Лажна реклама врши измама со „специјална формула која чисти крвни садови за 3 дена“
Пановски нема ваков производ, не го има дадено интервјуто кое што е монтирано во објавата и ова не е првпат тој да биде жртва на измамници кои што со злоупотреба на неговиот идентитет се обидуваат да промовираат производ и да ја измамат јавноста.
Пановски нема измислено ваков производ, не го има дадено интервјуто кое што е монтирано во објавата и ова не е првпат тој да биде жртва на измамници кои што со злоупотреба на неговиот идентитет се обидуваат да промовираат производ и да ја измамат јавноста
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која е направена злоупотреба на идентитетот и видеоматеријали од доктор Никола Пановски, за да се измами јавноста дека тој бил претепан, бидејќи промовира „свој производ за чистење на крвните садови“, кој „големите фармацевтски компании не сакаат да биде достапен до пациентите“.
Пред 20 минути македонската преса ја објави оваа шокантна вест на јавноста. Познатиот професор Никола Пановски направи шокантно изјавување за нападот врз него, ќе страдаат постари луѓе!!!, гласи најавата на видеометеријалот.
Пановски нема креирано ваков производ, нема дадено интервју коешто е монтирано во објавата и ова не е првпат тој да биде жртва на измамници коишто со злоупотреба на неговиот идентитет се обидуваат да промовираат производ и да ја измамат јавноста.
Во објавата невистинито се тврди дека „македонските медиуми“ наречени „македонската преса“ објавиле „шокантна вест дека познатиот професор Никола Пановски направил шокантно изјавување после нападот врз него и ќе страдаат сите постари луѓе“.
И презентерот на Канал 5 телевизија е злоупотребен во оваа невистинита содржина, бидејќи, наспроти наведеното, никогаш на вестите не било презентирано дека „денес во комитетот за здравство на Македонија избувнала тепачка откако Пановски нарекол претставник на голема фармацевтска компанија идиот и измамник“. Комитет за здравство на Македонија, орган односно тело со ова име не постои. Постои Комисија за здравство во Собранието на Република Северна Македонија, ама во неа не членуваат претставници на големи фармацевтски компании, туку пратеници.
Потоа на екранот се прикажува лажна фотографија на која се гледа Пановски со помодрено око, но таа е фотомонтажа. Невистинито е дека „во тепачката учествувале повеќе од 15 лица а новата метода на Пановски доживува рекорден број на продажби“.
Но, во овој измамнички маркетинг злоупотребата на Пановски оди и чекор понатаму, бидејќи е направено да изгледа дека презентерот кажува дека Пановски „ќе им даде по 1 милион долари на секој што методот нема да му делува“. Оваа манипулација и измама има за цел да предизвика голема доверба од страна на граѓаните кои ја гледаат оваа содржина и на грбот на Пановски и довербата што пациентите ја имаат во него – да се продаде производ.
Потоа во објавата во монтираното и невистинито видео, самиот Пановски е презентиран како да дава видео изјава. Меѓутоа, може да се забележат графички и технички проблеми со самата изјава ем поради граматичките грешки во јазичното изразување, во акцентот, но и поради тоа што визуелно, кога ќе го погледнете видеото, се гледа дека просторот околу устата на Пановски е визуелно неконзистентен со останатиот дел од снимката.
Лажната изјава од Пановски на видеото е дека „тој е лекар на кого му се закануваат но не се плаши бидејќи неговата работа е да лекува луѓе“. Во продолжението на невистинитата изјава креирана со помош на вештачка интелигенција лажно е прикажано дека Пановски наводно рекол:
А не да се занимавам со криминални активности. Зошто ми се закануваат? Владата и фармацевтските компании се здружиле да го забранат мојот производ. Тие не сакаат да бидете здрави, тие сакаат да продолжите да ги купувате нивните бескорисни таблети и да станете инвалиди и да ги трошите сите свои заштеди на операции. Но, тоа нема да го дозволам. Ако продолжите да ги земате овие бескорисни лекови тоа е ваш избор но ве предупредувам дека ако имате повеќе од 40 години вашите крвни садови се блокирани од холестерол и ја загубиле својата еластичност. Но ако ги исчистите крвните садови крвниот притисок веднаш ќе ви се врати во нормала. Чистејќи ги крвните садови ќе се ослободите од главоболката. Специјалната формула што ја разви мојот тим ќе ви ги исчисти крвните садови за 3 дена, притисокот ќе ви се нормализира, главоболката ќе исчезне и повеќето болести ќе исчезнат. Ако мојот производ не ви помогне ви ветувам дека ќе ви платам по 1 милион долари на секој што не му помогнал. Кликнете на копчето, се вели во лажната изјава.
Во објавата лажно се презентира и изјава од „безбедносните органи“ којашто никогаш не била дадена и не личи воопшто како да станува збор за македонската полиција (униформите на македонската полиција не се такви како на видеото). И таа изјава е украдена од странство и адаптирана за потребите на лажната реклама, но не може да се утврди од каде, бидејќи намерно за поголем ефект на создавање паника и драматичност – видеото со полицијата е замаглено.
Под оваа содржина има линк, кој води кон реклама за препарат за наводно чистење на крвните садови кој воопшто не е поврзан со Никола Пановски. Во ова лажно интервју, Пановски невистинито е презентиран како да е „кардиолог,“ но тој не е кардиолог, туку вирусолог. Крајната цел е да се рекламира препарат кој е наречен „Хипер Капс“, од компанијата „Лимитед Чарм“, барем доколку се верува на рекламираниот производ на линкот со пишаното интервју.
Дел од медиумите во земјава веќе имаат пишувано за серијата измамнички рекламни материјали поврзани со Пановски и производите на оваа компанија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Пановски нема создадено производ со име „Хипер Капс“, нема да дава по 1 милион долари ако производот не делува, не го препорачува истиот, ниту пак навредил сопственик на фармацевтска компанија по што бил претепан. Целата содржина и видеото и пишаниот материјал се фабрикација и измислица со маркетиншки цели.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар