Лабораторијата во Вухан не е на „ГСК“ и „Фајзер“, ниту пак Сорос и Гејтс ја контролирале ковид пандемијата

Институтот за вирологија во Вухан Фото; Ureem2805, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Објавата содржи бројни дезинформации, со кои преку наводни „случајни“ корпоративни врски се обидува да докаже дека пандемијата со ковид-19 била однапред испланирана од светските елити.

Објавата содржи бројни дезинформации, со кои преку наводни „случајни“ корпоративни врски се обидува да докаже дека пандемијата со ковид-19 била однапред испланирана од светските елити. Текстот содржи низа фабрикувани тврдења кои се движат од сопственоста на лабораторијата во Вухан, па сè до улогата на инвестициските фондови и македонскиот политички контекст. Сите овие тврдења се целосно неточни

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Дали знаете дека кинеската биолошка лабораторија во Вухан е во сопственост на Glaxosmithkline, која (случајно) сопственост е на Pfizer!

Случајно нели ?

Што значи ова во превод :

„Оној што ја направи вакцината против вирусот која (случајно) беше започната во биолошката лабораторија Вухан и која (случајно) беше финансирана од д-р Фаучи, и кој (случајно) ја промовира вакцината!

GlaxoSmithKline е (случајно) предводен од финансиската поделба на Black Rock, која (случајно) управува со финансиите на Open Foundation Company (Фондацијата Сорос), која (случајно) управува со француската AHA !

Сорос – што ви укажува ?

Чика Бране од кого е крунисан во Македонија ?

Кој го донесе Сорос ?

И велите дека старо-новите градоначалници и премиери ке му дадат „корпа на Сорос “ ?

Не ме зазејте мои пријатели од СДС ДПНЕ !

Ве молам !

И продолжувам :

„Сорос (случајно) ја поседува германската компанија Винтертур, која (случајно) ја изгради кинеска лабораторија во Вухан и ја купи германската Алијанц, која (случајно) го има акционер Вангард, која (случајно) е акционер и во „Black Rock. И (случајно) централните банки контролираат и управуваат со околу една третина од глобалниот инвестициски капитал.

„Black Rock“ е исто така (случајно) главен акционер во MICROSOFT, во сопственост на Бил Гејтс, кој (случајно) е акционер во Pfizer (кој продава чудотворна вакцина) и (случајно) сега е првиот спонзор на „WHO!

Сега разбравте Македонци како мртов лилјак е продаден на влажниот пазар во Кина ја зарази ЦЕЛАТА ПЛАНЕТА!“

Објавата содржи бројни дезинформации, во кои преку наводни „случајни“ корпоративни врски се обидува да докаже дека пандемијата со ковид-19 била однапред испланирана од светските елити. Текстот содржи низа фабрикувани тврдења кои се движат од сопственоста на лабораторијата во Вухан, па сè до улогата на инвестициските фондови и македонскиот политички контекст. Сите овие тврдења се целосно неточни.

Тврдењето дека лабораторијата во Вухан е во сопственост на „GlaxoSmithKline“, а таа е сопственост на „Фајзер“, е апсолутна измислица. Институтот за вирологија во Вухан е државна научна институција под директна капа на Кинеската академија на науките (CAS). Ниту една странска приватна компанија нема сопственички удел во него. Како што прецизно нотира Africa Check, не постои апсолутно никаква сопственичка или оперативна врска меѓу овој кинески институт и приватни странски корпорации.

Понатаму, „GlaxoSmithKline“ (GSK) и „Фајзер“ се две целосно независни, конкурентски мултинационални компании. Анализата на шпанската факт-чекинг платформа Verificat потенцира дека тврдењето за меѓусебна сопственост е фиктивно. Како што е наведено во официјалните финансиски извештаи на „GlaxoSmithKline“ и „Pfizer“, ниту една од нив не ја поседува другата. Единствената нивна деловна врска беше ограниченото заедничко вложување во 2018 година исклучиво за спојување на нивните сектори за лекови без рецепт (пастили, парацетамол), што нема допирна точка со истражување на вакцини или вируси

Тврдењето дека Сорос ја поседува германската компанија „Винтертур“ која ја изградила лабораторијата исто така е неточно. Џорџ Сорос нема никаква врска со изградбата на лабораторијата, ниту со компанијата „Винтертур“ (Winterthur). Во анализата на Verificat јасно се укажува дека „Winterthur“ историски беше швајцарска, а не германска осигурителна компанија, која уште во 2006 година беше купена од француската групација AXA.

Самата лабораторија во Вухан (конкретно преградата со највисоко ниво на безбедност BSL-4) е изградена врз основа на официјален меѓувладин договор помеѓу Кина и Франција потпишан во 2004 година. Изградбата и дизајнот беа изведени со техничка помош на француски инженери и реномирани француски институти.

Тврдењето дек BlackRock и Vanguard управуваат со парите на Сорос и се сопственици на сè е невистинито. Фондовите BlackRock и Vanguard се најголемите менаџери со средства во светот, но тие не управуваат со Фондацијата Отворено општество на Сорос. Како јавни инвестициски гиганти, тие поседуваат минорни (малцински) пакети акции во речиси секоја голема компанија на берзата (вклучително и во „Мајкрософт“ и „Фајзер“), но тие акции ги поседуваат во име на милиони приватни клиенти и пензиски фондови.

Врската меѓу Џорџ Сорос и овие фондови е толку „цврста“, што во својата независна дебанкинг анализа Africa Check потсетува на фактот дека самиот Џорџ Сорос во колумна за The Wall Street Journal јавно го критикуваше BlackRock, нарекувајќи ги нивните инвестиции во Кина „трагична грешка“ која му штети на националниот интерес на САД.

Понатаму, Бил Гејтс не е сопственик на „Фајзер“, како што тврди објавата. Иако неговата хуманитарна фондација, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, во минатото купувала помали пакети акции или доделувала наменски грантови на фармацевтски компании (вклучувајќи го и Фајзер) за развој на лекови против детска парализа и маларија во неразвиените земји, тоа никако не го прави сопственик на корпорацијата.

Исто така, најголеми донатори на Светската здравствена организација (СЗО) историски се самите земји членки, додека фондацијата на Гејтс е само еден од многуте приватни доброволни придонесувачи, но никако „главен сопственик или спонзор“ кој ја контролира организацијата.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата претставува чиста конструкција креирана со цел да се предизвика паника.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција