Ковид пасошите не се планирани 7 месеци пред да избие пандемијата во Вухан

Фото: europeanbestdestinations.com

Како дезинформација и манипулација ја оценуваме констатацијата дека ковид вакцинални пасоши биле планирани 2 години пред пандемијата со коронавирусот, а потоа ковид пандемијата била ,,измислена”. Двете работи се одделни и неповрзани. Вакциналниот пасош планиран во 2018 година, се однесува на различни вакцинални распореди на земјите членки на ЕУ, односно за вакцини кои во тој период постоеле.

 

Во пост објавен на Фејсбук, се тврди дека ковид пасошите биле планирани 7 месеци пред да избие пандемијата во Вухан. За оваа дезинформација да се направи поуверлива за читателот се инсинуира дека ова тврдење е поткрепено со „документи“.

ШОКАНТНИ ДОКУМЕНТИ. (КОВИД ПАСОШИТЕ ПЛАНИРАНИ СЕДУМ МЕСЕЦИ ПРЕД ДА ИЗБИЕ ПАНДЕМИЈАТА ВО ВУХАН). Ковид пасошите кои денес ни ги сервираат, како единствен начин да се отворат границите всушност однапред планирани за контрола на човечката популација – НЕОПХОДНА ПАНДЕМИЈА! Дури не се потрудиле документите да ги отстранат, затоа што знаат дека мнозинството луѓе се пред телевизорите а малкумина истражуваат. Знаат дека има глупи, кои слепо им веруваат, а овој текст со документи и докази, ќе го прогласат за ЛАЖНА ВЕСТ и ќе речат: Не, ДОКУМЕНТОТ ОД ЕК на е доказ дека пандемијата е планирана, пишува во постот и додаден е линк од напис објавен на портал

Но, вистината е многу поинаква. Она кое што било планирано во 2018 година од страна на Европската Комисија, е, всушност, вакцинален пасош кој воопшто не е поврзан со ковид, туку со било која вакцина, со цел полесно електронски да се поврзат системите со здравствени податоци за граѓаните меѓу себе, со цел да се интегрираат и да се направи полесен протокот на патници на ниво на ЕУ. Во документот кој е линкуван и цитиран во текстот, не се споменува вакцинација со пасош, кој е ковид пасош. И тука е главниот проблем.

Значи, во пасошот кој што бил планиран во 2018 година, не било планирано да се дава ковид вакцина, зашто немало коронавирус и пандемија од ковид на светско ниво. Фактот што ЕК планирала да воведе ваков интегриран дигитален систем на европско ниво, не значи дека тие вакцинални пасоши биле ,,ковид пасоши”. Лажно е и манипулативно тврдењето изнесено во постот кој го рецензираме дека ковид пасошите се однапред планирани за контрола на човечката популација и дека била создадена ,,неопходна пандемија”. Вакцинален пасош во 2018 година, во контекст на документите објавени од Европската Комисија, не е исто што и ковид пасош во 2021 година. Дезинформација е и дека вакциналните пасоши кои биле идеја во 2018 година, значат дека пандемијата е планирана. Едноставно, доколку не се појавеше ковид-19, тогаш овие вакцинални пасоши ќе ги содржеа во нив информациите за другите вакцини на граѓаните на ЕУ, само во електронска форма.

За каков, всушност, „шокантен документ“ се работи? Станува збор за сумирана информација од состанок на мрежата еHealth, одржан на 13 ноември 2018 година. Документот уште е објавен на страницата на Европската Комисија и во него пишува дека препораката предвидува изработка на систем за споделување на информации на европски вакцини (ЕВИС). Не пишува дека се тоа ковид вакцини, туку вакцини општо.

Во документот пишува:

Препораката ја охрабрува намерата на Комисијата да испита дали е возможно да се развие заеднички вакцинален пасош-вакцинална карта, кој ќе биде компатибилен со електронските системи за имунизација и признаен за користење меѓугранично. Европската Комисија моментално подготвува проект за да ја испита можноста и опциите за заеднички вакцинален пасош за граѓаните на ЕУ.

Ковид во овој документ ниту се споменува, ниту може да се споменува, затоа што вирусот во 2018 година не постоеше, како ни пандемијата. Не постојат докази дека изработката на електронски систем за вмрежување на информациите за вакцинираните на ниво на ЕУ е ,,план за пандемија или план за депопулизација”. Како би можело тоа да биде случај? Тоа е едноставно невозможно.

Дури и кога би постоел европски интегриран систем за вакцинални пасоши, тоа не значи дека со него се врши депопулизација на населението или дека пандемијата е планирана. Едноставно, Европската Комисија 2 години пред појавата на пандемијата со коронавирусот планирала да ги интегрира информациите за вакцинација на граѓаните на ЕУ во електронски систем со кој може меѓугранично да се патува.

Како што може да се види на следниот линк во планот од 2018 година стои дека вакциналниот пасош ќе ги земе предвид и ќе ги интегрира потенцијално различните вакцинални распореди од повеќе различни земји во ЕУ, треба да е компатибилен со електронските податоци од информациските системи за имунизација и треба да е прекугранично признаен, односно дека со него не треба да се дуплира работата на национално ниво.

Ковид пасошот е предложен на 17 март 2021 година, долго време откако вакцината против ковид почна да се дава на граѓаните од различни земји од светот. Тој не е предложен седум месеци пред да избие пандемијата, како што лажно се тврди во постот.

Поради сето горенаведено, како дезинформација и манипулација ја оценуваме констатацијата дека ковид вакцинални пасоши биле планирани 2 години пред пандемијата со коронавирусот, а потоа ковид пандемијата била ,,измислена”. Двете работи се одделни и неповрзани. Вакциналниот пасош планиран во 2018 година, се однесува на различни вакцинални распореди на земјите членки на ЕУ, односно за вакцини кои во тој период постоеле.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција