Креирана, па избришана лажна страница на Фејсбук со антибугарска пропаганда

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се работи за фејк страница, која нема никаква поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт, кој  не поседува и не управува со каква било  страница

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се работи за лажна страница, која нема никаква поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт, кој  не поседува и не управува со каква било  страница

 

На социјалната мрежа Фејсбук на 20 ноември беше креирана лажна страница именувана како „Патриотски Институт На Вмро-Дпмне“,  со цел да шири говор на омраза и да провоцира негативни чувства кон Бугарија. Во меѓувреме, страницата е избришана.

Фото: Принтскрин од објавата на Фејсбук страницата „Патриотски Институт На Вмро-Дпмне“ пред да биде избришана

На оваа ФБ страница беше објавено видео кое е постирано и сè уште достапно на Јутјуб, каде е прикажано бугарско знаме на кое е нацртан кукаст крст, препознатливиот нацистички симбол  – „свастика“, а истото беше насловено:

Вистинското знаме на Бугарија. Ем Татари, ем Фашисти

Ова се разбира не е вистинското знаме на Република Бугарија. Знамето на Бугарија има правоаголна форма и се состои од три ленти во бела, зелена и црвена боја. Тие се расположени хоризонтално одгоре надолу, при што полињата се еднакви по форма и големина.

Инаку, на оваа лажна ФБ страница имаше само две речиси идентични објави, кои се разликуват во насловите. Оваа што ја рецензираме и уште една, со истото видео, само што во описот пишува: „Вистинското знаме на Бугарија: Татари – Бугаристан“, кое и сега може да се најде на Јутјуб.

Меѓутоа, иако страницата беше претставена како да е на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, тоа не е точно.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, ни потврди дека се работи за лажна страница. Тој за „Вистиномер“ категорично изјави дека:

Се работи за фејк фан страница, која нема никаква поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ и Патриотскиот институт.

Според  Арасовски:

Ова е уште една груба манипулација и кованица од кујните за лаги на СДСМ, со што сакаат да го оттргнат вниманието од реалната ситуација, а тоа е вината на СДСМ и Заев за блокадата на Бугарија и огромната смртност од Ковид-19 пандемијата.

Притоа, тој нагласи дека Патриотскиот институт не поседува и не управува со каква било  страница“.

Партискиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, инаку, е неодмна формиран според новиот Статут на партијата. На почетокот на септември оваа година ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение информираше дека ова тело ќе го води Александар Пандов:

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го именуваше Александар Пандов за претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ кој се воведува согласно новиот демократски статут кој стапи во сила од неодамна. Пандов е долгогодишен член на партијата и поранешен вршител на повеќе партиски функции.

Но, иако станува збор за лажна страница, таа ја рашири дезинформацијата и пред да биде избришана постот имаше 82 споделувања. Јасно е дека оваа објава беше креирана со намера да сее антибугарска пропаганда и да ја поткрева атмосферата во јавноста, злоупотребувајќи го моментот по бугарското вето за отпочнување на пристапните преговори на С. Македонија со Европската Унија.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција