Лажна регрутација: Фалсификуван постер повикува бездомници да се борат за Украина

Постерот што се споделува во оваа објава на Фејсбук, со којшто се повикуваат бездомници или лица кои живеат од социјална помош да се приклучат во одбраната на Украина, не постои. Фотографијата којашто се користи во него може да се пронајде од 2021 година на сајтот  за фотографии Пекселс. Од украинската амбасада во САД за странски проверувачи на факти изјавиле дека постерот е фалсификуван и дека ниту МНР на Украина, ниту Министерството за одбрана, ниту амбасадата на Украина во САД не создале слични материјали за да регрутираат граѓани во меѓународната легија

Постерот што се споделува во оваа објава на Фејсбук, со којшто се повикуваат бездомници или лица кои живеат од социјална помош да се приклучат во одбраната на Украина, не постои. Фотографијата којашто се користи во него може да се пронајде од 2021 година на сајтот  за фотографии Пекселс. Од украинската амбасада во САД за странски проверувачи на факти изјавиле дека постерот е фалсификуван и дека ниту МНР на Украина, ниту Министерството за одбрана, ниту амбасадата на Украина во САД не создале слични материјали за да регрутираат граѓани во меѓународната легија

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Англиско решение за сиромашните.

Капитализмот убива

Во склоп на постот е споделена наводна реклама во која на англиски јазик се повикуваат бездомните лица да одат да се борат во Украина и така да се спасат од сиромаштијата.

Уморни сте да живеете од социјална помош? Приклучете се на интернационалната легија за одбрана на Украина. Интернационален волонтерски статус, здравствено осигурување, месечни примања, приклучете им се на храбрите!, пишува на наводниот постер којшто се споделува во постот што го рецензираме.

Меѓутоа, ваков постер, со којшто се повикуваат лица кои се бездомни или кои живеат од социјална помош да се приклучат во одбраната на Украина, не постои. Станува збор за измислен, лажен постер.

Фотографијата којашто се користи во лажниот постер со човекот кој е бездомник може да се пронајде од 2021 година на сајтот Пекселс за фотографии коишто може да се купат.

Проверувачите на факти на Мит детектор ја контактирале украинската амбасада во САД, од кадешто кажале дека постерот е фалсификуван, и дека ниту МНР на Украина ниту Министерството за одбрана ниту амбасадата на Украина во САД не создале слични материјали за да регрутираат граѓани во меѓународната легија.

Според Центарот за борба против дезинформации на Украина, рекламите не се поставени и дезинформацијата служи за дискредитација на армијата и владата на Украина.

Проверувачите на факти на  Оpen.online пишуваат дека телефонскиот број којшто е оставен најдолу под постерот, а на кој наводно треба да се пријават граѓаните е американски, ама со појдовен код 00 како да треба да се повикува кон Америка, што е нелогично. Ниту еден Американец не би го вртел појдовниот број за САД кога би сакал да се пријави во својата земја.

Ова е единствената фотографија од наводниот постер, а телефонскиот број иако се совпаѓа со оној на меѓународната легија, сепак е напишан како да се наоѓа надвор од американска територија, што не е логично. Украинската амбасада во САД, која ги прима повиците од тој број, објави дека плакатот е лажен и дека не постои ваков материјал за регрутирање, пишува   Оpen.online

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, истиот постер бил злоупотребен и за да се прошири лажна информација дека се повикуваат бездомниците од метроата во САД да се вклучат во одбраната на Украина.

Интернационалната легија за одбрана на Украина беше формирана од претседателот на Украина, Володимир Зеленски откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година и странски државјани се регрутирани за да се борат на страната на Украина.

Амбасадите на Украина се првите точки за примање апликации за приклучување кон легијата и се одблиску вклучени во регрутацијата, прегледувањето на документите, скринингот, интервјуата. Волонтерите потпишуваат договор со Украинското министерство за одбрана.

Во нашата земја претставува кривично дело да се учествува во странска војска и затоа не е легално да се приклучуваат македонски државјани.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција