Лажни лични карти и телефонски разговори: две обвинителства – прашања со надлежности

Лични карти и прислушување: „фабрика за афери“ или „фабрика за изсмислици“. Фото: Википедија/Flickr

Кое обвинителство е надлежно да води истрага и евентуално да постапува во новиот случај со лажните лични карти и новопронајдените телефонски разговори? Дали за некои сегменти има место и за приватни тужби? И какви индиции за кривични дела има во овој случај?

 

Кое обвинителство е надлежно да води истрага и евентуално да постапува во новиот случај со лажните лични карти и новопронајдените телефонски разговори? Дали за некои сегменти има место и за приватни тужби? И какви индиции за кривични дела има во овој случај?

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Скопското јавно обвинителство потврди дека при истражувањето на случајот со лажни лични карти, во компјутерот на едно од осомничените лица за фалсификување се најдени и телефонски разговори.

Добиени се и првични известувања за содржината на компјутерите во кои, меѓу другото, се наведува дека постојат и фајлови со десетици илјади телефонски разговори.  За содржината и за текот на разговорите поради обемноста на материјалот ќе биде потребен временски период  до најмалку два месеци истата да ја утврдиме – изјави на прес-конференција Јован Цветановски, заменик-јавен обвинител.

Дали за овој случај, со оглед на тоа што се пронајдени телефонски разговори, е надлежно Основното или Специјалното јавно обвинителство? Или, пак, за некои сегменти неопходни се приватни тужби? Какви индиции за евентуални можни кривични дела има во овој случај и може ли тоа да се одреди според информациите што ни стојат на располагање? Што велат законите, особено Кривичниот законик? Ова се дел од прашањата кои по прес-конференцијата на Основното јавно обвинителство се наметнаа во медиумите и во јавноста.

Дневниот весник „Дневник“, брифирајќи се од извори од истрагата, излезе со напис дека снимките биле пронајдени во фолдер кој бил креиран во септември оваа година, а кој бил со наслов „СДСМ-Заев“. Поаѓајќи од фактот дека во медиумите се појавија фотографии од Заев со првоосномничениот од аферата, Захир Бекири-Чауш, весникот излезе со заклучок дека сето тоа укажува оти снимките од неовластеното прислушување пронајдени кај Чауш, неговиот брат и третоосомничениот Аднан Сума се оние што ги поседува лидерот на СДСМ.

Ако е ова така, дали се отвора можност за нови кривични пријави против лидерот на СДСМ за тоа што ги предал снимките и нивната содржина ја открил пред трети лица? Kој во тој случај би ги гонел Заев и фалсификаторите и колкави се казните за ваквото дело? Kривичниот законик предвидува казни за предавање снимки од неовластено прислушување трето лице. Но колкава ќе биде казната (до една година или до пет години затвор) и дали гонењето ќе се преземе по приватна тужба или, пак, Јавното обвинителство ќе поведе обвинение по службена должност, зависи од тоа кога снимките се предадени на Чауш и неговата група поради последните законски измени во ноември токму на овие одредби“ – пишува Дневник.

Според весникот,

Kривичниот законик во членот 151 став 2 предвидува казни за предавање и објавување снимки од неовластено прислушување. До последните измени на оваа одредба во средината на ноември со казна до една година затвор се казнуваше оној што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана. Гонењето за ова кривично дело беше по приватна тужба. Од средината на ноември, пак, за ова дело казната е построга и изнесува од една до пет години, односно најмалку четири години доколку станува збор за службено лице, а гонењето е по службена должност. Според тоа, ако фолдерот „СДСМ-Заев“ со снимките во компјутерот на криминалците бил креиран во септември, може да се претпостави дека предавањето на снимките настапило тогаш. Но, ова не ја исклучува можноста во фолдерот да се додавани снимки и по септември, па дури и во текот на ноември и декември. Правниците велат дека за оние снимки што се добиени пред средината на ноември ќе важи старото решение со гонење по приватна тужба, а за снимките што се дадени по средината на ноември тој што ги дал ќе се гони по службена должност и ќе се соочи со казна до 4 години затвор.

Но, што навистина вели Кривичниот законик? „Вистиномер“ консултираше правници, според кои, тезата на „Дневник“ е сосема погрешна. Имено, според нив, вакви измени, какви што ги спомнува весникот, нема во Кривичниот законик, ниту пак се најавени дека ќе ги има.

Еве што е наведено во Кривичниот законик, според последните измени.

Неовластено прислушкување и тонско снимање

Член 151

(1) Тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни сопарична казна или со затвор до една година.

(2) Со казната од став 1 ќе се казни тој што ке му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана.

(3) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица.

(4) Ако делото од ставовите 1, 2 и 3 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

(5) Службеното лице од став 4 кое делото го сторило по наредба на претпоставениот и го пријавило пред да дознае дека против него е покрената кривична постапка,ќе се ослободи од казна.

(6) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

(7) Гонењето за делото од ставовите 1, 2 и 3 се презема по приватна тужба“.

Адвокатот Оливер Вуксановиќ вели дека самото поседување на материјали, без нивна употреба, не претставува кривично дело, бидејќи треба да се докаже дека лицето кое ги поседува ги снимало, заради децидна примена на Законот, дека тој што снима, одговара, во став 1 од Членот 151 во Кривичниот законик.

Според ставот 2, кривично е одговорен тој што ќе овозможи на неповикано лице да се запознае со разговорите кои се тонски снимени или прислушувани, а кои не му се наменети. Притоа, гонењето на сторителите се презема по приватна кривична тужба, што значи, само засегнатите лица имаат право на поднесување на ваква тужба, а не и јавниот обвинител. Доколку од содржината на прислушуваните материјали, јавниот обвинител добие сознанија дека се извршиле или се планираат одредени кривични дела, има право, во законски спроведена постапка да ги провери сознанијата и да оцени дали постојат кривични дела, за кои, гонење се презема по службена должност и истите понатаму да ги процесуира – посочува адвокатот Вуксановиќ.

Тој објаснува дека, ако се утврди кој им ги предал снимките, тоа се подведува под ставот 2 и се гони исто по приватна тужба.

Правниците посочуваат дека, за оние работи, за кои е надлежно Специјалното јавно обвинителство, тоа може понатаму да ги побара тие снимки, секако, ако се утврди дека тие се од неовластено прислушување.

Во Законот за специјално јавно обвинителство, јасно е наведено дека тоа е формирано за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Според тоа, ако се утврди дека материјалите кои се најдени во таканаречената „Фабрика за лични карти“, се од прислушувани или снимени разговори, и ако од нив има индиции за одредени кривични дела кои се во надлежност на Специјалното обвинителство, тогаш специјалната обвинителка Катица Јанева слободно може да ги побара – објаснува адвокатот Филип Медарски.

Законот за специјалното јавно обвинителство предвидува:

Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство ќе биде овластен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Неовластено следење на комуникации се дефинира како неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот помеѓу 2008 и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до јавното обвинителство пред 15 Јули 2015.

 

Извори:

  1. Телма (23.12.2015) Скопското обвинителство: Во компјутерот на осомничен најдени се и телефонски разговори (Пристапено 29.12.2015)
  2. Дневник (23.12.2015) Заев ги растура снимките низ Македонија и Србија, Јанева му пишува писма(Пристапено 29.12.2015)
  3. Кривичен Законик (Пристапено 29.12.2015)
  4. Предлог-закон за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Пристапено 29.12.2015)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција