Крајот на неолиберализмот и брзото враќање во минатото: Среќна Нова 1984 во евроазиските степи!
Ако сведочиме на конечниот залез на либералниот меѓународен поредок, кои се тогаш алтернативите за уредување на светот во иднина? Можна ли е монархистичка реставрација насекаде, како што посакува рускиот идеолог Дугин? Зошто европските авторитарни лидери од крајната десница гледаат далеку на Исток? Има ли либералниот капитализам вакцина против заканите по демократското уредување на општеството?
Ако сведочиме на конечниот залез на либералниот меѓународен поредок, кои се тогаш алтернативите за уредување на светот во иднина? Можна ли е монархистичка реставрација насекаде, како што посакува рускиот идеолог Дугин? Зошто европските авторитарни лидери од крајната десница гледаат далеку на Исток? Има ли либералниот капитализам вакцина против заканите по демократското уредување на општеството?
Пишува: Стојан Синадинов
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 5. Форум на Евроазија, кој се одржа во ноември минатата година во Будимпешта, го најави „крајот на петвековната доминација на западната цивилизација“, тврдејќи дека центарот на светската економија се пресели на исток и започнува векот на Евроазија.
Прогресивно-либералната доминација на западниот свет заврши. Идејата дека целиот свет треба да биде организиран според западниот модел и дека избраните нации треба да бидат подготвени да го сторат тоа во замена за економски и финансиски придобивки, пропадна, гласеше поентата од говорот на Орбан што го пренесе „Раша тудеј“ на српски јазик.
Секако дека неговите ставови на ова издание на Евроазискиот форум се како мелем за ушите не само на проруските медиуми во регионот, туку и за објавите на социјалните мрежи кои ја величаат Русија како бедем против нацизмот и сатанизмот (како оваа), кои не ја пропуштија можноста да ги надградат и прошират неговите ставови за крајот на неолиоберализмот каков што светот го познава и најава на некој нов светски поредок.
Светот влегува во постлиберална ера. Сепак, ова постлиберално доба е целосно во спротивност со комунистичките и марксистичките очекувања. Прво, социјалистичкото движење на глобално ниво се задуши, а неговите ограноци, СССР и Кина, ги напуштија ортодоксните форми и до еден или друг степен усвоија либерален модел, пишува рускиот идеолог Александар Дугин за „РИА Новости“, а пренесе „Раша тудеј“ на српски јазик.
Дугин натаму тврди дека главната движечка сила одговорна за колапсот на либерализмот биле традиционалните вредности и длабоките цивилизациски идентитети на секоја од нациите посебно.
Човештвото го премавнува либерализмот не преку социјалистичката, материјалистичката и технолошката фаза, туку преку реактивирање на културните слоеви за кои западната модерност сметаше дека се надминати, исчезнати, укинати, односно со предмодерноста која се покажа дека не е уништена, и тоа не преку постмодерноста којашто е целосно изведена од западната модерност. Излегува дека постлиберализмот е сосема поинаков од она што го замислуваше левичарската прогресивна мисла. Постлиберализмот генерално ја става во заграда ерата на западната доминација во модерното време, сметајќи ја само за привремен феномен, фаза во која нема ништо општо и универзално, тврди Дугин.
Долгата рака на Дугин
Според него, „одредена култура, заснована на брутална сила и агресивна употреба на технологијата, постигнала лидерство во планетарни размери во одреден период, обидувајќи се да ги направи своите темели, техники, методи и цели универзални“. За него либерализмот историски е последната форма на планетарен империјализам на Западот, апсорбирајќи ги сите основни принципи на европската модерност и ги доведе до нивните најнови логични заклучоци – родова политика, будење, култура на откажување, критички теории на раси, трансродови луѓе, квадробери, постхуманизам, постмодернизмот…
Најавувајќи го крајот на Западот, Дугин истовремено го најавува и новото доба – ера на монархии.
Модерна Русија, иако формално сè уште е либерална демократија, но веќе се потпира на традиционалните вредности, всушност е технички монархија. Националниот водач, неотстранливоста на врховната власт и потпирањето на духовните основи, идентитетот и традицијата се веќе предуслови за монархиската транзиција – не формална, туку токму суштинска, предвидува Дугин.
Тој повлекува паралели и со Кина, во која водачот полека го усвојува царскиот архетип со предуслови да го стекне „статусот на хегелијанска империја на духот“, а ако исламскиот свет се интегрира по формулата на Багдадскиот (Абасидски) Калифат, ете уште една мега-монархија на Истокот. Според Дугин, секакви чуда се можни кога станува збор за постлибералниот свет, па и монархистичко престројување во САД!
Орбановиот „Drang nach Osten“
Веќе пишувавме за визијата на екстремните европски десничарски лидери – меѓу кои е и Орбан – за Европската Унија како „сервис“ или „банкомат“, сведување на улогата на Европската комисија на минимум и претворање на нејзиниот претседател во обичен „функционер“ во служба на земјите-членки. Интересен е моделот на Орбан како „ролмодел“ за профилирање на врските на европските илиберални лидери со Истокот. Како што го дефинираше „Политико“ во портретот насловен „Конзервативниот субверзивец“, иако Орбан е само челник на средноевропска држава со 10 милиони жители и сиромашни природни ресурси, сепак е невозможно да се игнорира со пораката дека рамнодушноста кон ваквите закани не е опција.
Орбанизмот наликува на другите „изми“ кои се вкорениле на рабовите на Европа – во Русија (путинизам) и Турција (ердоганизам). Неговата разновидност е, сигурно, разводнета: не отворено авторитарна, во голема мера во согласност со нормите на ЕУ. Сепак, неговата влада ги кутна невладините организации, независните медиуми и судството на начини на кои Путин и Ердоган би им се восхитувале. Слично како и овие двајца, конфронтацискиот стил на Орбан со противниците, домашни и странски, ја зацврсти неговата популарност дома, пишува „Политико“.
Истовремено, вреди да се акцентира контрадикторниот став на Орбан дека иако Европа постојано осиромашува и не е повеќе меѓу петте водечки земји во светската економија, Стариот континент „не може да се стави во евроазиски контекст, бидејќи во моментов нема европски лидери кои би биле подготвени да ја напуштат идејата за блоковска поделба, да градат односи со азиските земји и да имаат корист од фактот што Европа е дел од Евроазија“.
Па, како ќе изгледаат рамките на посакуваниот светски поредок според Орбан, кој последниве години е фокусиран на Евроазија како геополитички концепт? Зошто на унгарски лидер, кој е отворено или дипломатски прикриено изолиран во ЕУ е во своевидна реализација на унгарскиот „Drang nach Osten“ („Продор на Исток“), кој за разлика од оригиналната германска стратегија од 19. век за експанзија кон словенските земји, е фокусиран на средноазиските несловенски земји? Колку му е важен коридорот кон Исток, посебно последниве години со руската инвазија врз Украина и пореметување на старите транспортни коридори?
Секако дека тука се вмешани економски интереси, иако приватните и јавните интереси често се мешаат. Но, има и димензија на политички систем – барем од 2014 година наваму, Орбан ги гледа овие држави како политички пример. А има и идеолошко-митолошки слој, со кој се портретираат Унгарците како ‘полуазиски народ’, со корени од Централна Азија, вели за БИРН, Петер Креко, директор на организацијата Политички капитал од Будимпешта.
На геополитичките аспирации ништо не им фали ако им се додадат малку и „идеологија на корените“, стара еден век, бидејќи „уште од 1910-тите, унгарската политичка и бизнис-елита почнала да истражува начини за да ги зајакне односите со несловенските народи од истокот, често нарекувајќи ги Туранци“, објаснува Золтан Егереси, експерт за Турција и за Централна Азија од Универзитетот за јавни услуги.
Туранизмот, идеологијата што промовира заедничко потекло и културни врски меѓу унгарскиот и централноазиските народи, беше избришана од политичката агенда за време на комунизмот, но десничарските традиционалисти ја разбудија по демократската транзиција. Некои елементи во општеството, исто така, почнаа да ја отфрлаат општоприфатената теорија стара 200 години дека унгарскиот јазик, кој е редок јазик и нема индоевропско потекло, е дел од угро-финската група јазици, па сметаат дека тој ѝ припаѓа на туркиската група јазици, пишува во анализата на БИРН.
До поразот на неолиберализмот и после него
Оваа визија, прогласувајќи го неолиберализмот за мртов, веќе почнува да наликува на светот како во прочуениот дистописки роман „1984“ на Џорџ Орвел, уреден во три глобални блока – Евроазија (Европа плус Русија), Океанија (Западна Европа плус САД) и Истазија (Кина, Индија, Пакистан…). И додека Орвеловата фикција со право беше читана како учебник за анализа на тоталитарните општества од средината и втората половина на минатиот век – со сталинизмот во Советскиот Сојуз како директна инспирација – со право се поставува прашањето дали тоа четиво треба да ни биде при рака и во иднина, посебно онаа каква што ја замислуваат споменатите крајнодесничарски конзервативци?
Иако либерализмот ликуваше во триумфот по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, прогласувајќи ги либералната демократија и капиталистичкиот слободен пазар како единствебно можни опции за напредок на човештвото – сумирано во општопознатата максима на Френсис Фукујама за „Крајот на историјата и последниот човек“ – токму критичките мислители од Западот изминативе години беа најгласни во предупредувањата дека либералниот интернационален поредок се соочува со најголемите опасности.
Неолибералниот експеримент – намалување на даноците за богатите, дерегулација на пазарот на труд и производи, финансијализација и глобализација – се покажа како спектакуларен неуспех. Растот е помал отколку што беше во текот на две и пол децении по Втората светска војна, а неговите најголеми придобивки се концентрирани на самиот врв на скалата на приходите. По децении стагнација, па дури и намалени приходи за сите останати, неолиберализмот мора да биде прогласен за мртов и закопан, пишува Нобеловецот за економија Џозеф Стиглиц во 2019.
Стиглиц како следбеник на неокејнзијанската економска политика пред 6 години предвидуваше дека најмалку три политички алтернативи ќе го заземат местото на неолиберализмот: екстремно десничарскиот национализам, централно-левичарските реформисти и прогресивна левица, а десниот центар, кој е носител на неолибералниот неуспех, е во исчезнување. Анализирајќи ги овие модели за можното уредување на светот во иднина, Стиглиц тврди дека со исклучок на прогресивната левица, овие алтернативи остануваат опседнати со форми на неолиберална идеологија чиј рок на употреба истекол.
Прогресивниот капитализам не е оксиморон. Тоа е најпристапната и најживата алтернатива на неолибералната идеологија која очигледно пропадна. Тој е нашата најдобра шанса да се излечиме од политичките и економските проблеми од кои моментално страдаме, пишува Стиглиц.
Аналитичарот Кенан Малик во неговиот есеј за тоа што би следело по крахот на неолиберализмот, пишува дека историјата на либералниот меѓународен поредок е обележана со испреплетувањето на економијата и геополитиката.
На двете патеки, желбата за стабилен поредок имаше предност пред верувањето во „либерализмот“. Економската цел беше да се направи светот безбедно место за глобалните слободни пазари, не со спроведување на laissez-faire политики, туку, како што истакнува историчарот Квин Слободијан, со „градење институции… со кои капитализмот ќе вакцинира против заканите по демократијата“ и воспоставување „правила што ги дефинираат наднационалните тела надвор од дофатот на кој било електорат“. Станува збор за проект на неолиберализмот, роден во 1930-тите, преку делата на економисти како Фридрих Хајек и Лудвиг фон Мизес, кои дојдоа до израз во периодот по Студената војна преку институциите и механизмите на либералниот меѓународен поредок, пишува Малик.
Анализирајќи го успехот на личности како Доналд Трамп, кои со нивните антиглобалистички ставови инспирирале многумина да го прослават „крајот на неолиберализмот“, Малик потсетува дека многу од оние кои профитирале од неолибералниот поредок остануваат во срцето на проектот Трамп:
Не само „техно браќата“ како Илон Маск. Триумфалистичкиот глобализам од ерата по Студената војна можеби повеќе не постои, но многу компоненти на неолиберализмот денес се прекршени низ објективот на засилениот национализам.
Многумина илиберални протагонисти со двете раце ќе посегнат по книгата на германскиот филозоф Освалд Шпенглер, позајмувајќи го нејзиниот толку примамлив наслов „Залезот на Западот“. Меѓутоа, токму ова веќе класично дело на политичката филозофија, кое се појавило веднаш по крајот на Првата светска војна, ја заговара теоријата за цикличните истории на одделни народи, наместо една и единствена праволиниска историја на човештвото којашто започнала со христијанските историчари, а кулминирала со Карл Маркс и Фридрих Хегел.
Политичкиот аналитичар Петар Крастев, анализирајќи ги можните разврски во светот по второто доаѓање на Трамп на власт, го цитира ставот на Џорџ Орвел: „За да видиме што е точно под нашиот нос, потребна е постојана борба“.
За да го сфатиме предизвикот на новото, дури и кога фактот за доаѓањето на новото е непобитен, значи дека тоа може да биде шок за либералната чувствителност колку малку солзи ќе пролеат поради истекот на стариот поредок. Спротивно на она што изгледаше како вистинска реакција во 2016 година, задачата на противниците на Трамп денес не е да се спротивстават на политичката промена што тој ја воведе, туку да ја прифатат – и да го искористат овој момент за да формираат нова коалиција за подобро општество, пишува Крастев.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар