Ковид пандемијата во заден план ги стави другите болести за детекција и лекување
Покрај стравот да се оди на лекар поради ковид, за задоцнетата детекција на другите дијагнози значително допринесува намалениот обем на термини за преглед кај специјалист. Пандемијата ги извади на површина и проблемите со недостигот на медицински кадар па другите патологии коишто не се поврзани со ковид
Покрај стравот да се оди на лекар поради ковид, за задоцнетата детекција на другите дијагнози значително допринесува намалениот обем на термини за преглед кај специјалист. Пандемијата ги извади на површина и проблемите со недостигот на медицински кадар за другите патологии коишто не се поврзани со ковид
Пишува: Мирослава Бурнс
Пандемијата со ковид-19 ги стави во заден план редовните контроли и детекцијата на другите патологии, велат за „Вистиномер“ матичните лекари и специјалистите кои ги контактиравме. Тие апелираат граѓаните да не се плашат да одат на лекар, за редовните контроли на срцето, белите дробови и другите здравствени аспекти, како и да ги прават рутинските прегледи на тироидната жлезда, ПАП тест, мамограм и сето она кое што е составен дел од грижата за сопственото здравје.
Покрај факторот на страв да се оди на лекар поради ковид, има уште еден фактор кој допринесува за доцна детекција на другите дијагнози, а тоа е намалениот обем на термини за преглед кај специјалист, тврдат лекарите.
СИСТЕМОТ МОЈ ТЕРМИН ПРЕБУКИРАН
Доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, вели дека бројот на малигнитети, карциноми на дојка, мезотелиом (редок тумор кој се јавува на плеурата и во минатото не бил честа појава), сега во нејзината ординација се детектира со зголемен интензитет.
Во минатото не се случувало да имам пациенти со мезотелиом, а сега имам две пациентки во еден ист месец. Во иста амбуланта два случаи, во еден месец. Многу е во пораст туморот на дебело црево. Не можеме само за ковид да разговараме, кога луѓето страдаат и умираат и од аритмии, миокардити, тромбови. Во пандемијата голем број пациенти се плашеа да одат на лекар, па доцна се открија карциноми на белодробие. Луѓе кои никогаш не биле пушачи, се случуваше да починат од карцином. Се работеше за пациенти кои пет месеци седеле дома и се плашеа, а кога дојдоа во мојата ординација, веќе беа со метастази и многу брзо потоа починаа. Да се дојдеше на време сите здравствени субјекти ќе можевме нешто да преземеме навреме да се дијагностицира, да се оперира и да се даде хемотерапија во зависност каков тип на тумор е, вели доктор Чолакова Дервишова.
Таа вели дека во системот „Мој Термин“ има рестрикции за препраќање на пациентите од матичен лекар на специјалист.
Во Мој Термин нема доволно термини за рутински прегледи и ги праќаме пациентите на специјалист со итни упати. Не можеме да најдеме термин, зашто откако е ковид кризата, огромен број од специјалистите воопшто не се ставаат на термин. Функционираме со итни упати кои важат седум дена. Па и тие ги блокираат, па единствено ни останува итен упат да му напишеме на пациентот и да го пратиме лично директно на Клиника, па кога ќе го видат во каква состојба е, има опција самиот специјалист да креира упат, додава Чолакова Дервишова.
Според неа, пандемијата ги извадила на површина сите проблеми со недостигот на медицински кадар за другите патологии, кои што не се ковид.
Пациентите ми се жалат дека не можат да дојдат на контрола за стентови. Имаат проблеми тие што имаат пејс мејкери. Едноставно тешко се резервира термин. Мал е бројот на одредени гранки специјалисти како офтамолози, на пример. Ако имате нов дијагностициран пациент и да треба да му закажете преглед во Скопје, тогаш му закажуваат термин за два до три месеци за колоноскопија. Па луѓето отидоа во приватните клиники. Каде може еден карцином да чека три месеци? Затоа имаме еден куп пациенти кои одат во приватните болници и амбуланти да направат испитувања брзо и да се оперираат. Има дијагнози кои не чекаат, секоја секунда е драгоцена, децидна е Чолакова Дервишова.
СЕ ТРЕТИРААТ САМО УРГЕНТНИ СЛУЧАИ
Доктор Александра Георгиева, претседателка на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, инаку специјализант на Клиниката за кардиологија, вели дека има застој во амбулантското работење.
Ефективно во моментот редовните амбуланти на докторите специјалисти, ако имате шанса да закажете кај доктор специјалист, се укинати. На пример, на Клиника за кардиологија, редовни амбуланти, редовни прегледи немаме. Се оди преку ургентна и приоритетна амбуланта. Се третираат само ургентни состојби или пациенти кои веќе подолго време не биле лекувани, па добиваат приоритетен упат кој важи седум дена. Така што, ефективно има застој и нормално намален е волуменот на пациенти што се хоспитализирани зашто најголем дел од болниците, еден дел од просториите и кадарот ги имаат дадено за ковид. Има два фактори. Факторот страв кај пациентите дека доколку дојдат во болница ќе се заразат, особено пациенти кои не се вакцинирани. Најчесто стравот кај вакцинираните пациенти е редуциран, што е оправдано, зашто тие имаат одредено ниво на заштита па дури и при зараза не би дошло до посериозни компликации. И втората причина поради која пациентите доаѓаат доцна на преглед е тоа што не е оперативен ,,Мој термин” и не можат да закажат термин кај докторот кој ги води. Чекаат со надеж дека ќе бидат укинати тие мерки, но мерките веќе опстојуваат многу долго време и доаѓаат многу доцна кога состојбата ќе им се искомплицира во некоја ургентна амбуланта, најчесто навечер, изјави доктор Георгиева за „Вистиномер“.
На прашањето дали може да наведе на кои клиники оваа состојба е најизразена, таа рече дека се повеќе.
Не можам да наведам конкретна клиника. Се случува на сите клиники, сите интернистички клиники, односно 70 проценти од нив имаат дадено дел од своите простории за ковид пациенти. На пример, Клиниката за нефрологија, гастроентерохепатологија, уво нос и грло, очна клиника, кардиологија, неврологија е веќе долго време букирана, клиниката за кожни болести е многу долго време ковид центар, така што ова се клиники каде редовната патологија навистина многу трпи, посочи доктор Георгиева.
Нејзиниот колега, доктор Иле Кузманоски, специјалист на Клиниката за кардиологија, вели дека состојбата во текот на летото била подобра, односно имало термини за дијагностички постапки. Но, при крајот на летото и почетокот на есента, кога евидентирано беше зголемување на бројот на ковид позитивни во земјава и кадарот и болничките капацитети се ориентирани најмногу на ковид.
Од пред околу десетина дена ги укинале и термините и голем дел од дијагностичките постапки. Беа пуштени еден период во летото, а сега од пред некој период ги укинале повторно, термините се тргнати. На пример, стрес тест, холтер, за крвен притисок, за дел од тие постапки нема термини. Ако некој дојде со акутна состојба ние секако ќе го истретираме и ќе направиме дел од тие дијагностики, но само за акутна состојба, а кај хроничните пациенти со закажување преку матичен или слично, термините се повлечени, ги нема од пред некое време и во дел од амбулантите за дијагностика се намалени прегледите, вели доктор Кузманоски.
„Вистиномер“ се обрати и до директорот на Институтот за трансфузиона медицина, доктор Садула Усеини. Во оваа институција, ковид пандемијата не создала никаков застој во континуитетот и обемот на собрани единици крв, односно состојбата со донациите на крв е „како да нема пандемија“.
За шест месеци собрани се 24.633 единици крв. Тоа значи дека планираното е остварено. Во моментот располагаме со доволни количества на крвни продукти во сите болници ширум земјата. Има 1.637 единици на еритроцитен концентрат вкупно. Потребите од тромбоцитен концентрат се задоволуваат постојано најчесто за хемато-онколошки пациенти, а се издвојува од даруваната крв, но може да се добие и преку дарување на тромбоцити со аферезна процедура на клеточен сепаратор. Веќе Институтот има регистер на дарители на крв и регистер на дарители на тромбоцити. Свежо смрзната плазма секогаш имаме во доволни количини. Продолжуваме со дарување на конвалесцентна плазма која се добива од оздравени лица од ковид 19. Во резерва имаме 49 единици и имаме континуиран прилив и ги обезбедуваме сите барања на ковид центрите. Благодарам на сите хумани луѓе кои даруваат крв, даруваат тромбоцити и конвалесцентна плазма и помагаат на нашите пациенти, вели доктор Усеини.
Секоја година на 15 септември се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за лимфом. Кон одбележувањето на овој ден во ек на ковид пандемијата се приклучи ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија со апел до населението за сеирозноста на лимфомот како заболување, и важноста од негова рана детекција и навремено лекување што е можно само преку заедничка соработка на пациентите со лекарите.
Директорката на Клиниката за хематологија, доктор Ирина Пановска Ставридис, вели дека од почетокот на пандемијата забележано е континуирано опаѓање на бројот на новодијагностицирани пациенти со лимфом, што, за жал, се должи на ненавременото посетување на матичните лекари, со што се пролонгира раното дијагностицирање кое е од огромна важност кај малигните заболувања.
Хематологија не престана да работи, меѓутоа, за жал, пациентите не доаѓаа. Ние воведовме и втора смена, и амбуланта, но имаме намалена инциденца, што не значи дека има помалку малигни заболувања, туку луѓето не доаѓаат откако почна ковид. Годинава е најзначајна промената. Има и публикувани податоци од САД дека за 40 проценти се намалени превентивните прегледи таму, откажувале луѓето, едноставно не доаѓале, посочи доктор Пановска Ставридис.
Клиниката за хематологија во Скопје отвори електронска амбуланта со која се поедноставува комуникацијата меѓу матичните лекари и хематолозите. Редовното одење на преглед и следењето на хроничните состојби е составен дел од успешното справување со здравствените дијагнози, затоа што на таков начин, се овозможува поголема шанса да тие да се третираат навремено и да се направи сè што е во моќ на лекарите за здравјето на луѓето.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар