Ковид вакцините во Австралија не се „контаминирани со ДНК“ и не предизвикуваат рак
Објавата шири страв и паника и невистинито тврди дека 60 милиони администрирани дози ковид вакцини во Австралија биле „контаминирани со ДНК“, нешто што според авторот на објавата ќе предизвикува карцином и други здравствени катастрофи за луѓето што ги примиле вакцините. Меѓутоа, австралискиот регулатор за одобрување на вакцини, е дециден дека станува збор за дезинформации кои потекнуваат од аматерски спроведени истражувања на мал број примероци вакцини. Проблемите со овие истражувања наведени од страна на ТГА се бројни и вклучуваат селективно известување и селективна валидација на методите, проблеми со примероците, проблематичен статус на лабораториите. Како што пишува на сајтот на ТГА, во врска со овие дезинформации – некои од лабораториите одбрале да истражуваат нивоа на ДНК во мРНК вакцините преку тест наречен „флуорометрија“, кој е познат по тоа што ги преценува нивоата на ДНК во присуство на мРНК
Објавата шири страв и паника и невистинито тврди дека 60 милиони администрирани дози ковид вакцини во Австралија биле „контаминирани со ДНК“, нешто што според авторот на објавата ќе предизвикува карцином и други здравствени катастрофи за луѓето што ги примиле вакцините. Меѓутоа, австралискиот регулатор за одобрување на вакцини, е дециден дека станува збор за дезинформации кои потекнуваат од аматерски спроведени истражувања на мал број примероци вакцини. Проблемите со овие истражувања наведени од страна на ТГА се бројни и вклучуваат селективно известување и селективна валидација на методите, проблеми со примероците, проблематичен статус на лабораториите. Како што пишува на сајтот на ТГА, во врска со овие дезинформации – некои од лабораториите одбрале да истражуваат нивоа на ДНК во мРНК вакцините преку тест наречен „флуорометрија“, кој е познат по тоа што ги преценува нивоата на ДНК во присуство на мРНК
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал од професор Иан Брајтхоуп, кој во текот на ковид пандемијата ширеше дезинформации за наводна „детоксификација од ковид вакцини“, а кој во конкретниот видеоматеријал шири паника и нови дезинформации за наводна „контаминација на ковид вакцините во Австралија со ДНК што несомнено ќе доведе до турбокарциноми и болести што може да се превенираат“.
Во видеото Брајтхоуп тврди дека „60 милиони контаминирани вакцини со ДНК им биле администрирани на луѓето во Австралија“ а „здравствените власти во Австралија одбиле да ги следат тековите и трендовите за стапките на карцином пост-вакцинацијата“.
Со оглед на масовните нивоа на контаминација со ДНК во австралиските вијали, мора да очекуваме раст во карциномите, генетски нарушувања во Австралија. Овие генетски вакцини никогаш не требаше да се дозволат. Технологијата никогаш не беше докажана како ефективна во превенција на инфекција од коронавирус. Технологијата беше докажано небезбедна уште пред да почне да се користи во 2021 година, вели тој во видеото.
Во објавата што ја рецензираме пишува:
Игнорирајте го постот, Теорија на заговор е, но смртта која се повеќе царува по светот, не може да ја игнорирате! Ова е дел од програмот Депопулација, во кој се вклучени сите влади, вклулително и македонската. Ова е продолжение на Менгеле програмите, односно истата таа фашистичка линија на убивање на народите. Најуспешниот метод е метод на овца, затупување на масите со пропаганди. Кога ние протестиравме како политичка партија Родина Македонија против присилната вакцинација, често не нарекуваа антиваксери, забегани, итн. Јас можам да кажам дека ние нашата должност како луѓе ја исполнивме, го кренавме гласот и јасно, гласно и јавно проговоривме токму за последиците од масовно спроведување на глобалистичките агенди на депопулација. Потресниот момент кога професорот Иан Брајтхоуп се расплакува пред илјадници луѓе во Перт кога сфаќа дека 60 милиони смртоносни вакцини биле спроведени на невини Австралијци кои сега предизвикуваат смрт и турбо рак.
Од каде потекнува гласината за „контаминација на вакцините во Австралија со недозволени количини ДНК“? Одговорот може да се добие од неодамнешното соопштение на австралискиот регулатор на лекови, кој во официјално соопштение ги нарече ваквите тврдења за загаденост на вакцините со ДНК – дезинформација. Како што пишува во соопштението од австралискиот владин регулатор Therapeutic Goods Administration (ТГА), агенцијата е свесна за дезинформации во медиумите и онлајн извештаи каде се тврди дека ковид мРНК вакцините се „контаминирани со високи нивоа на ДНК“.
Ова не е точно. Овие извештаи се базирани на студии кои се спроведени од мал број на лаборатории кои се обидоа да ја истражат количината на ДНК во ковид вакцините. Иако ТГА постојано ги прегледува најновите научни докази за безбедноста на вакцините и другите биотехнолошки производи, овие неодамнешни студии не успеваат да ја применат неопходната научна строгост којашто е очекувана во фармацевтското тестирање. Како такви, резултатите не се робустни, цврсти и сигурни и создаваат конфузија и загриженост во врска со безбедноста на вакцините, пишува на сајтот на Therapeutic Goods Administration, Австралија.
Проблемите со овие истражувања наведени од страна на ТГА се бројни и вклучуваат селективно известување и селективна валидација на методите, проблеми со примероците, проблематичен статус на лабораториите. Како што пишува на сајтот на ТГА, во врска со овие дезинформации, некои од лабораториите одбрале да истражуваат нивоа на ДНК во мРНК вакцините преку тест наречен „флуорометрија“, кој е познат по тоа што ги преценува нивоата на ДНК во присуство на мРНК.
Ова е поради фактот што флуоресцентната боја користена во овие тестови, се сврзува со ДНК, (што може да биде присутна неколку минути) и со мРНК која е главната состојка на ковид вакцините. Ова води кон неточни ДНК нивоа кои се покажуваат во овие тестови. Методите за тестирање на лековите се одобрени од регулаторите и бараат докази дека тие методи се соодветни за целта што се сака да се постигне. За тоа има и правилник. Тестот за да се смета за точен и прецизен, мора да исполни критериуми. Кога ќе се аплицираат овие критериуми, метододот „флуорометрија“ кој е користен во случајот за да се измери ДНК – не ги исполнува стандардите за специфичност. Специфичноста значи способност на тестот да ја измери количината на супстанцата што е од интерес (во случајов ДНК), а притоа да не ги мери и сличните супстванци (во случајов мРНК), се наведува во соопштението на ТГА.
ТГА ја осигурува јавноста дека ковид-19 вакцините кои се одобрени во Австралија, пред употреба биле под ригорозна контрола и ги задоволиле највисоките стандарди за безбедност, квалитет и ефикасност. Оттаму додаваат дека бенефитите од вакцинацијата далекусежно ги надминуваат потенцијалните ризици. Слична изјава од медицинските регулатори ширум светот, го потврдуваат добриот безбедносен профил на вакцините против ковид-19.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме – не може да се каже дека 60 милиони дози од ковид вакцините администрирани во Австралија биле контаминирани. Ова ТГА го кажува во соопштение.
Некои од овие студии користат многу мал број на примероци – на пример само три вијали. Студиите исто така користат примероци кои се со истечен рок. Некои примероци веќе биле отворени и користени. Тие не може да се соодветни за тестирање. Потеклото на овие примероци исто така не е јасно. Ова значи дека голем број податоци за вијалите не се познати односно не се знае од каде се добиени, нивната локација или температура пред и за време на тестирањето. Вијалите со вакцините мора да се транспортираат преку ладен ланец каде температурата мора да е во специфичен опсег и да биде мониторирана за време на транспортот. Вијалите кои се испратени во Австралија мора да се прилагодени на овие барања и ТГА проверува дека ова се прави. Но, примероците користени во овие студии, не биле чувани во системот на ладен ланец и немале списоци со мерена температура со нив, информира ТГА.
Регулаторот го демантира и изнесеното во објавата во врска со „турбо карциноми“ или „појава на голем пораст на случаите со карцином после примањето на вакцините против ковид-19“.
До денеска, ниту ТГА ниту кој било друг интернационален регулатор нема воспоставено каузална врска меѓу ковид вакцините и кој било вид на карцином. Нема докази дека мРНК вакцините или биолошките медикаменти користени во Австралија резултираат со интеграција на остатоци на ДНК во човечкиот ДНК геном. Ова вклучува производи како инсулин, кој е инјектиран неколкупати во денот долгорочно, до крајот на животот. Во комбинираните репродуктивни и развојни студии врз животни во кои се користеше 200 пати повисока доза на мРНК вакцините – немаше несакани ефекти за машка или женска неплодност, смрт на фетуси, дефекти при раѓањето или развојни потешкотии. Доказите од повеќе од 13 милијарди дози ковид вакцини дадени ширум светот, покажуваат дека ковид вакцините имаат многу добар безбедносен профил во сите возрасни групи. Бенефитите на одобрената вакцина, далекусежно ги надминуваат можните ризици, пишува ТГА.
ТГА исто така го оспорува и фактот дека освен што овие лаборатории не работеле според признаена и точна методологија, исто така не се знае ни дали се акредитирани.
Нема докази дека овие лаборатории имаат сертификат за добри практики кој е неопходен за лабораторија да спроведува признаено тестирање за фармацевтски компании. Ниту пак лабораториите имаат ИСО акредитација, а сите овие акредитации осигуруваат дека резултатите ќе бидат робустни и точни, пишува на сајтот на ТГА.
Таму се додава дека ДНК е одобрен стартен материјал за многу биотехнолошки производи. Ова ги вклучува и рекомбинантните протеини како инсулин, хормони за раст, автоимуни терапии и други вакцини, како и мРНК вакцините.
Остатоци од ДНК може да се присутни во многу мали количества во мРНК ковид вакцините и други биотехнолошки производи. Остатоците од ДНК е количеството на ДНК кое останува после процесирање и прочистување на лекот и е присутно во мали фрагменти. Производите во кои се користи ДНК како почетен материјал имаат строги лимити за количеството на остаток на ДНК кој може да биде присутен во крајниот лек. Медицинските производи произведени со биотехнологија се користат од страна на милиони пациенти последните 40 години. Во тоа време производите кои имаат остатоци од ДНК под дозволениот лимит се покажаа како многу мал ризик за безбедноста на луѓето. Способноста на производителот да ги минимизира количините на ДНК што останува и релевантно да го тестира тоа ниво за време на производствениот процес, е ригорозно евалуирана од страна на ТГА и други интернационални регулатори пред да се добие одобрението. Протоколот за производство заедно со резултатите од тестовите, мора да се дадат на ТГА за секоја група на вакцини која е ставена во промет во Австралија. Секоја финална група на мРНК ковид вакцини (batch) пуштена во промет во Австралија ги има постигнато регулаторните барања и стандарди за концентрации на остатоци на ДНК. До денеска ТГА независно тестираше 27 групи на ковид вакцини (batches) за да го потврдиме нивото на остатоци на ДНК концентрација во финалниот производ. Вакцините ги постигнаа бараните нивоа, наведува ТГА, додавајќи дека во сите имало помалку од 10 нанограми по доза.
Овие количини се одобрени од Светската здравствена организација, како и Агенцијата за храна и лекови на САД и други интернационални регулаторни агенции.
Вистиномер веќе ги има дебанкирано изнесените дезинформации во објавата дека вакцинацијата против ковид е „план за депопулација“. Популацијата во светот расте и се очекува да продолжи да расте. Вакцините против ковид не предизвикуваат карциноми.
Дезинформациите за ковид вакцините беа разновидни и насочени кон тоа дека се причинители на бројни болести, со цел да се обесхрабрат граѓаните да се вакцинираат и да се наруши довербата во ефикасноста на здравствените системи.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар