Ковид-19 не е измама, туку таквото тврдење е манипулација и лага

Фото: pixabay.com

Комплетно несериозно е да се кажува дека ковид-19 е измама, во ситуација кога во болниците има голем наплив на пациенти,  се отвораат нови и нови одделенија за да се најде кревет повеќе, медицинскиот кадар е изморен, а процесот на вакцинација доцни. Бројот на активни случаи со коронавирус е речиси 19.000, а од почетокот на пандемијата досега кај нас животот го изгубија над 3.700 лица

Комплетно несериозно е да се кажува дека ковид-19 е измама, во ситуација кога во болниците има голем наплив на пациенти,  се отвораат нови и нови одделенија за да се најде кревет повеќе, медицинскиот кадар е изморен, а процесот на вакцинација доцни. Бројот на активни случаи со коронавирус е речиси 19.000, а од почетокот на пандемијата досега кај нас животот го изгубија над 3.700 лица 

 

Во контекст на пандемијата со коронавирусот, во Фејсбук пост споделена е наводна манипулативна техника на КГБ, (Комитетот за државна безбедност на Русија, кој од 1945 до 1991 беше агенција за државна безбедност на Советскиот Сојуз и истовремено највисока организација за внатрешна безбедност, разузнавање и тајна полиција). И денешната Агенција за државна безбедност на Република Белорусија го употребува името КГБ.

Според постот што го рецензираме и според објавената порака во склоп на овој пост, во шеесетите години на минатиот век, КГБ правела фасцинантни психолошки експерименти и дошла до заклучок дека:

Ако постојано го бомбардирате човека со пораки на страв, за помалку од два месеци луѓето ќе станат со испран мозок и ќе поверуваат во лажната порака. И тоа до степен да не можат да поверуваат во вистината без разлика на тоа колкава количина на точни информации ќе им презентирате подоцна.

На интернет и порано е споделувана оваа порака која нема јасен извор. 

Проблемот е што во постот што го рецензираме, таа се употребува како потврда дека ковид-19 е некаква измама. Односно, оваа порака вели дека со постојаното повторување на изрази од типот: ковид-пандемијата е сериозна, граѓаните да внимаваат, да ги следат заштитините мерки и да носат маски, потоа  со презентирањето на дневните информации за заразени, активни и починати како последица на коронавирусот, всушност, им се ,,пере мозокот со лажна информација за лажна пандемија”.

Ова е сериозна манипулација и спин и се користи за да се поткопа комплетно точната информација – дека пандемијата со коронавирусот е реална.

Овој пост е објавен во ден кога во Македонија има 33 жртви од коронавирусот и во временски период кога пандемијата е најсилна досега, поради тоа што има британски сој на коронавирусот кој е за 70 проценти попренослив. Во болниците има голем наплив на пациенти,  се отвораат нови и нови одделенија за да се најде кревет повеќе, медицинскиот кадар е изморен, а процесот на вакцинација доцни. Бројот на активни случаи со коронавирус е 18.907, а од почетокот на пандемијата до денес животот го изгубија 3.675 луѓе само во Македонија.

Голем број на лекари во земјава предупредуваат дека болниците во кои работат се исполнети до последниот кревет.

Лекарите, исто така, информираат дека сè повеќе помлади пациенти се заразуваат со ковид и тоа поради фактот што имаат голем број незаштитени контакти. Дневно се случува, ширум државата да останат празни само 200 кревети во болниците.

Претседателот на Комисијата за заштита на населението од заразни болести, доктор Жарко Караџовски го нарече британскиот сој на коронавирусот чудовиште и рече дека поради него има полесна трансмисија со потешки симптоми.

Овој британски сој што го имаме од јануари наваму, веројатно и јас и мојата сопруга сме го имале. Не знаеме каде се заразивме, не контактиравме и за три дена ни се комплицираше состојбата. Инкубацијата е сега 3 до 5 дена. Клиничката слика може да се проимени нагло со наводум лесни симптоми, но брзо доаѓаат компликации, од главата, па невролошки испади, бели дробови, срцето, па оштетувања на црниот дроб, на крвните садови, значи мултисистемско зафаќање. Би го нарекол чудовиште затоа што не знаеш кога и како ќе ти се појави изјави Караџовски. 

Така што, комплетно несериозно е да се кажува дека ковид-19 е измама. Вирусот е присутен и земјава се наоѓа во најлошиот дел од нејзиниот почеток, со најголем број на починати.

Антивакциналните наративи, наративите дека ковид-19 е измама, не ги мамат само оние што ги споделуваат, туку и оние кои во нив веруваат, односно нивните последици се долгорочни. Од одредени профили на Фејсбук постојано се споделуваат дезинформации, полуинформации и спинови, со цел да се мотивираат граѓаните да поверуваат дека она што се случува во реалноста, всушност не се случува.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција