација.

Во студија од Центарот Ниман на Харвард, за тоа како луѓето се однесуваат во пандемии, се наведува дека кога тие ќе станат свесни за ризикот, реагираат пребурно. Ова претерување се отсликува во тоа што тие стануваат премногу вознемирени, преземаат мерки за своја заштита кои се неприкладни, како на пример при пандемија на грип, да се прават домашни аптеки со лекот „Тамифлу“.

 

ЧОВЕЧНОСТА НА ТЕСТ

И во Македонија, за жал го ,,тестиравме” овој своевиден феномен кој допринесе во конкретната пандемија со која се справуваме, лекот „Сумамед“ да се набавува во приватна режија и тоа како превенција, по што министерот за здравство Венко Филипче даде сериозен апел тоа да не се прави, бидејќи станува збор за терапија што мора да биде индицирана од лекар и никако да не се користи како некаква превенција.

Филипче изминатиот период упати низа повици до граѓаните да се издигнат похумани од состојбата која не заобиколи ниту една земја во светот, вклучително и нашата.

Кризите се време кога човечноста е ставена на тест. Ниту заболените од коронавирусот ниту нашите сограѓани сместени во карантин не треба да бидат стигматизирани. Не смееме да дозволиме. Ова е можност да се развиеме како општество, да ги надминеме стигмата и поделбите, да се обединиме во хуманоста и да покажеме дека можеме подобро, апелираше министерот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција