Лажна наградна игра го злоупотребува Техномаркет и ги мами граѓаните дека ќе добијат скап мобилен телефон
Доколку некоја објава и „понуда“ е премногу добра за да биде вистинита, во поглед на цената и начините на учество во понудата, тогаш таа треба да се избегнува. Банкарските податоци кои би биле оставени на вакви објави, може да паднат во рацете на измамници а граѓаните да трпат многу финансиски последици.
Доколку некоја објава и „понуда“ е премногу добра за да биде вистинита, во поглед на цената и начините на учество во понудата, тогаш таа треба да се избегнува. Банкарските податоци кои би биле оставени на вакви објави, може да паднат во рацете на измамници а граѓаните да трпат многу финансиски последици
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Не брзај да купиш нов телефон — СЕРИОЗНО ти кажувам, почекај! Сакаш да знаеш зошто? Пријателка што работи во Tehnomarket ми кажа нешто што скоро никој не го знае: имаат огромна внатрешна распродажба, и Galaxy S24 Ultra го даваат по неверојатно ниска цена — практично по набавна! Јас лично проверив, и телефонот пристигна сосема нов, во целосно фабричко пакување, со сите додатоци како од производител. Линкот ќе го ставам во коментарите, но внимавај: акцијата може да заврши во било кој момент. Ако сакаш да заштедиш и да го земеш S24 Ultra по луда цена, не ја пропуштај оваа можност!
Во склоп на објавата има фотографии од нов мобилен телефон кој наводно е дел од наводната „огромна внатрешна распродажба“. Меѓутоа, станува збор за невистинита објава во која се злоупотребува брендот и логото на Техномаркет.
Овој синџир на продавници за бела техника воопшто не би комуницирал со јавноста преку невистинит Фејсбук профил, туку тоа би го направил од својата официјална Фејсбук страница која во случајов не е искористена како медиум преку кој би се комуницирало со јавноста.
Причината е едноставна, а тоа е фактот што зад оваа објава воопшто не стои Техномаркет, ниту пак има „огромна внатрешна распродажба“.
На официјалната страница на Техномаркет пишува:
ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ!!! Почитувани потрошувачи, ТЕХНОМАРКЕТ МАКЕДОНИЈА Ве известува дека се појавија лажни фејсбук страници кои го злоупотребуваат името на нашата компанија и шират лажни информации за продажба на производи. Доколку веќе сте споделиле Ваши податоци со овие лажни страници веднаш избришете ги и пријавете ги кај администраторите на фејсбук, а доколку се сомневате дека оставените податоци се веќе злоупотребени известете го одделот за компјутерски криминал при МВР. ТЕХНОМАРКЕТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје се оградува од сите дејствија настанати преку лажните фејсбук страници. Ве предупредуваме да не наседнувате, да не оставате Ваши податоци и да не учествувате во наградната игра зад која не стои официјалната страница на Техномаркет. Единствена фејсбук страница на Техномаркет Македонија е https://www.facebook.com/TehnomarketMakedonija/ а лажните страници се пријавени кај надлежните органи. Со почит, Техномаркет Македонија ДООЕЛ Скопје
Во склоп на невистинитата објава исто така се генерирани невистинити коментари во кои што лажно се тврди дека некои луѓе имале „позитивни искуства со добивањето на телефонот“. Но, се работи за невистинити коментари, генерирани од неавтентични Фејсбук профили кои што имаат цел да создадат лажен впечаток за вистинитоста и за наводната реалност на „наградната игра“. Не е точно наведеното дека лицата во коментарите ги добиле мобилните телефони преку оваа страница.
Во вакви и слични ситуации, граѓаните не би требало да ги оставаат своите лични и банкарски податоци во склоп на објави кои не потекнуваат од официјални канали на компании. Доколку некоја објава и „понуда“ е премногу добра за да биде вистинита, во поглед на цената и начините на учество во понудата, тогаш таа треба да се избегнува. Банкарските податоци кои би биле оставени на вакви објави, може да паднат во рацете на измамници а граѓаните да трпат многу финансиски последици.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар