Ковид вакцините не содржат наночестички, ниту пак, Кина развива некакви генетски модифицирани војници

Вакцина на „Фајзер“ Фото: U.S. Secretary of Defense, Public domain, via Wikimedia Commons

Објавата ја шири теоријата на заговор дека ковид пандемијата била испланирана за да се вакцинираат луѓето со генетски модифицирани вакцини, кои содржеле наночестички кои преку зрачење во урбани средини (најчесто ова се поврзува со 5Г мрежата) би можеле да доведат до мозочна смрт кај луѓето. Во вакцините против ковид-19, нема мРНК модифицирачка трансхуманистичка нанотехнологија. Во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, мРНК се наоѓа во „липидна капсула” или попрецизно, во обвивка од масти, која е опишана како наночестичка. Префиксот „нано” само значи дека е мала, а не дека е нанотехнологија. Тврдењето, пак, дека Кина развива некакви генетски модифицирани војници со вештачка интелигенција е засновано на шпекулации и извештаи во медиумите и нема цврсти докази

Објавата ја шири теоријата на заговор дека ковид пандемијата била испланирана за да се вакцинираат луѓето со генетски модифицирани вакцини, кои содржеле наночестички кои преку зрачење во урбани средини (најчесто ова се поврзува со 5Г мрежата) би можеле да доведат до мозочна смрт кај луѓето. Во вакцините против ковид-19, нема мРНК модифицирачка трансхуманистичка нанотехнологија. Во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, мРНК се наоѓа во „липидна капсула” или попрецизно, во обвивка од масти, која е опишана како наночестичка. Префиксот „нано” само значи дека е мала, а не дека е нанотехнологија. Тврдењето, пак, дека Кина развива некакви генетски модифицирани војници со вештачка интелигенција е засновано на шпекулации и извештаи во медиумите и нема цврсти докази

 

Анализираме објава на Фејсбук која меѓу другото вели:

…Во едно неверојатно интервју, молекуларниот биолог д-р Кахил тврди дека смртоносните епидемии можеби не се она што изгледаат.

Според Кахил, таен коктел од метални наночестички, инјектирани преку в-те против K-19, и „микро-експлозии на зрачење“ во урбаните средини би можеле да предизвикаат симптоми како мозочни крварења и мини-мозочни удари.

Овие ненадејни, тешки невролошки настани би можеле лажно да се претстават на јавноста како ебола или други хеморагични вируси – предизвикувајќи страв, блокади и биобезбедносни мерки под лажни изговори!

Кина развива генетски модифицирани супер војници со вештачка интелигенција!

Теоријата на заговор дека пандемијата со ковид-19 била испланирана за да се вакцинираат луѓето со генетски модифицирани вакцини, кои имаат за цел да ги чипираат луѓето и потоа да ги контролираат преку 5Г мрежата, не е ништо ново и Вистиномер на оваа тема има пишувано многу текстови. И објавата што ја анализираме се обидува да ја шири оваа теорија на заговор посочувајќи дека вакцините против ковид содржеле наночестички кои преку зрачење во урбани средини (најчесто ова се поврзува со 5Г мрежата) би можеле да доведат до мозочна смрт кај луѓето.

Тврдењата дека ковид вакцините, кои беа изработени со мРНК технологијата, содржат ГМО и нанотехнологија се лажни. Во вакцините против ковид-19, нема мРНК модифицирачка трансхуманистичка нанотехнологија.

мРНК технологијата потекнува од 1990, но за време на пандемијата за првпат се користеше во широко употребувани вакцини. Во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, мРНК се наоѓа во „липидна капсула” или попрецизно, во обвивка од масти, која е опишана како наночестичка. Префиксот „нано” само значи дека е мала, а не дека е нанотехнологија.

Тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните, експерти по имунологија ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица.

Професорот на Универзитетот Квинсленд, Кит Чапел вели дека тврдењето за нанотехнологија во вакцините е смешно.

мРНК вакцините содржат наночестички ама тие се состојат од липиди и молекули на холестерол. Овие се слични на микроскопски точки од масти коишто ја носат вакцината во клетките. Ова дефинитивно не се електронски компоненти и ова нема смисла на ниедно ниво, изјави тој.

5Г мрежата која се поврзува со овие наводни наночестички кои се активираат со зрачење, нема никаква врска со вакцините. Теоријата на заговор дека 5Г мрежата и некакви непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува, па дури и идеите дека со непостоечките чипови ќе се контролира мисловниот процес на индивидуата која е вакцинирана, е само смешна теорија на заговор, непоткрепена со никакви факти, невтемелена во реалноста. 5Г технологијата во комуникациите и вакцинацијата во здравството не се поврзани.

Дека нема поврзаност и нема никакво влијание 5Г мрежата врз коронавирусот беше потврдено уште во почетокот на 2020 година. Речиси сите релевантни институции излегоа со извештаи дека нема докази оти оваа мрежа има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје.

Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје.

И по многу направени истражувања, досега не е забележано ниту едно штетно влијание врз здравјето кое е предизвикано од изложување на безжичната технологија, се наведува во објаснувањето на СЗО.

Што се однесува до тврдењето дека смртта од наночестичките во вакцините на луѓето ќе им се претстави како некој смртоносен вирус, односно ебола, исто така нема никаков допир со фактите и реалноста. Еболата е реален вирус, заболување кај човекот предизвикано од вирусот ебола. Иако не се знае со сигурност како се пренела еболата од животните на луѓето, преносот бил направен преку контакт со заболено диво животно (шимпанза, горили, бабуни) или големите лилјаци кои јадат овошје.

Првата позната епидемија на ебола се случила меѓу јуни и ноември 1976 година, во Нзара, Јужен Судан (тогаш дел од Судан), и била предизвикана од суданскиот вирус (SUDV). Оваа епидемија опфатила 284 лица, од кои 151 заболен завршиле со смрт. Првиот заболен бил регистриран на 27 јуни во продавница на фабриката за памук во Нзара, кој бил однесен во болница на 30 јуни, и починал на 6 јули. Медицинскиот персонал на Светската здравствена органзација вклучен во лекување на епидемијата знаел дека се работи за дотогаш непозната болест, именувањето на вирусот и неговото идентификување се случило по неколку месеци во Заир.

Временски гледано, еболата се појавила многу пред појавата на ковид-вакцините, така што тие не можат да се доведат во никаква релација.

Што се однесува до тврдењето дека Кина развива некакви генетски модифицирани војници со вештачка интелигенција е претежно засновано на шпекулации и извештаи во медиумите и нема цврсти докази.

Во декември 2020, поранешниот директор на американското Разузнавање Џон Ратклиф, изјави дека „американското разузнавање покажува дека Кина спроведувала човечки тестирања на припадници на Народно-ослободувачката војска, со цел да создаде биолошки подобрени способни војници“.

Овој став беше потврден од аналитичарите Елса Каниа и Вилсон Ворндик, кои во 2019/20 укажаа дека кинески воени научници ги истражуваат можностите на CRISPR и други технологии за поттикнување на перформансите на човекот.

Сајтот за проверка на фактите Сноупс во 2021 година оцени дека нема докази оти Кина спроведува генетски модификации на вистински луѓе со цел создавање супер-воjници – тврдењето го прогласи за „непотврдено“.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција