Лага е дека 24 годишната тетовчанка починала од крварење а не од Ковид 19

Пишува Мирослава Бурнс

Заблуда и паника создаде информацијата пласирана во Фејсбук групата ,,Здравје со игла не влегува”, откако во Македонија почина најмладата жртва на коронавирусот, 24 годишна тетовчанка која се лекувала на Инфективната клиника.

Во оваа група на Фејсбук, со над 7.200 следбеници, споделена беше информација, односно Фејсбук статус на албански јазик со следната содржина:

ГОЛЕМА ЛАГА ЗА ПОЧИНАТАТА 24 годишна девојка:
Жена која лежела со неа во собата во болницата посведочи: девојката не почина од корона туку почина од крварење за кое не и беше пружена НИКАКВА лекарска помош!

 

Понатаму постот беше споделуван од членовите на оваа група и на нивните профили.

Меѓутоа, постот е манипулација и лага е дека девојката починала од крварење а не од коронавирусот. Причината  за ова е едноставна. Девојката за целото време и тек на хоспитализацијата била во изолирана, еднокреветна соба како што налага протоколот.

И директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби доктор Милена Стевановиќ за Слободен печат ја демантираше информацијата:

-Девојчето лежеше во еднокреветна соба па на интензивна нега каде е исто така еднокреветна собата, така да госпоѓата што го тврди ова, под услов да постои, треба да се срами. Жално е, изјави за Слободен печат директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби доктор Милена Стевановиќ.

Подоцна стана јасно, дека постот се однесува на случај во Косово и на 21 годишна девојка од Косово, а дека обвинувањата се за тамошен случај, а не за случајот кој ја вознемири македонската јавност.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција