Лажната Грета, која му се јави на Заев, ѝ се јави и на конгресменка од САД – овојпат отворено во ликот на руските пранкери

Конгресменката Вотерс. Фото: Википедија

 

Ова е само уште еден глупав ‘пранк’ од истите руски оперативци кои веќе целеа кон многу американски избрани претставници, вклучувајќи ги Адам Шиф, Линдзи Греем, Мич Мекконел и Џон МекКејн, како и меѓународен лидер, каков што е Емануел Макрон. Крај.

Ова е изјавата за „Вашингтон Пост“ на американската конгресменка Максин Вотерс, најновата жртва на руските пранкери (шегобијци кои, злоупотребувајќи туѓ идентитет, разговараат и тајно снимаат познати светски политичари), а чија цел секогаш се лица кои водат политики што може да се сметаат непријателски кон Русија.

Овој пат, како што пишува Гардијан, пранкерите „Вован“ и „Лексус“ (Владимир Кузњецов и Алексеј Столарев), го глумеле, покрај Грета Тунберг и таткото на познатата светска активистка за зашита на животната средина. Конгресменката наседнала дека треба да се обрати на собир во Северна Каролина за заштита на некој загрозен остров, кој, всушност, и не постои и таа телефонски им се обраќа на непостоечките демонстранти, итн.

Попатно, таа е известена од своите соговорници за детали од наводно непристојно и навредувачкко обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп кон Грета за време на есенската сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации, средба која, исто така, не се случила.

Не постои големо сомневање во упатената јавност, дека руските пранкери, всушност, работат за некоја од тајните служби на Руската федерација, нешто што и тие самите го индицираат, за што впрочем, „Вистиномер“ пишуваше кога минатата година досегашниот премиер Зоран Заев призна дека бил нивна жртва.

Неколку  месеци после тоа Владата призна и дека имало нов хибриден напад и обид Заев да разговара со Грета Тунберг и нејзиниот татко (потополно исто како што ѝ се случило неодамна на американската конгресменка), но нападот бил осуетен затоа што премиерот се посомневал со кого навистина разговара. Барем така кажа блискиот соработник на Заев, Марјан Забрчанец, за што можете подетално да прочитате на МЕТА.

После сè, останува прашањето кое остана неодговорено во јавноста. Дали после првото признание на Заев се сменети некои процедури и протоколи за да се заштитат владините претставници од вакви измами, како што навести тогаш Заев и дали согласно и нацрт Акциониот план за борба против дезинформациите на Владата на РСМ, се преземени конкретни против-мерки за спречување на „хибридни напади“, како што ги нарече владата по вториот обид за измама и дезинформации што се случи во ноември 2019 година?

Искуството што може да го сподели Заев, но и голем број други светски лица од политиката или јавниот живот покажува дека овие измами и дезинформации воопшто не се наивни, а најмалу, пак, треба да се земат здраво за готово како шегобијство и јавен хумор и сатира.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција