Лажна објава за наводна сообраќајка во која загинал извесен македонски градоначалник

Фотографијата искористена во објавата како вест за наводна сообраќајка во која загинал македонски градоначалник е преземена од друга вест за сообраќајка во скопска Автокоманда, која се случила на 1 август 2024 година. Во сообраќајката немаше загинати лица.

Фотографијата искористена во објавата како вест за наводна сообраќајка во која загинал извесен македонски градоначалник е преземена од друга вест за сообраќајка во скопска Автокоманда, која се случила на 1 август 2024 година. Во сообраќајката немаше загинати лица

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Тажна вест ја потресе Македонија Рано утрово: Во страшна Собраќајна несреќа загина Градоничалник со иницијали – Погледај Во коментар ….

Објавата за повеќе информации нуди линк во коментар, но овој линк не води до најавената вест.

Имено, кога ќе кликнете на него, наместо информација во врска со „страшната сообраќајка“, линкот ве води на надворешна страница за возрасни.

Кога вторпат кликнавме на линкот, тој повторно нè одведе на друга страница, наместо до најавената вест за смртта на наводниот градоначалник.

Вистиномер и трет пат кликна на понудениот линк, но и овојпат нè однесе на непозната веб страница.

Фото: Принтскрин од интернет страница

Од ова станува јасно дека иако објавата најавува вест за сообраќајка во Македонија и за наводно загинат градоначалник, таа не нуди никаква информација туку се работи за класична кликбејт објава која води до сосема други страници.

Инаку, фотографијата искористена во објавата како вест за наводна сообраќајка во која загинал извесен градоначалник од С. Македонија е преземена од друга вест за сообраќајка во скопска Автокоманда која се случила на 1 август 2024 година. Во сообраќајката немаше загинати лица.

Како што пишувавме повеќепати досега, кликбејт објава е вид на содржина што е намерно дизајнирана да привлече што е можно повеќе кликови, прегледи или интеракции, најчесто преку сензационален, претеран или двосмислен наслов кој не ја открива целосната суштина на информацијата. Главна карактеристика на кликбејтот е користењето емоционално набиен јазик што предизвикува љубопитност, шок, страв или возбуда, како и намерно изоставување клучни информации со цел корисникот да биде „принуден“ да кликне за да дознае повеќе. Целта на кликбејт објавите е манипулација со емоции преку користење привлечни слики или видеа што не секогаш се директно поврзани со содржината.

Иако ваквите објави можат привремено да го зголемат досегот и ангажманот, нивното влијание врз корисниците на социјалните мрежи често е негативно, бидејќи создаваат чувство на разочараност, ја намалуваат довербата во медиумите и придонесуваат за површно информирање. 

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција