Лажна објава манипулира дека човекот на фотографијата пече леб за бездомници

Фото: piqsels/Facebook

Oва ниту е Виктор, ниту лебот се пече за бездомниците во Македонија, Русија, Бугарија, Романија или во некоја од останатите земји каде што фотографијата е вирална. Оваа фотографијата заедно со лажното објаснување со цел да добие што е можно повеќе кликови, коментари, споделувања а со тоа и голема видливост, си поигрува со емоциите на јавноста и ја наведува да помисли нешто што не е точно

 

Виктор пече леб и им го дава на бездомниците. Бар така тврди оваа Фејсбук објава на која има фотографија од човек со векна леб во рацете и уште неколку векни до него. Но, ова ниту е Виктор ниту овие векни леб се за бездомниците. Ова е чиста измислица која ја измамува јавноста за некој лајк повеќе.

Здраво, добри луѓе! Моето име е Виктор. Сам печам леб и им го давам на бездомниците.

Дајте ми поддршка, напишете нешто ве молам, би ви бил многу благодарен 🙏

Кога ќе наидете на ваква објава на социјалната мрежа Фејсбук, ќе ви се активираат емоциите и емпатиjaта и секако ќе искоментирате нешто на оваа објава, ќе ја споделите за да дадете поддршка како што, наводно, бара Виктор.

Но, ова е измама. Објавата емотивно манипулира со корисниците на социјалните мрежи за да предизвика емпатија, а со тоа и стотици коментари со пофалби и поддршка за човекот на сликата и речиси 300 споделувања поради неговата наводна добрина и хуманост. Најголемиот дел од овие луѓе се измамени затоа што поверувале дека напишаното во објавата навистина се однесува на тоа што го прикажува сликата.

Бидејќи објавата е на македонски јазик, а името е Виктор, кое што е едно од најчестите имиња во Македонија, реално е да помислите дека станува збор за човек од Македонија. Дека ова е првиот заклучок кој што најверојатно ќе го донесете, потврдуваат и стотиците коментари на објавата од корисници на социјалните мрежи што мислат дека овој човек се наоѓа во Македонија, па дури и се нудат да помогнат со купување на брашно. Некои дури бараат повеќе информации за човекот на сликата за да можат да помогнат. Но, не можат да помогнат затоа што тој не е од Македонија.

Овој „Виктор“, пред еден месец бил актуелен и во Бугарија, каде што на неколку Фејсбук страници и групи е објавена оваа слика со истиот текст само на бугарски јазик. И таму собрал голем број на симпатии, илјадници коментари, реакции и споделувања.

Минатата година, „Виктор“ бил популарен и во Србија. Во објавата на Фејсбук страница во Србија, не му е дадено име ниту се тврди дека лебот е за бездомници, но сепак се цели кон предизвикување некаква емоција кај публиката за да има и соодветна реакција.

Човекот со векните леб го имало минатата година и на социјална мрежа во Русија, каде што во објавата исто се тврди дека човекот пече леб за оние кои имаат финансиски потешкотии, a руски објави може да се најдат и на Фејсбук.

„Испеков леб за соседите“ се вели во објавата на истата слика, овој пат на Фејсбук страница од Словачка како и во Романија каде е споделен со текст „домашен леб“.

Оваа слика може да се најде и на социјалната мрежа Твитер, со објава на грчки јазик, повторно со тврдење дека лебот е за сиромашните.

Од сето ова може да се заклучи дека ова ниту е Виктор ниту лебот се пече за бездомниците во Македонија, Русија, Бугарија, Романија или во некоја од останатите земји каде што фотографијата е вирална.

Оваа фотографијата заедно со лажното објаснување со цел да добие што е можно повеќе кликови, коментари, споделувања а со тоа и голема видливост, си поигрува со емоциите на јавноста и ја наведува да помисли нешто што не е точно.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција