Ксенофобична манипулација: Пратеникот Димков „ексклузивно“ виде милион Африканци во Македонија!

Фото: Принтскрин

Изјавата на Димков за доселување на милион Африканци во Македонија не е бениген „бисер“ и заслужува внимание не само поради апсурдноста и невистинитоста, туку многу повеќе поради ширењето ксенофобија. Говорот на Димков искажан директно во Собранието претставува најгруба манифестација на шовинизам, етнички, верски предрасуди и расизам

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Трајчо Димков на собраниската седница за Законот за јавното обвинителство  (14.02.2020)  излезе со едно бесмислено тврдење:

Сакам да споделам една информација, да ви кажам ексклузивно дека СДСМ сака да донесе еден милион Африканци во Македонија

Македонија тогаш ќе се вика Македонија Етиопија. Тоа е договорено до 2030 година да се направи. Сакам да ја предупредам македонската јавност и за ова да остане трага.

[Извори: Либертас и Плусинфо – датум: 14.02.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на пратеникот од најголемта опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Трајчо Димков, „дека СДСМ ќе донесе милион Африканци и Македонија ќе се вика Македонија – Етиопија“, делува зачудувачки. Да се каже вакво нешто, уште и од  парламентарната говорница најблаго речено е неодговорно, а делува и смешно (квалификацијата би можела да биде и поинаква доколку би си дозволиле малку погруб речник). „Ексклузивата информaција“ на Димков , всушност, е дезинформација, проѕирна невистина на која се изнасмеаја пратениците во собраниската сала, а наиде и на потсмев во јавноста и на социјалните мрежи.

Арно ама, освен што ова негово тврдење беше третирано како ступидност, тоа не предизвика друга реакција. Сепак, изјавата на Димков не е така бениген „бисер“ и заслужува внимание не само поради апсурдноста и невистинитоста, туку многу повеќе поради ширењето ксенофобија. Неговиот настап натежнува од антимигрантска реторика, шовинизам  и поттикнува нетрпеливост на расна основа. Говорот на Димков, за жал, искажан директно во Собранието, претставува најгруба манифестација на етнички, верски предрасуди и расизам. Особено кон луѓето од Етиопија, кои, само тој знае како и зошто, се најдоа во неговата „ексклузивна“ африканско-емигрантска прикаска.

Несомнено, оваа негова изјава воопшто не е наивна. И, иако  е дадена дваесетина дена пред ескалација на случувањата на турско-грчката граница, таа предизвикува страв и вознемиреност од можен наплив на бегалци. Посебно во актуелниот контекст, независно што не се работи за мигранти од Африка, туку за бегалци главно од Сирија, Авганистан, Ирак, Пакистан, и што ниту од далеку не станува збор за бројката која ја споменува Димков – еден милион!

Деновиве, инаку, се соопштуваат различни бројки за тоа колку мигранти  ја поминале или се обидуваат да ја минат турско–грчката граница, откако Турција изминатиов викенд (29.02.2020) се закани дека ги отвора вратите кон ЕУ за бегалците. Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган изјави дека 18.000 мигранти преминале од неговата земја во Европа:

Она што го сторивме вчера… Ја отворивме вратата. Нема да ја затвориме таа врата … Зошто? Бидејќи Европската унија треба да ги исполни своите ветувања.

Наредниот ден  (01.03.2020 г.) турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу,  на „Твитер“ напиша дека повеќе од 76.000 мигранти ја минале  турската граница кон ЕУ.

Истиот ден (01.03.2020) Обединетите нации соопштија дека најмалку 13.000 лица се собрани на границата на Турција со Грција, на официјалните гранични премини Пазракуле и Ипсала.

Во меѓувреме, ситуацијата со миграните на грчко–турската граница дополнително се вжешти, а медиумите (04.03.2020) известија за инциденти и судири меѓу мигрантите и пограничната полиција.

Илјадниците мигранти заробени во безизлез на тампон зоната фрлаа со предмети врз полицијата, на што грчките, но предходно и турските власти одговорија со солзавец и зашеметувачки гранати. Конфликти се појавија и во близина на пограничното село Кастанјес, долж оградата на границата со Турција, која ја следи копнената линија до реката Еврос.

Грција ја спушти рампата, а бројот на инциденти се зголеми, состојбата е пред ескалација. На островот Лезбос мигрантите се обидоа да добијат превоз откако добиле СМС порака дека бродови стигнуваат за нив. Останаа на самото пристаниште, бидејќи мештаните не им дозволија да одат во кампот Морија на Лезбос, чиј киапацитет од 3.000 луѓе одамна е надминат и таму се сместени повеќе од 20.000 мигранти. Локалното насление ги спречи и оние кои со бродови сакаа да се истоварат на брегот. (Телма)

Во врска со овие случувања, техничкиот премиер, Оливер Спасовски, изјави дека настаните во регионот постојано се следат и дека во моментот нема мигранти кои се движат од Грција кон Македонија.

Од вчера е зголемено нивото на безбедност на северната и на јужната граница, максимално сме посветени и подготвени да одговориме на нов бегалски бран. Засега нема мигранти кои се движат кон нашата земја – рече Спасовски.

Тој уверува дека системот за добро справување со евентуална миграциска криза функционира постојано и сите надлежни институции – МВР, министерствата за труд и социјална политика и за одбрана, Армијата, се максимално посветени на справување со евентуален зголемен број мигранти.

Знаете кој е ставот и политиката на Владата во однос на мигрантите. Ние сме транзитна земја, имаме два транзитни центра, Винојуг и Табановце, и ако дојде до какво било отворање на рутата, односно зголемување на бегалци низ Република Северна Македонија може само да транзитираат или да се донесе времен престој до 72 часа, рече Спасовски.

Според податоците што деновиве ги соопшти полицијата, во последните осум дена се фатени вкупно 135 мигранти. И тоа, на 04.03.2020 г. во близина на Штип, полицијата фатила 17 мигранти, кои се однесени во прифатниот центар во Гевгелија, а на 1 март во штипската населба Три Чешми полицијата во камион фатила 78 мигранти, при што претходно, на 27 февруари, беа фатени 40 лица кај штипското село Лакавица.

Имајќи го предвид сето ова, вклучително и ставот на техничкиот премиер Спасовски, дека „ако дојде до отворање на мигрантската рута и зголемување на бројот на бегалците, тие може само да транзитираат низ нашата земја, или да бидат со времен престој до 72 часа“, нема простор за сомнеж оти владејачката партија СДСМ, наводно, имала план да ја „преплави“ државата со бегалци. Па, во таа смисла, изјавата на пратеникот Трајчо Димков „дека СДСМ ќе донесе милион Африканци и Македонија ќе се вика Македонија – Етиопија“, е манипулативна , хушкачка, има за цел да предизвика срав од мигрантски бран и „Вистиномер“ ја оценува како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција