Лажна наградна игра: Нема „Тему тајна кутија“ за 120 денари
Домејнот на страницата каде од корисниците на социјалните мрежи се бара да ги остават своите лични податоци не е на Тему, туку гласи сосема поинаку и тоа е јасен сигнал дека станува збор за измама. Дополнително, не постои Тему во Македонија туку пратките стигнуваат во Македонија во точно определен рок за шипинг
Домејнот на страницата каде од корисниците на социјалните мрежи се бара да ги остават своите лични податоци не е на Тему, туку гласи сосема поинаку и тоа е јасен сигнал дека станува збор за измама. Дополнително, не постои Тему во Македонија туку пратките стигнуваат во Македонија во точно определен рок за шипинг
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
За да им посака добредојде на новите клиенти, Тему нуди кутии за изненадување со електроника, облека и други производи од колекцијата 2024.Дејствувајте брзо – бројот на понуди е ограничен!Кликнете подолу за да дознаете како да ја примите вашата кутија.
Во склоп на објавата има фотографија од куп полн со ќеси (личи како да е снимена во багажник од некакво комбе), која потоа води до линк на кој се отвора нов сајт.
Станува збор за измамничка објава којашто нема никаква врска со Тему апликацијата за пазарување онлајн, ниту пак, доколку ги оставите вашите лични податоци и банкарски податоци ќе добиете кутија. Се работи за измама чија единствена и крајна цел е да се присвојат личните и банкарски податоци на корисниците и на таков начин да се изврши одземање на парични средства, под изговор дека „плаќате за тајна Тему кутија“. Линкот под објавата води кон страница чиј домејн не е на Тему. Исто така на страницата има печатни грешки коишто сугерираат на измама и на невистинита фабрикувана страница. Нелогичната граматички неточна фраза на страницата се забележува уште на почетокот и гласи „Тему таен кутија“:
Честитки! Минатата година, кампањата Temu Таен Кутија беше започната поради вишок на производи во продавниците на Temu во Македонија. Во оваа кампања, голема кутија, која може да се купи за 120 MKD, е исполнета со предмети што никогаш претходно не сте ги купиле. За да ја добиете Temu Таен Кутија, ќе треба да одговорите на неколку прашања и да ја потврдите вашата идентификација. Количините се ограничени, затоа побрзајте!
Меѓутоа, Тему не е платформа којашто е од Македонија туку е од Кина, а во земјава има еден доставувач на овие пратки односно компанија за достава, којашто воопшто не складира „кутии“. Лажно се сугерира дека „во кутијата што ќе ја купите ќе добиете производи кои никогаш порано не сте ги купиле“.
Потоа на страницата следуваат три прашања, во кои исто така се забележува граматичка грешка: Дали некогаш сте купиле производ од Тему, дали некогаш сте купиле „таен кутија“ и дали веќе имате 18 години?
По одговарањето на овие прашања лажната страница ве води кон прозорец каде на екранот се наредени кутии од кои треба да одберете една, а имате три обиди.
Секогаш „комбинацијата е добитна“ па така сајтот ве пренасочува на страница каде измамници сугерираат дека треба да ги оставите личните и банкарските податоци за наводно да го добиете пакетот. Станува збор за измама и доколку се остават овие лични податоци, огромна е веројатноста дека измамниците ќе имаат пристап до банкарските податоци на жртвата по што ќе следува и загуба на финансиски средства кои ќе бидат повлечени од картичката. Во минатото македонскиот простор на социјалните мрежи беше исполнет со слични лажни наградни игри каде беа злоупотребени имињата на брендови за бела техника, ланци прехранбени маркети и така натаму. Измамниците со истиот „модус операнди“ на создавање невистинити страници и лажни „наградни игри“ целеа да ги извлечат од корисниците на социјалните мрежи нивните лични податоци за потоа да ги злоупотребат. Во конкретниот случај, граѓаните се доведуваат во заблуда дека „тајната кутија“ чинела 9.200 денари (на фотографијата подолу горе десно таа сума е прецртана за да се добие впечаток дека добивате голема „поволност“), што исто така е манипулација и невистина.
За да биде уште поверојатна невистинитата „наградна игра“ под објавата се оставени и лажни коментари генерирани со вештачка интелигенција од „задоволни купувачи на кутијата“ кои не постојат туку се ботови.
Домејнот на страницата каде од корисниците на социјалните мрежи се бара да ги остават своите лични податоци не е на Тему туку гласи сосема поинаку и тоа е јасен сигнал дека станува збор за измама. Дополнително, не постои Тему во Македонија, туку пратките стигнуваат во Македонија во точно определен рок за шипинг.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар