„Ла верита“ тенденциозно го вмеша и Заев во „Рекет“

Тврдењата на „Ла Верита“ експресно и официјално беа отфрлени од надлежните во Републичкото јавно обвинителство

 

Италијанскиот весник „ Ла верита“, кој ги пушти снимките за скандалот „Рекет“, во неделата (20.10.2019)  објави тенденциозен и маниупативен текст во кој тврди дека „премиерот Зоран Заев  ургирал кај обвинителката Вилма Рускоска да се одблокираат 750.000 евра  кои бизнисменот Силјан Мицевски  ги уплатил на сметка на пензионерката Лидија Тодоровска за изградба на домови за стари лица“.

Во написот на весникот се споменува обвинителот Наум Пановски и неговото наводно сведочење  пред Републичкото јавно обвинителство.

Според нашите информации, а и од сведочењето на обвинителот Наум Пановски пред републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, следниот ден Заев лично ја побарал Русковска наредувајќи ѝ да ги одблокира парите. „Русковска, не случајно фаворитка на Заев за замена на Катица Јанева, специјалната обвинителка која во моментов е во затвор поради нашите откритија, му наредила на обвинителот задолжен за случајот, да ги следи директивите дадени од Заев. Потоа, ниту една дополнителна истражна активност не била сметана за потребна и парите, 750.000 евра, биле префрлени на сметката на примателот во следните 48 часа – пишува „Ла Верита“

Но, набрзо по ваквата објава обвинителот Пановски во изјава за повеќе медиуми ( „Дојче Веле“МКД А1 ОН)  ги демантираше наводите на италијанскиот весник:

Ниту сум дал таков исказ пред обвинителот Љубомир Јовески, ниту Вилма Рускоска била шеф на Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во периодот кога беа блокирани и деблокирани посочените средства, ниту по нечија наредба биле одмрзнати за 48 часа, напротив беа блокирани неколку месеци.

Споменатите тврдења на „Ла Верита“, исто така, ги отфрли и државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, во изјава за МИА.

Тоа е чиста шпекулација затоа што во тој период ниту Русковска била раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, ниту, пак, има вистина во тоа кој и како се јавувал и за што се јавувал, изјави Јовески.

Вреди да се каже и дека е симптоматичен тајмингот во кој италијанскиот весник излезе со вакво „спектакуларно откритие“, само еден ден еден откако премиерот Заев на прес-конференција во Владата најави брзи предвремени парламентарни избори.

И овој текст на „Ла верита“ први и веднаш по неговото објавување го пренесоа медиумите кои важат за блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција