Лажен цитат од Збигњев Бжежински за наводно уништување на православието

Фото:Tobias Kleinschmidt, CC BY 3.0 DE, via Wikimedia Commons

Проруски извори често го цитираат Бжежински со цел да прошират дезинформации поврзани со теории на заговор и различни други невистини околу геополитиката.

Проруски извори често го цитираат Бжежински со цел да прошират дезинформации поврзани со теории на заговор и различни други невистини околу геополитиката. Таков е и примерот од објава на Фејсбук што е предмет на оваа рецензија, а е поврзан со наводно уништување на православието

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се наведува наводен цитат од Збигњев Бжежински, поранешен советник за национална безбедност на американскиот претседател Џими Картер:

Завршивме со комунизмот, а сега е на ред да го уништиме Православието. Изјава на Збигњев Бжежински.

Збигњев Бжежински беше и познат политиколог со полско потекло, автор на неколку книги и со децении советуваше и други американски лидери. Бжежински почина во мај 2017 година, на возраст од 89 години. Познат е и по тоа што со години нему му се атрибуираат лажни цитати и изјави.

Проверувачите на факти Мит Детектор од Грузија, уште во 2019 година го имаат разобличено тврдењето дека цитатот во објавата што ја рецензираме бил кажан до Бжежински.

Во нивната рецензија предмет на проверка е тоа дека Бжежински наводно рекол дека после падот на комунизмот, имало само еден непријател на демократијата, а тоа е православното христијанство. Ваква изјава или цитат од поранешниот американски дипломат не постои. Во Грузија се ширеле и дополнителни невистини, дека во најпознатата книга на Бжежински “The Grand Chessboard” („Големата шаховска табла – Американското лидерство и нејзините геостратегиски императиви“), наводно православието било претставено како примарен непријател на Соединетите Американски Држави после падот на комунизмот.

Ваков цитат не може да се најде во книгата. Авторот го има споменато православното христијанство пет пати, но не во ваков контекст. Тој пишува дека комунизмот го предал православното христијанство во Русија, а потоа пишува за догматската ортодоксна доктрина на Советскиот Сојуз, пишува Мит Детектор.

Дополнително, според проверката на факти на EU vs Disinfo, не постојат докази дека Бжежински било кога изјавил или напишал вакво нешто. Постои еден извор кој наведува дека кога Бжежински бил прашан кој е непријателот број 1 на Соединетите Американски Држави, тој одговорил дека САД немаат непријател број 1.

Западните институции кои се занимаваат со дезинформациите одамна утврдиле дека проруски извори често го цитираат Бжежински со цел да прошират дезинформации и да објават теории на заговор и различни невистини.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција