Лажна наградна игра: „ДМ“ не доделува 500 кутии со козметика
„ДМ“ не е организатор, ниту пак, нарачател на ваквата невистинита објава на социјалната мрежа Фејсбук. Станува збор за измама со помош на вештачка интелигенција и злоупотреба на туѓо лого, бренд и реноме на добро позната компанија.
„ДМ“ не е организатор, ниту пак, нарачател на ваквата невистинита објава на социјалната мрежа Фејсбук. Станува збор за измама со помош на вештачка интелигенција и злоупотреба на туѓо лого, бренд и реноме на добро позната компанија. Секогаш кога на социјалните мрежи некоја содржина се презентира како „наградна игра“, а притоа се бара некоја симболична сума како во случајов, од 123 денари, наводно за испораката, тоа е црвено знаменце и сигнал за измама
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео и пишува:
DM дели 500 кутии со козметика во замена за само 3 минути од вашето време!Потребно е само да ја посетите нашата веб-страница и да одговорите на кратка анкета.Примете ја козметиката директно на вашата домашна адреса.Понудата важи за цела Северна Македонија до исцрпување на залихите.
Во склоп на објавата има видеоматеријал модифициран со помош на вештачка интелигенција, што е евидентно од неприродните движења на усните на девојката споредено со текстот кој таа наводно го „презентира“. Текстот е дека „ДМ објавува наградна игра со козметика“ и повикува да одговорите на анкетата и да „ја примите својата кутија директно на домашната адреса“.
„ДМ“ не е организатор, ниту пак, нарачател на ваквата невистинита објава на социјалната мрежа Фејсбук. Станува збор за измама со помош на вештачка интелигенција и злоупотреба на туѓо лого, бренд и реноме на добро позната компанија. Секогаш кога на социјалните мрежи некоја содржина се презентира како „наградна игра“, а притоа се бара некоја симболична сума како во случајов, од 123 денари, наводно за испораката, тоа е црвено знаменце и сигнал за измама. Кога компаниите презентираат вистински и свои наградни игри, што во случајов не е така, тогаш тие вршат бесплатна достава, имаат јасно презентирани правила и услови за учество и сето тоа е наведено во склоп на документ. Но, во конкретниот случај, има и други „црвени знаменца“ односно сигнали коишто потврдуваат дека се работи за измама.
Имено, страницата од која се споделува таканаречената наградна игра, не е официјалната страница на „ДМ“ маркетите. Официјалната страница со над 320 илјади следачи, воопшто не споделува ваква содржина туку регуларни промоции на производите од асортиманот, информации за работното време, за маркетите итн. Страницата на Фејсбук од која се споделува лажната наградна игра, пак, има само 13 следачи што говори за фактот дека се работи за невистинита „наградна игра“ и измама.
Доколку голем синџир маркети прави наградна игра, тогаш би го комуницирале тоа преку официјалните канали на социјалните мрежи, што во случајов не се случува.
Во склоп на објавата што ја рецензираме се споделува и линк (во првиот коментар под објавата) кој исто така нема домејн поврзан со „ДМ“. Сајтот има лажна наградна игра каде од корисниците на социјалните мрежи се бара да одговорат на 4 прашања – дали се маж или жена, колку години имаат, колку членови има нивното семејство и дали претходно купувале во „ДМ“. Потоа се појавува фабрикувана и невистинита порака „дека се добитници на кутијата“ и се споделува невистинита информација дека „кутијата ќе пристигне за 5-7 дена“. Сајтот води кон фишинг полиња со цел на корисниците на социјалните мрежи со наведувачки, невистинити информации да им се „пристапи“ до банкарските податоци што од нив се бара да ги внесат во полињата и наводно да платат 123 денари достава на пакетот кој не постои и не е испорачан за 123 денари.
Ваквиот начин на манипулација се прави за да се добијат банкарските и личните податоци на корисниците на социјалните мрежи и за да се експлоатираат финансиски, некогаш и повеќекратно.

ДМ маркетите на својата веб-страница информираат:
dm во нашата земја честопати е предмет на вакви наградни игри. Правна реакција против организаторите во многу ситуации не е возможна, па ги молиме нашите потрошувачи да бидат посебно внимателни. Наградните игри во наша организација, се одвиваат исклучиво: На нашиот верифициран Facebook профил На нашата верифицирана Instagram страна Доколку учество во наградна игра ви биде понудено телефонски (преку повик, смс порака, преку WhatsApp или Viber) или на друг начин кој не е наведен, во нив – со цел заштита на вашите податоци – немојте да учествувате!
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар