Лажни цитати од американскиот генерал и масон Алберт Пајк

Фото: Принтскрин ФБ пост

Објава на Фејсбук споделува лажни цитати од американскиот генерал и масонски водач Алберт Пајк, кој, наводно, уште во 19 век ги испланирал светските војни, падот на царот во Русија, завладејувањето со неа на комунистите, појавата на фашизмот и нацизмот и судирот меѓу ционизмот и исламизмот. Тука не се работи само за предвидувања на идни настани, туку Пајк наводно работел на тоа тие да се случат, небаре бил семоќен

 

Објава на Фејсбук споделува лажни цитати од американскиот генерал и масонски водач Алберт Пајк, кој, наводно, уште во 19 век ги испланирал светските војни, падот на царот во Русија, завладејувањето со неа на комунистите, појавата на фашизмот и нацизмот и судирот меѓу ционизмот и исламизмот. Тука не се работи само за предвидувања на идни настани, туку Пајк наводно работел на тоа тие да се случат, небаре бил семоќен

 

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Nacrt planot na Albert Pyke ( 33 stepen mason i general od gragjanskata vojna vo SAD ) za toa kako kje se odviva finalnata svetska vojna se realizira

Во објавата се вметнати слики со додаден текст, а тоа се лажни цитати од американскиот масонски водач Алберт Пајк (1809–1891), чие презиме, всушност, се пишува како Pike.

Според објавата, во 19 век Пајк испланирал дури три светски војни (третата сега „се реализира“), т.е. придонел тие да избувнат во иднина, а не дека само ги предвидел. Тоа е теоријата на заговор за трите светски војни, која на интернет фигурира под кратенката 3WW, а според која масоните намерно предизвикуваат конфликти, со цел да го контролираат светот.

За таа цел, Пајк наводно планирал да искористи разни политички движења и дури и да измисли нови: комунисти, фашисти, нацисти, ционисти и исламисти, но тоа го нема ни во една сериозна биографија на Пајк (линк за пример) и тој не бил толку моќен и влијателен. Реално, тој бил масонски водач, што не докажува ништо и тој бил генерал во Граѓанската војна во САД, но во поразената конфедерална војска, а бил и правник и публицист.

Генезата на тие лажни цитати е следна. Францускиот новинар Лео Таксил (1854–1907) бил критичар на Католичката црква, па сакајќи да си поигра со неа, тој изјавил дека се покајал и почнал да пишува во нејзина полза. Црквата била против масоните, па Таксил им припишувал сатанизам, оргии и жртвувања, намерно забегувајќи во апсурд. Негова мета бил и Пајк, кој, според Таксил, создал опасна антикатоличка секта – паладистите.

Во својата книга „Ѓаволот од 19 век“ (1894), Таксил тврдел дека на 15.8.1871 г. Пајк пред паладистите изложил план, кого го направил по барање на италијанскиот политичар Џузепе Мацини (1805 – 1872), со кого се допишувал. Планот предвидувал паладистите да се инфилтрираат во владите на претежно католичките земји и да го набркаат католицизмот, при што Папата ќе побегнел во Русија и ќе влијаел таа да стане католичка земја, но паладистите тогаш ќе врбувале револуционери за да го соборат рускиот цар.

Тој текст е потполно апсурден, затоа што царска Русија била фанатично православна, а она околу револуционерите не е некаков план за Февруарската револуција од 1917 г. – како што некој може да помисли. Во времето на Таксил, во Русија веќе имало разни социјалисти, анархисти и нихилисти, кои дури го убиле царот Александар II во 1881 г.

Таквите написи на Таксил станале популарни среде верниците, арно ама, на прес-конференција на 19.4.1897 г., тој признал дека сето тоа било само шега. Кога тој починал во 1907 г., католичкиот печат објавил крајно негативен осврт за неговиот лик и дело.

Меѓутоа, не сите дознале за тоа, а некои можеби ги збунило тоа што тој пишувал под псевдоними, па неговите измислици и натаму се ширеле. Нив дури ги цитирал чилеанскиот кардинал Хозе Каро Родригез (1866 – 1958) во својата книга „Мистеријата на масонеријата“ (1925). Тоа стигнало до канадскиот генерал и конспиратор Вилијам Гај Кар (1895 – 1959), кој во својата книга „Пиони во играта“ (1955) додал и свои измислици.

Токму Кар напишал дека Пајк ги испланирал светските војни, падот на царот во Русија, завладејувањето со неа на комунистите и појавата на фашизмот, нацизмот, ционизмот и исламизмот, но тие поими ги немало кај Таксил, од кого почнала оваа приказна.

Повеќето од тие поими тогаш не постоеле, а битен исклучок е комунизмот, заради „Комунистичкиот манифест“ (1848). Фашизмот и нацизмот се појавиле дури меѓу двете светски војни, а ционизмот вистински заживеал во 1897 г., иако првите чекори ги направил нешто порано.

Во својата книга, Кар се повикувал на некакво писмо од Пајк до Мацини од 15.8.1871 г., а тоа е датумот на состанокот на Пајк и паладистите – како што видовме кај Таксил. Писмото го споменал и Родригез во својата книга, која на Кар му била инспирација. Кар погрешно сфатил некои детали од неа, па тврдел дека писмото се чува во Библиотеката на Британскиот музеј во Лондон, но кога ја контактирал, таа одговорила дека не поседува такво писмо. Неодамна, неа ја контактираа и новинари и други лица, но одговорот е ист.

Приказнава се темели врз измислици и непостоечки докази и таа требало да замре, но за нејзина реактуелизација придонел конспирациски сајт Threeworldwars.com, отворен од Мајкл Хаупт во 2003 г.

Цитатите во објавата не се од Пајк, туку се темелат врз делото на Кар од 1955 г. Во нив има и фактографски грешки, од типот дека царот во Русија бил соборен за во неа да се воспостави комунизам, но царот бил соборен со Февруарската револуција, а комунизмот завладеал по Октомвриската.

Тука има и една нелогичност. Дури и Пајк да ги креирал тие политички движења и да ги споменал во писмо до Мацини, како Мацини ќе го сфател тоа писмо? Во 1871 г. тие нацисти, фашисти и ционисти нему би му звучеле како Клингонци и Марсовци. Поентата на едно писмо е примачот да го сфати.

Со истражување на оваа теорија на заговор се бавеле и други автори, на пр. тука и тука. чии пишувања се прилично аналитички.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 


 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција