Лазарова Трајковска: Нетранспарентната судска постапка остава сомнеж за корупција

Мирјана Лазарова Трајковска. Фото: ЕСЧП

Разговор со д-р Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП):

 

– Дел од Итните реформски приоритети на ЕУ за МКД од 2015 година е и транспарентноста на судските постапки и поголемо вклучување на јавноста (стр.2).  Доколку се погледне Мониторингот и анализата на Коалицијата сите за правично судење (стр. 35 и 36), доколку се погледнат мониторинзите на други невладини организации, произлегува дека состојбата е влошена во поглед на транспарентноста и правичноста. Колку прашањето на транспарентност и јавност може да се поврзе со евентуална корупција или пак засегнати се само фер и правичното судење, што е базично право на човекот?

Лазарова Трајковска: Без поговор, транспарентноста е еден од елементите на правото на правично судење. Нетранспарентното, затскриено од очите на јавноста работење, секогаш остава место за сомневање дека нешто недозволено се случува особено кога тоа е поврзано со очекувањата за правда и правично судење. Европскиот суд за човекови права низ судската пракса многу често повторува дека не е доволно правдата да биде изречена, таа треба да биде видлива и препознаена. Затоа транспарентноста во постапувањето на судовите е поврзана со целиот тек на постапката и особено со изрекувањето на пресудите и при тоа секоја правосилна пресуда мора да биде и објавена. И најдобро срочената пресуда ако не е донесена во транспарентна постапка и ако не е јавно објавена и со тоа обзнанета води кон повреда на правото на правично и фер судење, но особено остава простор за сомневања од корупција.

– Дали во судската пракса на Стразбур се носени одлуки во корист на странките против државата поради нетранспарентност и исклучена јавност од судските постапки?

Лазарова Трајковска: Праксата на Судот во Стразбур многу пати утврдила повреда на правото на правично судење токму поради нетранспарентност во текот на постапката. И во повеќе предмети за Република Македонија, нетранспарентноста на националните судови довела до повреда на правото на правично судење од различни причини. Така на пример, во предметот на Настеска против Република Македонија, бидејќи жалителката не присуствувала на нејавната седница пред Апелациониот суд,  Судот во Стразбур сметал дека, дури иако на јавниот обвинител не би му била дадена дозвола да коментира, неговото присуство во отсуство на жалителката довело до повреда на правичното судење во врска со принципот на еднаквост на оружјата. Во друг предмет, Селмани и останатите против Република Македонија, Судот во Стразбур утврди повреда на правото на правично судење бидејки Уставниот суд во нивниот случај одлучил без да одржи усна расправа, иако жалителите во принцип, според Деловникот на Уставниот суд, имале право на усна расправа. Овој суд укажал дека спроведувањето на правдата подобро ќе служело ако жалителите имале можност да го објаснат своето лично искуство на јавна расправа. За Судот во Стразбур одржувањето на усна јавна расправа има поголема тежина од аргументите за експедитивност и ефикасност на кои се потпирале властите во своите наводи.

– Во низа јавни расправи каде што учествувале судии или обвинители како еден од главните проблеми со транспарентноста се наведуваат (за нив „објективни“) околности (немање простор, немање луѓе, немање хардвер, итн). Колку ова може да е разбирливо за една странка во постапка или за квалификуваната и за општата јавност, кога станува збор за почитување на правата на човекот или пак, вистинскиот проблем лежи во немање волја и кај оние што се одговорни лица и тела во судството, но и немање политичка волја?

Лазарова Трајковска: Неспорно е дека државата мора да обезбеди услови во судниците за транспарентно работење и тоа зависи и од правилно менаџирање на одговорните лица во судовите, но и од волјата да се приближи правдата до јавноста, до граѓаните. Правото на правично судење не смее да биде теоретско и замислено, туку практично остварливо и ефективно. Во постапките пред судовите во прв степен, правото на „јавна расправа” го повлекува правото на „усна расправа“, освен во случаите каде постојат исклучителни околности кои го оправдуваат неодржувањето на таква расправа и тие се стриктно законски утврдени. Покрај транспарентноста во практикувањето на правото во текот на процедуралните дејствија, принципот на правично судење налага и право на образложени судски одлуки од кои ќе биде јасно на кои причини пресудата почива. Тоа значи дека транспарентноста во работењето на судовите не е само процедурална обврска која зависи од имање или немање волја на судиите или од политичката волја, туку таа е законска и конвенциска обврска и содржана е во сите аспекти на правото на правично и фер судење. Видливоста и важноста правдата да биде препознаена и спознаена, не остава простор за правдања поврзани со технички и просторни услови.

 Разговор со Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка на ЕСЧП во Стразбур

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција