Кремљ преку дезинформации сака да влијае на изборите во Германија
Со искористување на стравовите и другите ранливости на општеството, создавање лажни наративи и примена на напредни техники за нивно засилување, Кремљ се обидува да ги манипулира и поларизира електоратите, да ја обликува политичката средина и да го ослабне европското единство
Со искористување на стравовите и другите ранливости на општеството, создавање лажни наративи и примена на напредни техники за нивно засилување, Кремљ се обидува да ги манипулира и поларизира електоратите, да ја обликува политичката средина и да го ослабне европското единство
Пишува: Ана Анастасовска
Германскиот Бундестаг на 16 декември 2024 година му изгласа недоверба на германскиот канцелар Олаф Шолц. Претходно тој поднесе барање за гласање доверба на владата во парламентот.
Шолц доби поддршка од 207 од 733 пратеници во Долниот дом на парламентот, 394 пратеници гласаа против, а 116 од нив беа воздржани. За опстанок на владата на Шолц беа неопходни 367 гласови.
Претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер го распушти Бундестагот и распиша предвремени парламентарни избори на 23 февруари 2025 година. При соопштување на одлуката нагласи оти е потребна функционална влада во тешки времиња.
Русија со дезинформации го „бомбардира“ електоратот во Германија
И додека Германија се подготвува за избори, про-Кремљ готвачите на дезинформациски наративи со разни тактики се обидуваат да ги нарушат демократските процеси во оваа европска држава и да влијаат на јавното мислење.
Мрежите за засилување на информациите поврзани со про-Кремљ екосистемот за манипулација и мешање на странски информации (ФИМИ) ги таргетираа канцеларот Олаф Шолц, партијата на Зелените и ЦДУ/ЦСУ со наративи кои ги обвинуваат за економските проблеми и ги прикажуваат како неверодостојни, пишува Еuvsdisinfo во својата анализа.
Истовремено, германското издание на водечкиот руски пропаганден медиум, Раша тудеј (РТ), повторно го воспостави своето присуство на социјалната мрежа Икс, и покрај тоа што е под меѓународни санкции.
Овие координирани напори не се изолирани инциденти, туку се дел од пошироката про-Кремљ стратегија за мешање во демократските процеси во Европа, што не е првпат.
Еден од главните дезинформациски наративи кои беа насочени кон владата на Шолц, а се забележуваа и во Македонија, беше тврдењето дека актуелната германска влада планира да ја легализира педофилијата. Потекнувајќи од Руската фондација за борба против неправдата (Р-ФБИ) поврзана со Пригожин, ова апсурдно тврдење беше засилено преку мрежа на веб-страници усогласени со Русија, вклучувајќи неавтентични вести и сметки на социјалните медиуми, достигнувајќи стотици илјади корисници на платформи како што се Тредс, Телеграм и Икс, наведува Еuvsdisinfo.
Овие дезинформациски наративи ги забележа и Вистиномер на социјалната мрежа Фејсбук.
Во друг случај се имитираат угледни медиуми како што е Der Spiegel, кои шират фабрикувани написи во кои се критикуваат главните германски политички партии. Манипулативните измислици како „Зелената енергија ги задушува германските компании“ и „Мерц го маскира милитаризмот со популизам“ беа засилени со неавтентични сметки и собраа десетици илјади прегледи, пишува Еuvsdisinfo.
Дополнително, лажното тврдење дека Германија планира да внесе 1,9 милиони кениски работници во земјата беше широко распространето, при што дезинформацискиот наратив е направен за да ги искористи стравувањата од миграција за да поттикне поделба и да ја намали довербата во актуелната влада. Приказната циркулираше на голем број веб-локации, канали на Телеграм и Икс наклонети кон Кремљ.
Со искористување на стравовите и другите ранливости на општеството, создавање лажни наративи и примена на напредни техники за нивно засилување, Кремљ се обидува да ги манипулира и поларизира електоратите, да ја обликува политичката средина и да го ослабне европското единство.
Коректив: Руска дезинформациска кампања – никнале 100 страници за лажни вести пред изборите во Германија
Според истражувањето на Коректив, руската кампања за дезинформации формирала околу 100 страници за лажни вести пред федералните избори во Германија, а нивната единствена цел е да влијаат на изборната кампања. Во неколку случаи тие веќе се користени за напад на политичари.
Роберт Хабек злоставувал млада жена пред неколку години. Аналена Баербок запознава жиголо на нејзините патувања во Африка. Германската армија мобилизира 500.000 луѓе за воена мисија во Источна Европа. Претседателот на Комитетот за одбрана, Маркус Фабер, е руски агент. И договорот за миграција со Кенија носи 1,9 милиони Кенијци во Германија, се само дел од дезинформациските наративи кои ги забележал Коректив.
Некои од овие лажни вести стигнаа и во Македонија.
ВОНРЕДНА ВЕСТ
Германија се подготвува за Трета светска војна.
Германија започна со планирање за распоредување на 800.000 војници на НАТО во Украина.
Подготвен е план за воен сценарио од 1000 страници под името „Операција Дојчланд“.
-New York Post
Ваквата вест беше постирана на социјалната мрежа Х, стои во една Фејсбук-објава.
Вакви и слични информации Вистиномер веќе ги дебанкираше.
Сите овие тврдења имаат нешто заедничко: тие се дезинформации, користат вештачка интелигенција и длабоки фејкови и се појавуваат на сајтови за лажни вести. Според истражувањето на Коректив, тие се дел од новата операција на руско влијание со прекар „Бура-1516“, која веќе три месеци се меша во изборната кампања во пресрет на сојузните избори.
Трагите водат до поранешен полицаец од САД, поранешната руска фабрика за тролови Интернет Истражувачка агенција (ИРА) и воената тајна служба ГРУ. Владата ги стави наводните руски сторители на списокот со санкции поради мешање во изборната кампања во САД.
Кремљ се обидува да ја зајакне АФД
Руската кампања за дезинформации се обидува да ја зајакне екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) и да ги поткопа главните германски партии, открива германската тинк-тенк организација Цемас, пренесува Ројтерс.
Цемас соопшти дека следел стотици објави на германски јазик на социјалната мрежа Икс во текот на изминатиот месец, во кои се прикажани, како што наведува, типичните обрасци на руската кампања за дезинформации Doppelgaenger против Западот што германските, американските и француските власти претходно ги осудија.
Во последниве недели, германските објави на Икс ја обвинуваат партијата на Зелените за економските неволји на Германија, го критикуваат канцеларот Олаф Шолц за неговата поддршка на Украина, ги оценуваат конзервативците како недоверливи, но зборуваат во корист на АфД, забележал Цемас.
Извештајот доаѓа еден месец пред изборите на кои се очекува да победат главните опозициски конзервативци во Германија. Сепак, јачината на АфД, која се наоѓа на второто место, може да ја отежне аритметиката за формирање коалиција.
Најновото истражување на ИНСА покажа дека конзервативците имаат 29 отсто, а АфД со 21 отсто – двојно повеќе од она што го постигна на изборите во 2021 година. Социјалдемократите на Шолц заостануваат на третото место со 16 отсто, а Зелените со 13 отсто.
Во декември, антиимиграциската АФД ја доби поддршката и на сопственикот на Икс, Илон Маск, кој овој месец, исто така, беше домаќин на разговор во живо со кандидатот за канцелар на партијата, Алис Вајдел на неговата платформа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар