Лажните говори атрибуирани на Путин, се користат за засилување на антизападниот сентимент
Во измислените наративи што му се атрибуираат на рускиот претседател доминираат пораките на разединување, конфликт, креирање на слика за Европа како нападната држава со идентитет во криза, со медиуми што наводно лажат и со намера да се оттргне од христијанството и да го распадне семејството. Во сите случаи кога се шират овие лажни говори, тоа доаѓа од профили на Фејсбук за кои не може да се каже дека се некако поврзани, туку се спорадични, но сите заеднички и паралелно пласираат непроверени и штетни дезинформации кои немаат за цел да му ја презентираат на граѓанинот фактичката состојба, туку да заземат проруска страна било да се работи за воената инвазија во Украина или за други прашања
Во измислените наративи што му се атрибуираат на рускиот претседател доминираат пораките на разединување, конфликт, креирање на слика за Европа како нападната држава со идентитет во криза, со медиуми што наводно лажат и со намера да се оттргне од христијанството и да го распадне семејството. Во сите случаи кога се шират овие лажни говори, тоа доаѓа од профили на Фејсбук за кои не може да се каже дека се некако поврзани, туку се спорадични, но сите заеднички и паралелно пласираат непроверени и штетни дезинформации кои немаат за цел да му ја презентираат на граѓанинот фактичката состојба, туку да заземат проруска страна било да се работи за воената инвазија во Украина или за други прашања
Пишува: Мирослава Симоновска
На социјалните мрежи одвреме навреме знае да се појави исклучително вирална објава најчесто проследена со фотографија на рускиот претседател Владимир Путин, а која се презентира речиси без исклучок како негово обраќање до светот, до пошироката заедница. Станува збор за непостоечки или измислени говори, кои секогаш го шират антизападниот сентимент, ги разгоруваат чувствата спротивно и контрирајќи ѝ на Европската Унија и Западот и полни се со измислици и теории на заговор. Лажните говори кои му се атрибуирани на Путин, се појавуваат барем еднаш годишно, но и повеќе пати, секогаш како оружје за антизападна пропаганда.
Последниот што го забележавме е објавен на крајот на февруари годинава. Кога ќе се разгледаат неговите елементи, може да се извлечат неколку клучни „пораки“. Прво, уште на самиот почеток се наведува дека говорот го „емитувале италијанските слободни медиуми“, со цел да се претстави лажна слика, дека има и неслободни медиуми во коишто никогаш не би се емитувало обраќање на рускиот претседател. Вистината е сепак, дека говорите на Путин кои се вистински, може да се најдат и исклучително се покривани од медиумите на Балканот, особено оние во Србија, а потоа се преведуваат и на македонски јазик. Вистинските говори на рускиот претседател секој граѓанин може да ги пребара и да ги најде на официјалната страница на руската влада, што со конкретниот не е случај. Причината не е дека неслободните медиуми го цензурирале или го прикриле туку едноставно – никогаш Путин не дал ваков говор. Понатаму, во овој последен лажен говор на Путин се реактуелизира лажната теорија на заговор дека „постои сатански план светските држави да ја намалат светската популација“. Потоа еден значаен елемент во измислениот наратив се и семејните вредности, па на Путин во уста му се ставаат и следните зборови што никогаш не ги изговорил:
Татковци, мајки, деца… Какво чудовиште убедува една фамилија да ги отстрани гениталиите на својот син, така што ќе може еден ден да се чувствува како мало девојче. Што знае едно мало недоволно формирано дете за да одлучува за својот сексуален идентитет? Која е таа врста на животни која ги уверува западните земји да ги отворат вратите на исламските терористи од исламската држава? Ги чипирате човечките мозоци со своите медиумски куќи и телевизии кои непрестајно лажат и лажат. Допуштате исламскиот тероризам да однесе невини животи. Вие самите свесно ја напаѓате вашата култура и своите вредности. Сакате да го уништите христијанството знаејќи дека донесувајќи ги тие од другата страна ќе го наметнат исламот, стравот и теророт.
Во лажните обраќања се амплифицираат старите пораки против Западот за негова нова дискредитација
Во измислените наративи што му се атрибуираат на рускиот претседател доминираат пораките на разединување, конфликт, креирање на слика за Европа како нападната држава со идентитет во криза, со медиуми што наводно лажат и со намера да се оттргне од христијанството и да го распадне семејството. Вистината, пак, е дека сите држави на Европската Унија имаат антитерористички политики и единици и се залагаат против тероризмот, се примаат мигранти согласно процедурите и без дискриминација, вероисповеста на граѓаните е слободна категорија најчесто одвоена од државата.
Пропаганда е кога ќе се случи терористички чин тој да се доведува во корелација со имиграцијата, затоа што тероризмот не познава граници, а европскиот континент со години наназад е поле каде се доселуваат граѓани од многу делови на светот, па сепак не е наметнат исламот, стравот и теророт. Всушност, правото на избор на вероисповед не може да се изедначува со некакво наметнување бидејќи граѓаните имаат слободна волја. Во лажниот говор атрибуиран на Путин исто така провејуваат старите дезинформациски и пропагандни наративи за Западот, а Путин е претставен како учител односно авторитетна фигура која им дели совети на властите во европските држави, да не го „хомосексуализираат населението“ и да не дозволуваат промена на полот на најмладите. Така се пропагира дека европските земји се исклучително либерални, несемејни, нерелигиозни, далечни од самопрогласениот примат на заштита на традиционалните вредности што Русија си го припишува самата на себе. Пропагандната интенција на Кремљ да се претставува како некој голем заштитник на традиционалните и семејни вредности преку социјалните мрежи, допира до македонските граѓани кои неможејќи да направат разлика дека се работи за лажни говори на Путин, истите изрази ги прифаќаат со воодушевување.
Русија е едно од најмалку религиозните општества во светот, со само 9 отсто од Русите кои барем малку редовно ги посетуваат верските служби, според анкетата спроведена во 2022 година од центарот Левада со седиште во Москва, пишува Форин полиси во својата анализа „Русија не е конзервативен рај“.
Русија не е ниту бастион на она што вистинските конзервативци би го сметале за традиционални вредности, наведува Форин полиси. Врз основа на податоците пресметани од Институтот Гутмахер, стапката на абортуси во Русија од 2015 до 2019 година била речиси четирипати повисока од онаа на Соединетите држави и повеќе од двапати повисока од онаа во Украина.
Да биде пропагандата уште побесмислена и уште поповторувачка, интересно е да се забележи дека овој лажен говор на Путин уште во 2021 година бил предмет на рецензија на проверувачите на факти на Ројтерс, кои уште тогаш забележале дека е лажен и непостоечки. Но во 2025 година во февруари, како сокриен новитет нецензуриран од „слободните медиуми“ им се продава на македонските граѓани.
Ова не е единствениот лажен говор што му се атрибуира на Путин
Идејата за распаѓање на Западот, поставен против Русија која е „чувар“ на пристојноста и моралот, произлегува од самиот врв на Кремљ. Според анализата на Европскиот совет за надворешни односи од 2015 година, Путин веќе во 2013 година го зазел овој став, осудувајќи ги „евроатлантските“ земји за нивната морална декаденција и неморалност. Но, тоа не го менува фактот дека ваквите сентименти се засилуваат со непостоечки говори. И тоа особено во контекст на војната што Русија ја почна во Украина, напаѓајќи го нејзиниот територијален интегритет и суверенитет вршејќи неиспровоцирана воена инвазија. Така во 2022 година од Фејсбук профил со име „По патот на македонската историја“ споделен е уште еден лажен говор, односно обраќање потпишано со името на Владимир Путин. И овој говор како и претходниот е измислен, никогаш не бил кажан или напишан од Путин и претставува дезинформација со која се манипулира јавноста.
Во говорот се вели дека во Украина има нацисти, дека целта на Русија е да го победи нацизмот кој го нарекува „новиот рак“. Иако Путин во негови говори спомнува нацизам во контекст на Украина, сепак вакви реченици никогаш нема кажано. Но, исто како и во претходниот измислен говор и во овој, се јакнат критиките кон Западот и лажно се обвинува истиот за „поддршка кон нацизмот“. Наспроти ваквите тврдења на 25.10.2018 година кога Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи. Исто така, се предлага земјите членки на ЕУ да состават програми со кои ќе може да им се помогне на индивидуите кои се дел од насилни неофашистички и неонацистички групи, да се одделат од нив и да ги напуштат.
Што се однесува на наративот дека „Украина е нацистичка“ и таму се спроведува „денацификација“ ова е пропаганда. Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. Приказната за наводен нацизам во Украина влече корени од Втората светска војна и тогашниот украински опозициски политичар Степан Бандера, како и од првичното воодушевување од влезот на германските војски кај дел од Украинците што живееле во регионот на Галиција. Но, германската управа многу бргу покажала дека намерата ѝ е чиста окупација на Украина, која дотогаш била дел од Советскиот Сојуз (СССР). Демократски избраната украинска влада, чиј претседател е со еврејско потекло, не поддржува ниту една неонацистичка идеологија.
Трето непостоечко обраќање на Путин – овојпат „пријателско кон граѓаните“
Во низата непостоечки обраќања на Путин, е и тоа во кое тој е „попријателски претставен кон граѓаните“ споделено на порталот Njuz.mk. Но сепак, и во овој измислен говор чија целна публика се Европејците, повторно се обвинуваат европските лидери за сè и сешто, а Русија се презентира како врвен европски пријател без територијални претензии кон Европа. Но, во овој измислен говор, повторно прстот се вперува кон европските лидери кои се презентираат како непријатели на граѓаните на европските држави, а Русија се презентира како нивен пријател. Сето ова е прикажано како да излегло од устата на Путин, за кој се цели да се претстави како централна пријателска фигура, наспроти „лошите“ од Западот.
Во сите случаи кога се шират овие лажни говори, тоа доаѓа од профили на Фејсбук за кои не може да се каже дека се некако поврзани, туку се спорадични, но сите заеднички и паралелно пласираат непроверени и штетни дезинформации кои немаат за цел да му ја презентираат на граѓанинот фактичката состојба, туку да заземат проруска страна, било да се работи за воената инвазија во Украина или за други прашања.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар