Купишта невистини за изборите во Англија, Романија и С. Македонија
Објавата невистинито и без никакви аргументи тврди дека изборите во Англија биле одложени поради растот на рејтингот на опозицијата, дека изборите во Романија ги поништила ЕУ и оти Мицкоски ѝ забранил на Левица да се рекламира на изборите во С. Македонија. Фактите говорат поинаку
Објавата невистинито и без никакви аргументи тврди дека изборите во Англија биле одложени поради растот на рејтингот на опозицијата, дека изборите во Романија ги поништила ЕУ и оти Мицкоски ѝ забранил на Левица да се рекламира на изборите во С. Македонија. Фактите говорат поинаку
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Англиската влада (дувло од глобалисти) планират ги откажит закажаните избори поради големиот рејтинг на опозицијата – Најџел Фараж.
Европа ги поништи изборите во Романија поради победата на анти еу опцијата.
ЖмиЦко од фмрото, и забрани на Левица да се рекламират на локалните избори.
Не е точно дека Англија откажала избори поради големиот рејтинг на опозицијата и нејзиниот лидер Најџел Фараж, како што тоа се тврди во објавата.
Владата ги одложи локалните избори во девет области на локална самоуправа во Англија од мај 2025 година до мај 2026 година за да помогне во планирањето на децентрализацијата на локалната самоуправа и создавањето унитарни власти во двостепените области на локалната самоуправа.
Станува збор за областите: Норфолк, Сафолк, Есекс, Турок, Хемпшир, Островот Вајт, Источен Сасекс, Западен Сасекс и Сари.
Одложувањето е дел од програмата за децентрализација и реорганизација на локалната власт од страна на англиската влада, со цел да се создадат „стратегиски власти” (mayoral strategic authorities) и да се интегрираат функциите на општинските совети.
Во писмото на министерот за локална власт се наведува дека одложувањето е прифатливо само каде што „ќе помогне областa да испорача и реорганизација и децентрализација во најамбициозниот временски рок“.
На пример, за Есекс се наведува дека изборите „ќе бидат одложени“, бидејќи советот аплицирал да влезе во програмата за децентрализација (Greater Essex) со директно избран градоначалник во мај 2026.
Одлуката за олдожување на изборите е формализирана преку „Local Authorities (Changes to Years of Ordinary Elections) (England) Order 2025“ (SI 2025/137), која влезе во сила на 4 март 2025.
Според оваа наредба: Изборите кои беа закажани за 1 мај 2025 за наведените совети, ќе се одржат во редовниот ден за избори во 2026 (на 7 мај 2026) за овие области. Мандатите на сегашните советници се продолжуваат за една година (односно до мај 2026) во тие совети. Кај осум од деветте области (освен Турок) избраните советници во 2026 ќе имаат трогодишен мандат (до 2029), наместо нормалните 4 години, за да се усогласат со новиот циклус.
Значи, одложувањето на изборите нема никаква врска со некаков раст на рејтингот на опозицијата, како што тоа сака да го прикаже објавата.
Понатаму, објавата неточно тврди дека „Европа ги поништила изборите во Романија поради победата на анти еу опцијата“. Кога ќе се погледнат фактите околу ситуацијата со изборите за претседател во Романија, станува јасно дека првиот круг на изборите, во кој победи Калин Георгеску, беше поништен од Уставниот суд на оваа држава, кој претставува дел од внатрешната суверена власт.
Имено, на 6 декември 2024 година, Уставниот суд на Романија реши да ги поништи претседателските избори, чиј втор круг требаше да се одржи викендот после тој датум. Судот на 6 декември одлучи првиот круг да се поништи, а владата да одлучи кога ќе се одржат нови избори. Причината за ова е тоа што во првиот круг победи кандидат од крајната десница Калин Георгеску, наклонет кон Русија, кој пријавил „нула трошења за изборната кампања“. Во такви услови со нула трошења, се појавија докази дека имало надворешни руски мешања, масовна сајбер кампања на Тик Ток оркестрирана од Москва во негова корист, а која помина под радарот на романските власти.
Уставниот суд на Романија едногласно одлучи врз основа на членот 146 (ф) од Уставот, а одлуката е поврзана со легалноста и точноста на претседателскиот изборен процес и со неа се бара „целиот изборен процес да се повтори“. Судот наведе дека интегритетот на гласањето бил доведен под прашање, бидејќи еден од кандидатите имал бенефит од нефер промоција.
За изборите во Романија и руското мешање, Вистиномер има пишувано во повеќе наврати.
Што се однесува до тврдењето во објавата дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски ѝ забранил на Левица да се рекламира на локалните избори, и тоа е невистина.
Пратеничката група на Левица до Собранието поднесе предлог-закон за изменување на Изборниот законик, по итна постапка. Потегот следуваше откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) го донесе Упатството за радиодифузерите за локалните избори, според кое, Левица останува исклучена од можноста за платено политичко рекламирање и покрај тоа што има шест пратеника во Собранието.
Со предлог-измените на Изборниот законик, Левица бара на сите политички субјекти да им се овозможи пристап до медиумско претставување во текот на предизборниот период поради, како што се наведува, непречено исполнување на уставната темелна вредност на политички плурализам и фер и слободни избори.
Измените кои ги предлага Левица се однесуваат на членовите 75-ѓ, 76-д и 78-а од Изборниот законик. Партијата бара во овие членови зборовите „двете најголеми политички партии“ да се заменат со зборовите „трите најголеми политички партии“ со што, како што посочуваат од партијата, сите парламентарни партии би се инкорпорирале во распределбата на дозволеното времетраење на медиумското претставување.
Инаку, Изборниот законик го регулира просторот кој го добиваат партиите за реклами во членот 75-ѓ. Во ставот 1 е опишано како се дели времето за платено политичко рекламирање на телевизиите и радијата.
Сублимирано, од максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите кои освоиле пратенички места, но недоволно за пратеничка група (за пратеничка група се потребни пет пратеници) и 30 секунди одат за партиите кои не се застапени во парламентот.
Проблемот е што во актуелниот парламентарен состав има две партии кои ниту се дел од првите две партии од власта или од опозицијата по бројот на пратеници, а истовремено освоиле повеќе од пет пратеници и имаат пратеничка група. Такви се Левица, со шест пратеника, и ЗНАМ, која има пет. Според актуелниот одредби од Изборниот законик, овие две партии не влегуваат во ниту една категорија.
Управниот суд ја отфрли тужбата на Левица со која политичката партија побара поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на 26 септември годинава.
Во образложението за пресудата, од Управниот суд наведуваат дека согласно позитивните законски одредби, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е самостојно и независно регулаторно тело, a директорот на самостојниот орган на државната управа може да носи правилници, решенија, наредби, упатства и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Уставниот суд на 15 октомври одлучи да не поведе постапка по иницијативата на политичката партија Левица за Упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кое, партијата е исклучена од можноста за платено политико рекламирање за локалните избори и покрај тоа што има шест пратеници во Собранието.
Аргументите на прес-конференција ги образложи претседателот на Судот, Дарко Костадиновски.
Како што посочи тој, три околности биле релевантни Уставниот суд суд да донесе ваква одлука.
Подносителот на иницијативата на 29 септември 2025 година го оспори Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година. Околноста што ја ценеше Судот, беше тајмингот за одлучувањето по овој предмет и трета околност беше уставно-судската практика, рече Костадиновски.
Значи, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема никаква врска со забраната за рекламирање на Левица. Станува збор за законски одредби и Упатство донесено од ААВМУ согласно кои Левица не може да се рекламира, а за жалбата по ова Упатство поднесена од Левица постапиле и Управниот и Уставниот суд кои се независни судски инсттитуции.
Поради сето погоре, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар