Лажни наративи и теории на заговор на протестот против 5Г мрежата и короната

Фото: Принтскрин (видео)

Лажни наративи и скандалозни теории на заговор го одбележаа протестот против 5Г, коронавирусот и задолжителната вакцинација, кој се одржа на 31 мај пред владината зграда. Вакцина за коронавирус не е ниту на повидок и никој не најавил дека вакцинацијата ќе биде задолжителна. Во официјалните статистики здравствените власти презентираат троцифрена бројка на починати – вкупно 140 до 1 јуни, но сето тоа не е доволно за организаторите и нивните поддржувачи да поверуваат во постоењето на коронавирусот.

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

На протестот  беа изнесени лажни информации, многу неосновани обвинувања, дезинформации во обид да се минимизира сериозноста на болеста, што може да нанесе сериозни последици за целото општество, кое и онака е кревко во поглед на медиумската писменост. Организаторите во своите изјави ја нарекуваа пандемијата лажна, а како „аргументација“ за таквото тврдење ги посочуваа пропратните болести, односно коморбидитетите кои ги имале оние кои починаа од вирусот.

Споменуваа ,,принудно вакцинирање” доведувајќи ја пандемијата во корелација со некаква теорија на заговор, иако таа е светски проблем број еден. За повеќето дезинформации пласирани на протестот Северна Македонија е само ,,увозник” и како што веќе пишувавме, овие дезинформации свои следбеници најдоа во многу држава, но, протестот повторно го актуелизира прашањето и налага едно поопсежно анализирање на тезите на говорниците.

Па така, на пример, еден од учесниците во протестот изјави:

Короната е настаната од 5Г во Вухан.

Ова не е точно.

Официјалните и релевантни информации објавени на веб-страницата на Светската здравствена организација, првиот случај со коронавирус го лоцираат на почетокот на декември, на пазар во Вухан, ама 5Г технологијата, се разбира никаде не е спомената бидејќи нема никаква врска со појавата на вирусот. Ретроспективните истражувања на кинеските власти ги лоцирале првите пациенти со вирусот дека имале поврзаност со пазарот за храна, ама имало и такви што не пазареле на посочената локација. Повеќе информации може да се прочитаат на следниот линк на Светската здравствена организација.

За оваа дезинформација  во која короната се врзува со 5Г технологијата, голем придонес има видеото кое со голема брзина се прошири на социјалните мрежи, а во кое ,,холистичкиот лекар” Томас Кован тврди дека вирусите секогаш се појавуваат во време на големи технолошки скокови во комуникациската технологија, односно технологијата базирана на електромагнетни бранови. Неговите тврдења не се базирани на факти. Едно од многуте неточни тврдења кои Кован ги изнесува во виралното видео, кое во меѓувреме е преведено на многу светски јазици, е тоа што го поврзува шпанскиот грип од 1918 година со електромагнетните бранови. Но, тој греши и во годините што ги наведува. Иако, убедено тврди дека шпанскиот грип бил поврзан со емитувањето на радискиот сигнал, тоа очигледно не е точно. Радиото во широка комерцијална употреба стапило откако пандемијата со шпанскиот грип веќе била завршена.

Лицата на протестот бараа и македонските здравствени власти да го откријат идентитетот на починатите. Тоа, според Законот за заштита на личните податоци и поради етичката димензија и почитта кон починатите, воопшто не може да се случи, освен со согласност од семејствата. Имаше случаи на јавни личности кои не само што го имаа вирусот, туку тој за нив беше фатален, резултирајќи со смртен исход.

Но, најпроблематичното е тоа што причината поради која учесниците во протестот бараа властите да ги обелоденат имињата на починатите, е тоа што според нив, тие не починале од коронавирус туку од преплет на цревата или скршеница на ногата ,,а само биле заведени како починати од Ковид 19”.

Сакаме да го искажеме нашето незадоволство против 5Г технологијата, принудното вакцинирање, против измислиците за коронавирус и малтретирањето на народот со разни изјави. Едноставно ќе го повикам и Филипче, зошто не го објави списокот на починатите? Значи сите тие починати со скршеница на нога, пријавен корона, преплет црева пријавен корона. Ги имаме ние тие документи, сознанија и докази дека тоа е така.

Но, пред камерите тие не покажаа ниту еден документ или доказ за своите тврдења, а како што сме пишувале и претходно,  лекарите, овластените и стручни медицински власти, согласно дијагнозата и текот на хоспитализацијата, ја одредуваат причината на смртта. Во посебни случаи, кога не се познати причините за смртта, се врши и обдукција, релевантен и научен метод каде науката го има главниот збор. Оттука, причините за нечија смрт која настапила во болница ,,не се пишуваат” тукутака, туку со фактографија што ја одредуваат медицинските специјалисти. Во случаи на ковид-19, клиничката слика е јасна, се чува во посебна евиденција во секоја болничка установа, а од неа како доказ многу лесно може секое семејство со увид да провери и да се увери какви биле состојбите на белите дробови, на виталните органи што биле испитувани во текот на болничкото лекување. Во секој документ издаден од болница, наведена е причината за смртта, претходните коморбидитети, односно пропратни болести и семејството е тоа што го прима овој документ. Само затоа што некој имал коморбидитети, не значи дека ковид-19 не ги влошил тие коморбидитети. Ковид 19 е сериозна заразна болест!

Понатаму, кога се тврди дека ,,некој имал преплет црева, а бил запишан како починат од коронавирус” веројатно инспирацијата се црпи од еден текст за таков пациент, но написот за жал е многу погрешно разбран. Имено, човекот кој починал од преплет црева, не бил заведен како ковид позитивен, туку само погребан со протокол за ковид од страна на погребалното претпријатие. Оттука, неточно е тврдењето дека ,,го завеле како корона позитивен” за да прикажат некаква статистика.

Во продолжение следи уште една проблематична изјава:

Доналд Трамп донесе уредба со која што ги укинува сите цензури на интернет. Допрва ќе се дознае што се случува во светот а посебно кај нас. Со ширење на лажна пандемија, монтирани видеа. Сите случаи од корона се наместени и сите што се дрзнаа да ја спроведат оваа лажна пандемија, за која гледам, бидејќи одам насекаде во земјава, дека никој ниту паѓа, ниту кашла ниту ми кажал некој дека е болен од корона.

Институтот за јавно здравје секој ден објавува статистика и збирен извештај за бројките на лица заразени со Ковид 19 и нивните симптоми. Во извештајот кој се однесува на 31 мај 2020 година, се тврди следното:

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (65,3%), кашлица (52,6%), малаксаност (39,7%), треска (18,9%), главоболка (15,4%), отежнато дишење (14,7%) и болка во грло (14,3%).

Значи, и официјално е потврдено, дека 52.6 проценти од лицата со коронавирус имаат кашлица. Само затоа што учесникот во протестот не сретнал некој што кашла, тоа не може да биде показател дека пандемијата е лажна и дека не постои коронавирусот. Асимптоматските носители, исто така, постојат!

Понатаму, во друга изјава од протестот пандемијата се нарекува ,,ковид театар”, со што се алудира на некаква конспирација. Се тврди дека вирусот не е смртоносен. Се врши страшна замена на тезите, дека протоколот за лекување со респиратор, кој погрешно е наречен вентилатор, ги убива луѓето. Вистината е дека најчесто, кога некој пациент ќе дојде до толку тешка клиничка слика да биде ставен на респиратор, самата болест прогресирала толку многу, што за него компликациите може да бидат фатални.

 

Лани беше морбили театар, сега е ковид театар. Па не убедуваат дека сега имаме не знам каков опасен вирус, дека бил смртоносен, а знаеме протоколот за лечење со вентилатор е погрешен. Не смеат луѓе да се стават на вентилатор, најчесто умираат. Не го кажувам тоа јас, туку стручни доктори. Тие исто велат дека ние сме родени со вируси и бактерии, ако се заштитиме од нив го намалуваме имунолошкиот систем. Тоа е многу просто и природно. Природата не создала да живееме во склад со неа. Овие мерки мора да престанат. Ние мора да бидеме свесни дека овие мерки имаат друга цел. Немаат цел да не заштитат туку да ги разболат особено постарите луѓе и да ја уништат економијата.

 

И за крај,  морето конспиративни изјави повторно се ,,зачинува” со уште една теорија поврзана со 5Г технологијата.

Многу интересен момент е што за техничарите што местат 5Г мрежа навечер во недела без маски, за нив дали има пандемија, тоа е многу интересно, значи 5Г може да се мести во полициски час, за нив нема пандемија. Втор многу битен момент е навечер во полициски час, дали тогаш има пандемија или тие имаат специјален имунитет и од вакцината на Бил Гејтс имаат примено?

За волја на вистината, вакви ситуации имало и во други држави во регионот, како на пример во Хрватска. Таму, со стари фотографии од базни станици за 2Г, 3Г и 4Г се дезинформираше јавноста дека полицискиот час и забраната за движење на граѓаните во Хрватска се користи за да се постават 5Г антени. Во Загреб воопшто не е во тек операција за поставување на 5Г мрежа. Но, на социјалните мрежи веќе наголемо се споделуваат и апели за рушење на ,,5Г репетиторите”, наводно поставени додека сите граѓани се во карантин. Анализата на фотографијата покажуа дека е снимена во Виена, а не во Хрватска.

Во Хрватска не е потребно да се воведува 5Г мрежата во тајност, скриено од очите на јавноста зашто процесот на воведување на оваа технологија во Хрватска трае со години и потполно е јавен. Инаку, нема  докази дека оваа технологија е штетна за човековото здравје.

И македонското Министерство за информатичко општество и администрација на 28 март годинава објави соопштение во кое информираше дека во нашата држава нема пуштено во употреба 5Г мрежа:

 

Дополнително, ги информираме граѓаните дека надлежните институции немаат спроведено постапка за доделување на фрекфенции за 5Г мрежа. Од тука сите грижи за ефектите од 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните се неосновани. Информациите кои се појавија во јавноста, дека деновиве се прават тестирања се неточни. Во нашата држава до сега се направени само две тестирања и тоа, едно во 2018та година во органичени и строго контролирани лабараториски услови, и второ тестирање во 2019та година, на ограничен простор. Ги повикуваме сите извори на лажни вести, да престанат со објавување на дезинформации кои имаат единствена цел да создаваат недоверба и паника кај граѓаните. Исто така, апелираме сите граѓани внимателно да бираат од каде се информираат и да ги проверуваат изворите на информации.

Лажните вести и лажните информации, прават непроценлива штета, особено во вонредни ситуации како што е оваа со коронавирусот и кај нас и во светот, и одговорноста е на сите нас да придонесеме кон намалување на ризиците. Тоа може да го направиме само ако сме доволно и точно информирани, од релевантни и проверени извори.

Со пласирање, пак, на вакви конспиративни тези уште повеќе се комплицира и онака сложената состојба со коронакризата, на начин што на граѓаните им се сервираат неточни и непроверени информации кои може да ги мотивираат да не веруваат во една опасна и смртоносна заразна болест.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција