Лажни тврдења за кромидот како прочистувач на воздухот од бактерии – и вируси

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Стара и многупати повторувана дезинформација за „магичните својства“ на кромидот, односно лажни тврдења дека тој „апсорбира“ и убива бактерии и вируси, била објавена на некои грчки сајтови и блогови и се ширела преку постови на социјалните мрежи. Ваквото тврдење е неточно, покажуваат проверките на грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr.

Во анализираните текстови пишувало дека некој лекар во 1919 година, при пандемијата на Шпански грип, кога имало многу заболени, во некое село наишол на семејство во кое сите биле здрави, а тоа се должело на тоа што во секоја соба на чинија ставале по половина главичка кромид. „Лекарот наводно ги испитал главичките под микроскоп и видел дека во нив имало вируси на грипот. „Кромидот ги апсорбирал бактериите на грипот“, се тврди во објавите.

Имало и друга варијација на темата – дека неименувана фризерка спречила болните муштерии да ѝ ги заразуваат вработените со грип со тоа што ставала главички кромид низ салонот, а во постовите на грчките корисници на социјални мрежи и на блоговите пишувало и дека некое дете било многу болно, па покрај неговиот кревет вечерта во тегла оставиле главичка кромид, а утрото таа „била црна од бацилите“, а детето почнало да оздравува.

Како заклучок на ваквите тврдења во дезинформациските објави, се тврди дека кромидот апсорбира бактерии, и некогаш луѓето се разболуваат не поради други причини, туку поради тоа што изеле кромид што апсорбирал бактерии.

Но, како ушто утврдуваат анализите на ellinikahoaxes.gr, овие дезинформации се пласираат на интернет уште од 2009 година, во контекст на други болести, а сега се само пресликани на новиот корона вирус. Дополнително, ваквите приказни немаат речиси никаква допирна точка со научните факти.

Секако дека е можно кромидот да содржи соединенија што делуваат погубно на вирусите, но кога ќе се изеде, а да се тврди дека може да дејствува како воздушен филтер и да прибира бактерии и вируси од воздухот е апсурдно, порачува ellinikahoaxes.gr.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција