Ковид мерките не беа за репресија, туку за спречување на ширењето на вирусот и последиците од него

Фото: cromaconceptovisual auf Pixabay

Наспроти изнесеното во објавата која ја рецензираме мерките за заштита од ковид, не беа со цел да се контролира движењето на луѓето и да се репресираат нивните слободи, туку беше со цел да се контролира ширењето на вирусот и неговите страшни последици врз населението кои доведоа до милиони смртни случаи ширум светот! Кога пандемијата заврши, мерките беа тргнати и граѓаните ги имаат сите слободи. Во услови на пандемии на владите им е дозволено да преземаат мерки и активности коишто првенствено и во главен фокус ќе го стават здравјето на луѓето и нивните животи

Наспроти изнесеното во објавата која ја рецензираме мерките за заштита од ковид, не беа со цел да се контролира движењето на луѓето и да се репресираат нивните слободи, туку беше со цел да се контролира ширењето на вирусот и неговите страшни последици врз населението кои доведоа до милиони смртни случаи ширум светот! Кога пандемијата заврши, мерките беа тргнати и граѓаните ги имаат сите слободи. Во услови на пандемии на владите им е дозволено да преземаат мерки и активности коишто првенствено и во главен фокус ќе го стават здравјето на луѓето и нивните животи

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Не заборавајте: СЗО сакаше да наметне глобален сертификат за дигитална вакцинација за да ги контролира вашите патувања, вашето движење, вашата работа, дали вашите деца ќе имаат право да одат на училиште и генерално да ве лишат од сите човекови права и слобода. Тие планираа оние кои ќе одбијат вакцини да бидат буквално исфрлени од општеството, без право дури и да купуваат храна. Слушнете како зборува директорот на СЗО Тедрос пред и по изборите во САД.Уште пред изборите Трамп рече дека СЗО е корумпирана организација која САД ќе ја напуштат. Веднаш штом победи Трамп, Тедрос објави дека СЗО не присилувала никого на ништо, ниту да се носи маски ниту да примат инјекции за генетска терапија. Мислат дека сме толку дементни што заборавивме дека пред само 2-3 години на луѓето без QR код им беше забрането да патуваат со авиони, во некои земји не им беше дозволено ни да користат јавен превоз, им беше забранет влез во трговски центри и големи продавници, за да одат во ресторан, ги отпуштиле од работа, биле принудени да прават токсични тестови, им било забрането да ги напуштат домовите. Во продавниците не бркаа да ставиме маски, казнуваа луѓе што шетаат во парк, не ги пуштаа децата да си играат надвор. И цело време кога те излудуваа со психо напади на ТВ, знаеја дека сето тоа е само циркус што нема врска со здравјето, а целта беше да ти ја одземат сета слобода и да видат до каде ќе стигнат со потчинувањето. 
Првите невистини во објавата се дека „тестовите за ковид се токсични“ и дека „вакцините се генетска терапија“. Повеќе светски сервиси за проверка на факти многупати објавиле факти со кои потврдуваат дека вакцините против коронавирусот не се генска терапија. Секој брз антигенски тест за детекција на ковид-19 има стапче и реагенс (течност) кои се одвоени едно од друго. Точно е дека само во течноста (а не и на стапчето) од некои брзи антигенски тестови за детекција на ковид-19 има токсични супстанци. Овие токсични супстанци се опасни само ако тестот се употреби на погрешен начин, односно ако не се следи упатството за користење на производителот. Најважното за да не дојде до труење е да не се допре со кожата реагенсот, бидејќи во него има две супстанци коишто може да бидат токсични. Реагенсот кој може да содржи супстанци стручно наречени проклин и содиум азид, треба да се користи на правилен начин, односно онака како што е пропишано во упатството за користење. Не треба да се вдишува, треба да се чува надвор од дофат на деца и да се одбегнува контакт со кожата и со очите. Ако се користи правилно, тогаш брзиот антигенски тест не претставува никакво загрозување на здравјето и животот на луѓето и не е „отровен“.
Сертификатите за патување кои беа воведени во Европската Унија во времето кога ковид пандемијата беше во својот подем и не беше извесно како ќе се развива вирусот и дали ќе придонесе за уште подевастирачки ефекти, односно загуби на човечки животи. Па, затоа за патување беше воведен сертификат со вакциналниот статус на граѓаните. Вакцинални сертификати се користеа во сите 27 држави на ЕУ и во 50 други држави, како што објаснува шефот на СЗО во видеото од објавата што ја рецензираме. Во ситуации кога пандемијата беше опасна, вирусот се ширеше непредвидливо, се губеа човечки животи, здравствените системи беа оптоварени, конкретно во Северна Македонија имаше ситуации во коишто немаше слободен кревет во болниците… Во  една таква загрижувачка ситуација и С. Македонија се приклучи кон начинот на контрола на ширење на вирусот, прифаќајќи ги вакциналните сертификати. Тоа важеше и за лицата кои од странство доаѓаа во С. Македонија како туристи или за други потреби, за да се држи под контрола ширењето на вирусот. Беше пуштена во употреба и дигиталната мрежа за сертификати.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме ништо од ова не беше со цел да се контролира движењето на луѓето и да се репресираат нивните слободи, туку беше со цел да се контролира ширењето на вирусот и неговите страшни последици врз населението кои доведоа до милиони смртни случаи ширум светот!

Кога пандемијата заврши, мерките беа тргнати и граѓаните ги имаат сите слободи.

Точно е тоа што го кажува доктор Тедрос од СЗО во видеото – дека Светската здравствена организација нема моќ да им наметнува на владите на поединечните држави што да прават – туку може само да им помага со научни сознанија, како и со логистика. Сите одлуки кои се споменуваат во објавата што ја рецензираме – носењето маски, вакцинирањето (кое лажно во објавата се нарекува „примање инјекции за генетска терапија“), ограничувањата во рестораните и кафулињата – беа одлука на македонската влада. Владата пак, ги следеше препораките што им ги даваше Комисијата за заштита на населението од заразни болести. Во врска со патувањето со авион беа креирани сертификати во државата, но имаше опција граѓаните да се здобијат и со CommonPass потврдата која е дигитален доказ дека едно лице е вакцинирано против ковид-19 или има негативен резултат од направен тест. Оваа потврда е во дигитална или во печатена форма, со кју ар код беше бесплатна, на англиски јазик, безбедна и сигурна. Ова никако не значеше дека владите ги принудуваа луѓето да се вакцинираат против ковид 19, туку значеше дека ако не се вакцинираат нема да може да патуваат. Во дадениот момент, владите на државите ширум светот сметаа дека опасноста од ковид 19 е голема каква што и беше, па затоа како една од мерките да се сузбие вирусот и неговото ширење, беа воведени овие вакцинални сертификати. Вакцините како што се покажа не само на локално, туку и на светско ниво, беа најефикасниот метод за обезбедувањето на колективниот имунитет. 

Сето наведено во објавата што ја рецензираме дека на луѓето без кју ар код за примени вакцини им било забрането да патуваат, не е резултат на СЗО, бидејќи СЗО нема надлежности да им кажува на владите што да прават – туку беше резултат на европски консензус меѓу државите за да се контролира ширењето на вирусот. Сето тоа не беше за намалување на слободите на граѓаните како што невистинито се тврди во објавата која ја рецензираме, туку со цел да се заштити населението од опасната болест и нејзините девастирачки последици по колективното здравје, но и економијата. Кога станува збор за вирус кој се шири по пат на воздух, нормално е да се воведат епидемиолошки мерки во јавниот превоз и да се носат маски за да се контролира ширењето на вирусот. Во македонското здравство Законот за заштита на населението од заразни болести е тој што беше дури и променет за да се прилагоди македонското законодавство на сите превентивни привремени мерки за заштита на населението од ковид-19 кои требаше да се воведуваат или во одредено време или на подолг временски период. Сите мерки на крајот од пандемијата беа укинати. Ниедна од нив не беше за контрола на населението како што невистинито тврдеа антивакциналните движења во текот на пандемијата туку сите беа поради болеста ковид -19.

Не е вистина дека цело време кога населението било предупредувано за ковид вирусот тоа било „циркус што нема врска со здравјето“ а „целта била да се одземат слободите и да се види до кај ќе се стигне со потчинувањето“. Кога опасноста од коронавирусот беше тргната граѓаните во целост можеа да ги користат сите свои права, кои во одредени периоди им беа ограничени, за нивно добро, поради тоа што ограничувањето на правата во услови на опасност од заразна болест е неминовно, поради колективното здравје. Вакцинацијата особено помогна да се стави пандемијата под контрола во светски рамки.

СЗО е формирана во 1948 година како специјализирана агенција на Обединетите Нации со широк мандат да биде координативно тело за интернационални здравствени прашања, да им помага на државите да одговорат на јавно здравствени закани како ковид-19.

Во објавата што ја рецензираме, исто така, се споделува видео од Доналд Трамп како вели дека САД ќе ја прекине соработката со СЗО. Тоа е од мај 2020 година.

Владата на САД активно соработуваше со СЗО со обезбедување финансиска и техничка поддршка, како и учествувајќи во управната структура на СЗО. САД се историски едни од најголемите финансиери на СЗО, со финансиска поддршка која годишно се движи меѓу 163 и 816 милиони долари. Во 2020 година администрацијата на Трамп времено престана да ја финансира СЗО и иницираше процес да ја отчлени САД од СЗО. Овој процес не се материјализираше долго од причина што во 2021 година од него се откажа администрацијата на Бајден. Заканата упатена од Трамп беше многу критикувана од медицинската заедница, дури и во научни етаблирани списанија како Лансет. 

СЗО обезбедува техничка поддршка на земјите, ги поставува интернационалните здравствени стандарди и обезбедува водство за здравствени прашања, координира и поддржува интернационални одговори на здравствени катастрофи како ширење на пандемии и болести и промовира и се залага за подобро здравје во глобални рамки.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција