Лажен твит на Артан Груби провоцира насилство на Фејсбук

Во случајот со споменатиот пост земена е профилната фотографија на Груби и додаден е измислен текст, а потоа таквата монтажа е пласирана на Фејсбук како да се работи за вистинска објава од Твитер профилот на Груби. Што не е точно

 

На Фејсбук страницата „99 % Македонија“  се појави пост во кој се тврди дека заменик-премиерот Артан Груби на Твитер, наводно, напишал:

Ќотекот е од Мала Речица излезен.

Проверката покажа дека станува збор за фабрикувана, лажна објава. Тоа може да се види на Твитер профилот на Груби, каде што воопшто нема таков твит.

Во случајот со споменатиот пост земена е профилната фотографија на Груби и додаден е измислен текст, а потоа таквата монтажа е пласирана на Фејсбук како да се работи за вистинска објава од Твитер профилот на Груби. Што не е точно.

Но, независно што е во прашање невистина, ваквиот манипулативен пост го привлчече вниманието на публиката и претставува потенцијална опасност за ширење омраза. Во моментот кога е пишуван овој текст има 202 допаѓања и 10 споделувања, а предизвика и навредливи коментари од кои извира меѓуетничка нетрпеливост:

– Гнасен еден неси тепан во вреќа !! Та да видиш од кај е излезен Чотекот !!!

– A kursumot u Celo od Palancani

– prezimeto kazuva stoe Grubi znaci bil grub pa go istepal komunjarot pe**rot

– Da mi se poja is pred oci tocno ke osetis od kaj e izlezen kotekot ni GOLAK ne te spasuva

Несомнено дека измислената објава е направена со намера да предизвика токму вакви реакции. Тоа се забележува и од тајмингот кога е пласирана – 12 септември во попладневните часови, истиот ден кога во дел од медиумите осамна вест дека, наводно, „се случила физичка пресметка меѓу вицепремиерот  Груби и владиниот генерален секретар Драги Рашковски, при што  Груби со шлаканици го избркал  Рашковски од кабинетот“.

Од Владата ги демантираа ваквите написи:

Најостро се демантира оваа вест и содржината изнесена во веста, категорично отфрламе дека имало каков било инцидент помеѓу првиот вицепремиер Артан Груби и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Инфомацијата  ја демантираше и самиот Груби. Тој на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, негираше дека имало физичка пресметка меѓу него и Рашковски:

Сите тие лажни вести ја имаат таа цел да внесат недоверба и раздор меѓу нашите коалициски партнери. Но, во тоа нема да успеат, бидејќи функционираме одлично и уште од првиот ден функционираме како една влада за сите наши граѓани, рече Груби.

Ама, сепак, наспроти демантите од Владата и од Груби, креирана е оваа фабрикувана лажна објава која опасно провоцира и шири говор на омраза. 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција