Лажен клип со подкастерот Стефан Лазаров и тимот на Инфомакс генериран со вештачка интелигенција
Клип на Фејсбук ги прикажува авторите на сајтот Инфомакс како даваат провокативни политички изјави, што е наводно „доказ“ дека тие се „предавници и платеници“, а друштво им прави подкастерот Стефан Лазаров, кој еднаш објавил заедничка фотографија со нив, а која можеби била злоупотребена за генерирање на тој клип со вештачка интелигенција
Клип на Фејсбук ги прикажува авторите на сајтот Инфомакс како даваат провокативни политички изјави, што е наводно „доказ“ дека тие се „предавници и платеници“, а друштво им прави подкастерот Стефан Лазаров, кој еднаш објавил заедничка фотографија со нив, а која можеби била злоупотребена за генерирање на тој клип со вештачка интелигенција
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
#Нинфомаксоидите споулавеле.
Напишаното се однесува на еден клип споделен во објавата, во кој гледаме како авторите на информативниот сајт Инфомакс, Александар Митовски и Милош Милошевски, седат на маса во некој кафе-ресторан со исто така познатиот подкастер Стефан Лазаров, па еден по друг се обраќаат кон камерата, т.е. кон гледачите, велејќи го следново (се извинуваме за евентуални грешки при транскрипцијата, затоа што не е сè во снимката разговетно):
Бугари во устав или ќе нè снема!
Бугари во устав е предавство, е ај сега?
Учевме од Заев и Филипче, нека пукнат душманите, да!
Цело село шмрќе бело, јој!
Ајде Јон Фрчковски нека побрза.
Со тој клип објавата сака да докаже дека лицата претставени во него се предавници и платеници, т.е. дека се на страната на Бугарија во нејзините спорови со С. Македонија и дека се за внесување на бугарската етничка заедница во нејзиниот устав, што е услов за Бугарија да ја одблокира евроинтеграцијата на С. Македонија.
Објавата сака да каже и дека учесниците во клипот се на некој начин ученици на бившиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, кого националистичките кругови кај нас го обвинуваат за предавство и попустливост во споровите со соседните земји. Таква попустливост тие му припишуваат и на Венко Филипче, актуелниот лидер на таа политичка партија, а тука се споменува и членот на нејзиниот Извршен одбор, Јон Фрчковски, кој имаше скандал со наводно користење на кокаин, па затоа во клипот е отпеан и рефренот од песната на Диџеј Крмак – „Цијело село шмрче бијело“ (2006).
Арно ама, тој клип со Митовски, Милошевски и Лазаров делува помалку чудно и извештачено, па кај нас се јави основано сомнение дека бил генериран со алатка за вештачка интелигенција, можеби врз основа на една фотографија, која Лазаров ја објавил на својот Фејсбук на 16.4.2025 г.
Таквото генерирање на подвижни слики врз основа на статични е веќе раширена пракса, што се користи и за дезинформации и манипулации. Тие клипови се куси, затоа што толку им се можностите на генераторите, особено ако се бесплатни и не баш напредни, но, сепак, не е така лесно да се направи клип како овој со времетраење од 18 секунди.
Во случајов најверојатно биле генерирани три покуси клипови, по што биле споени еден по друг во еден единствен клип, што се познава по некои монтажни транзиции (преоди) во него од светло кон темно и обратно (т.н. фејдови). На пример, таков преод има околу петтата секунда од клипот. Тие преоди служат за да се заврши една сцена и да почне друга, а тоа да не биде нагло.
Што се однесува до аудиозаписот на клипот, на моменти е забележителна не баш идеална синхронизација со мрдањето на усните на говорителите, но, исто така, мошне чуден и извештачен е начинот на кој тие тоа го изговараат, кој е атипичен за нашиот секојдневен говор каков што би можел да се чуе на една неформална средба во кафуле.
Во аудиозаписот изненадува и слабото присуство на позадински шум, случајни звуци и сл., кои сигурно би биле уловени при снимање на јавно место, особено ако е тоа снимање непрофесионално и во порелаксирана атмосфера.
Ние сакавме да извршиме и техничка анализа на клипот со алатки за идентификување на неавтентични содржини, но излезе дека од тоа нема потреба заради следново. Една читателка на фејсбук-страницата, кај што тој клип е објавен, под него го оставила следниов коментар:
Nikoj ne e tolku glup za da ne vidi deka e vestacka intelegencija pustete nesto realno
На тоа, објавувачот на клипот признал:
точно е дека видеото е AI генерирано но тоа не го менува фактот дека нинфите се споулавени предавници/платеници кои се залагаат за промена на уставот и внесување на безначајните 3500 бугари во истиот.
Тоа што објавувачот тоа го признал е секако позитивно, но, сепак, тоа не го амнестира од вина за ширење на манипулации и дезинформации. Како прво, тоа признание е задоцнето, а клипот во меѓувреме можеби измамил повеќе гледачи, и, како второ, тоа признание воопшто не е наведено во самата објава, туку може да се прочита само ако гледачот пребара по коментарите, што не секој би се сетил да го стори. Ако се соберат многу коментари, тој клучниот дури може и да биде „закопан“ и потполно незабележан.
Тука да го расчистиме и следново. Креирање на пародии и сатира на сметка на политичари и други јавни личности е вообичаено во една демократија, но поентата е во тоа што објавувачите на таквите содржини секогаш оставаат некаков натпис, макар и ситен и дискретен, дека тоа е пародија или сатира и дека тоа не треба да се сфати како автентично, а ние веќе сме пишувале за тоа, на пример: тука, тука и тука. Но, во случајов којшто сега го рецензираме такво предупредување нема, барем не на лесно достапно место.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар