Лавров се прашува како членството на Македонија во НАТО ја зајакнало безбедноста на Алијансата

Средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин; Фото: МНР

По Бугарија и Романија, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера го прокоментира и членството на Македонија во НАТО. Наместо „Северна Македонија“, во одговорите на прашањата на програмата „Неделно време“ на државната руска телевизија „Првиот канал“, земјава тој ја именувал како „Македонија“, пишува Мета.мк.

По Бугарија и Романија, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера го прокоментира и членството на Македонија во НАТО. Наместо „Северна Македонија“, во одговорите на прашањата на програмата „Неделно време“ на државната руска телевизија „Првиот канал“, земјава тој ја именувал како „Македонија“, пишува Мета.мк.

 

На поставеното прашање во врска со проширувањето на НАТО со нови земји-членки и за тоа дали е можност да се зборува за глобален пресврт со нова конфронтација или всушност линијата на Вашингтон не била премногу променета и никогаш не било предвидено пријателство, рускиот министер Лавров одговара:

Сега најпопуларна тема е дали членките на НАТО (и земјите што сакаат да им се приклучат) имаат право да носат соодветни одлуки без да прашуваат некој друг во евроатлантскиот регион. Во реномирани американски научни списанија се појавија низа написи, во врска со, меѓу другото, и овој аспект. Еден од авторите наведува чл. 10 од Вашингтонскиот договор за основање на Северноатлантската алијанса. Во него се вели: Земјите-членки на НАТО можат да поканат (или не поканат) која било европска земја што не е членка која ги почитува принципите на овој Договор и може да придонесе за зајакнување на безбедноста на алијансата. Еве за што се работи. Нивното право не е само „кого сакам, го поканувам“ – тие треба да видат колку ова додава сигурност на самиот сојуз. Примија земји со чии народи имаме добри односи – Црна Гора, Македонија. Американските автори се прашуваат: како ова ја зајакна безбедноста на НАТО? Каков придонес даваат овие земји за безбедноста на блокот, со оглед на нивните воени и воено-технички ресурси.

Ваквата изјава на Сергеј Лавров е објавена на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, а денеска е ре-објавена на македонски јазик на Фејсбук и од Руската амбасада во Скопје.

Инаку, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска одржа средба со амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин.

Како што информираат од македонското Министерство за надворешни работи, на средбата стaнало збор за случувањата во и околу Украина. Министерот Османи повикал на деескалација на состојбите и изнаоѓање решение преку дијалог и дипломатски начин на комуникација, и го повторил ставот дека Северна Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници.

Воедно, Министерот Османи нагласил дека нашето членство во НАТО претставува значајно надворешно – политичко достигнување на земјава, што е израз на наша суверена одлука донесена едногласно во Собранието во 1993 година. Членството на Северна Македонија во НАТО Алијансата претставува гаранција за нашата безбедност, а воедно придонесува и за пошироката регионална безбедност и сигурност. Министерот Османи дополнил дека НАТО е алијанса за колективна одбрана на земјите членки и не претставува закана за Руската Федерација или било која друга земја во светот.

Министерот Османи го реафирмирал повикот до Руската Федерација за отворен дијалог во рамки на Советот НАТО-Русија и во ОБСЕ со цел за унапредување на европската безбедност, што е од заеднички интерес за сите.

На средбата меѓу министерот Османи и амбасадорот Баздникин било дискутирано и за улогата на Северна Македонија како дел од ОБСЕ Тројката и идното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција