Лажни се тврдењата на Русија дека во грузискиот лабораториски центар се прават тајни експерименти

Фото: Принтскрин

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

„Спутник Србија“ на 28.05.2020 година објави текст во кој цитирајќи го руското министерство за надворешни работи, ја обвинува Грузија дека врши тајни експерименти во лабораторијата „Ричард Лугар”, која според Русија ја финансисра САД, односно Пентагон. Според Русија, Грузија во оваа лабораторија врши „експерименти за примена на инсектите како преносители на опасни болести“.

И покрај изјавите дека наводно, владата на Грузија во „потполност ја финансира и контролира“ оваа биолошка лабораторија, како и истражувањата кои се вршат во неа, фактите покажуваат дека со неа раководи и ја финансира војската на Соединетите американски држави и структурите поврзани со неа. Во прилог на тоа одат и експериментите кои се спроведуваат во рамки на овој биолошки објект за примена на инсектите како преносители на многу опасни биолошки агенси и предизвикувачи на инфекции, како и опремување на муниции со отровни супстанци или инфективни агенси, пишува во соопштението на сајтот на руското министерство кое го цитира Српски Спутник.

Понатаму во текстот се вели дека „руското министерство нагласува дека Тбилиси се обидува да го одврати вниманието од воено-билошките активности на странски држави во рамки на центарот и сака да ги прикрие активностите на Управата за медицински истражувања на копнените трупи на САД-Грузија која е дислоцирана во Грузија“.

Ваквите наводи на руското министерство за надворешни работи, цитирани од „Српски Спутник“ ( изданието на српски јазик на руската државна новинска агенција „Спутник“) се класична дезинформација, a за тоа пишуваат многу сервиси за проверка на фактите. Имено, кампањата на Русија против лабораторијата „Ричард Лугар“ не е нешто ново и таа трае веќе со години.

Центарот за истражување на јавното здравје „Ричард Лугар“ беше отворен во Грузија во 2011 година, со средства од Владата на САД во рамките на Програмата за соработка со биолошки ангажмани. Целта на Центарот е унапредување на јавното здравство преку откривање и справување со појава на болести. Иако изградбата на Центарот беше финансирана од САД, објектот сега е во сопственост и управуван од грузиската влада. Денес, истражувачкиот центар игра клучна улога во борбата на Грузија против ковид-19. Оваа лабораторија го поддржува грузискиот Национален центар за контрола на болести и јавно здравје (НЦДЦ) во борбата против пандемијата. Тој помогна да се ограничи ширењето на вирусот со тестирање на стотици луѓе и вадење на резултатите за еден ден.

Како што пишува Сервисот за проверка на факти на ЕУ, центарот „Ричард Лугар“ е цел на руската борба за дезинформации во Грузија во последните неколку години, тој е лажно обвинет дека бил користен за воените цели на САД.

Кампањите за дезинформации вклучуваат лаги за тоа како во центарот експериментирале врз луѓето или ширеле опасни вируси. Некои од лажните тврдења беа истражени и докажани како погрешни од многу проверувачи на факти , вклучително и Би-Би-Си, пишува сервисот за проверка на факти на ЕУ. 

Во видео објавено на 12.11.2018, Би-Би-Си посочува дека нивната истрага открила дека руските медиуми и официјални претставници изнеле лажни тврдења за лабораторија финансирана од САД во соседна Грузија.

Руското Министерство за надворешни работи, Министерството за одбрана и про-Кремљ медиумите неодамна тврдеа дека неиспитани лекови им биле дадени на грузиските граѓани во лабораторијата, што резултирало со голем број смртни случаи. САД ја обвинија Русија за дезинформација со цел да го одвлече вниманието од инциденти како што се труењата во Салисбери, објави Би-Би-Си.

Новинарите на Би-би-Си почнале да ги истражуваат ваквите тврдења на Русија.

„Сите информации за тие експерименти наводно се базираат на купишта документи. Нив ги објави поранешниот министер за државна безбедност Игор Ѓоргадѕе“, објаснува новинарот на Би-би-Си Стив Розенберг.

На пример, меѓу документите има и еден извештај на американска фармацевтска компанија. Тоа за Ѓоргадѕе е доволен доказ дека во Грузија се спроведувале незаконски експерименти врз луѓе и дека им биле давани неодобрени лекови. Според документот, 30 жители на Грузија во 2015 година умреле откако биле лекувани од хепатит Ц. 27 умреле во еден ден, и Ѓоргадѕе тоа го поврзува со постоењето американска лабораторија во Тбилиси, главниот град на Русија, вели Розенберг.

Новинарот на Би-би-Си разговарал со Ѓорѓи Кателишвили, човек кој во тоа време работел во грузиското министерство за здравство и чие име го има на документите. Кателишвили потврдува дека станува збор за автентични документи, но дека тие немаат врска со експериментирање врз луѓе. Наведените документи се документи од проект на елиминација на појавата на хепатит Ц во Грузија, а со тој проект бил запознаен цел свет.

За засилената кампања на Русија против грузискиот лабораториски центар „Ричард Лугар“ за време на пандемијата од коронавирусот, неодамна напиша и веб-сајтот за проверка на факти, Полиграф.инфо:

Руските државни медиуми и другите про-Кремљ медиуми ја оживеаја теоријата на заговор во која е вклучен Националниот центар за контрола на болести и јавно здравје (попозната како лабораторија Лугар, именувана по американскиот конгресмен Ричард Лугар) во Тбилиси, Грузија. Тие постојано ја обвинуваат лабораторијата за одговорност за појава на епидемии и спроведување нелегални експерименти врз луѓето, пишува Полиграф. инфо.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција