Лажни доктори препорачуваат апчиња за слабеење на интернет

Фото: скриншот

Во рекламниот материјал има и лажни коментари од наводно задоволни потрошувачи. Дека дел од нив не потекнуваат од Македонија покажува и фактот што во фотографиите во коментарите има и препарати за слабеење испишани на руски јазик. Вистинските и немонтирани коментари под постот, пак, прикажуваат друга слика – на незадоволство и здравствени проблеми кои лицата што ги нарачале овие апчиња, ги почувствувале

Во рекламата која ја рецензираме, туѓа фотографија од лекар кој не е специјалист ендокринолог, е злоупотребена за лажно да се промовира диететски суплемент. Дополнително забележуваме дека не постои ниту фирма, ниту земја на потекло, ниту адреса на фирма од каде се нарачува производот, туку нарачката се врши преку интернет формулар

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е објавена примамлива реклама за диететски производ за слабеење, кој пак, е презентиран и нуден на потрошувачите преку неетички, лажен маркетинг, со користење на лажни лекари како препорачувачи на суплементот. Во рекламниот материјал, кој се отвора како директна врска од линкот на постот што го рецензираме, има и лажни коментари од наводно задоволни потрошувачи. Дека дел од нив не потекнуваат од Македонија покажува и фактот што во фотографиите во коментарите има и препарати за слабеење испишани на руски јазик. Вистинските и немонтирани коментари под постот, пак, прикажуваат друга слика, на незадоволство и здравствени проблеми кои лицата што ги нарачале овие апчиња, ги почувствувале.

Прекрасна фигура без диета. Минус 21 килограм. Кето диет, пишува во рекламниот материјал кој ги мами корисниците на социјалните мрежи.

По кликнувањето на рекламата, корисникот е одведен на посебна веб страница, каде има препораки од лица кои лажно се претставени како да се лекари, ендокринолози, со македонски имиња и презимиња. Тоа е направено со цел да им се влее лажна доверба на потрошувачите, дека станува збор за препарат кој го одобрува медицинската заедница во Македонија, на која јавноста генерално ѝ верува.

Првиот наводен лекар, кој е претставен како да го препорачува производот Кето Диет, е извесен доктор Јунан Новзардан, претставен како да е директор на Националниот центар за здравје. Во С. Македонија нема медицинска установа насловена како Национален центар за здравје. Има Институт за јавно здравје и повеќе центри за јавно здравје во градовите од републиката. Во шифрарникот на лекари специјалисти на Фондот за здравствено осигурување, не постои лекар со името Јунан Новзардан, кој работи во приватна или јавна здравствена установа во Северна Македонија. Кога ќе се пребара фотографијата на лицето претставено како да е Јунан Новзардан, се доаѓа до неколку сознанија. Првото е од текст објавен во британскиот магазин Мирор, каде се кажува дека извесниот лекар бил ѕвезда во телевизиско шоу за екстремно обезни пациенти, насловен како ,,Мојот живот од 300 килограми”. Во текстот на Мирор се вели дека докторот бил тужен зашто оставил 29 сантиметарска челична цевка во стомакот на пациентка која ја оперирал. Се додава и дека докторот е телевизиска ѕвезда во шоуто на ТЛЦ ,,Мојот живот од 300 килограми”. Арно ама, во рекламниот материјал, овој доктор ,,зборува македонски” лажно се фотомонтирани негови коментари под рекламата како да им одговара на пациентките и на корисниците на Кето диет.

Како дел од лажниот маркетинг, претставена е и фотографија од пред и потоа, од девојка. Со пребарување на оваа фотографија на интернет се доаѓа до сознанието дека таа се вика Гоар Аветисан, инфлуенсерка, шминкерка од Ерменија и ослабела 43 килограми, ама никаде не се кажува дека тоа го направила со помош на рекламираниот препарат. Се кажува дека после породувањето исфрлила од својата исхрана масна храна, брза храна, газирани пијалаци и почнала да се храни здраво со комплетно исфрлање на јаглехидратите од исхраната. Дополнително, почнала и да вежба. 

Во рекламниот материјал за Кето Диет кој го рецензираме, претставено е уште едно стручно лице кое го препорачува производот, а тоа е извесен доктор претставен како доктор Атанас Марковски диетолог и ендокринолог. Меѓутоа, неговата фотографија во Русија во московскиот регион е во регистер на лекари уролози и овој лекар се вика Саламов Вачеслав Аликович.

Нему во рекламата лажно му е накалемена следната препорака:

Активните микроелементи на капсулите Keto Diet го забрзуваат метаболизмот 10 пати и го стимулираат интензивното топење на мастите. Убеден сум дека ови капсули се најдоброто средство со кое располага современата диетологија. Се работи за безопасен и сигурен препарат кому можете сосема да му верувате. 

Ова покажува дека во рекламата која ја рецензираме, туѓа фотографија од лекар кој не е специјалист ендокринолог, е злоупотребена за лажно да се промовира диететски суплемент. Дополнително забележуваме дека не постои ниту фирма, ниту земја на потекло, ниту адреса на фирма од каде се нарачува производот, туку нарачката се врши преку интернет формулар.

Како последна лажна препорака е онаа од наводната лекарка Марија Богатиновска, во рекламата. Таа е претставена како ендокринолог ама доктор со такво име и презиме не постои во С. Македонија со таа специјалност, ниту пак фигурира во шифрарникот на ФЗОМ на лекари кои работат во јавното или приватното здравство. Станува збор за туѓа фотографија злоупотребена и лажно претставена како да е од ендокринологот на кого му е дадено и лажно име, се со цел да се намамат потрошувачите да веруваат дека производот што ќе го купат има медицинска препорака.

Дополнително, од еден од монтираните коментари под рекламата, се гледа дека прозиводот не може да се најде во аптеките, наводно зашто маржата била повисока ако се продава официјално преку аптека, па така корисниците на социјалните мрежи се охрабруваат да го купат преку онлајн формуларот, кој, пак, лажно се претставува како да е официјална страница на производителот, иако тоа не е.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека Кето Диет препаратот го препорачуваат лекарите Атанас Марковски, Марија Богатиновска и Јунан Новзардан (од причина што двајца од нив не постојат под тоа име и презиме, а лажни фотографии се искористени за да им биде сменет идентитетот), како ни дека инфлуенсерката Гоар Аветисан ги користела за да ослабе.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција