Лажно се прикажува дека Бил Гејтс ќе ја вакцинира храната со мРНК

Фото: Принтскрин ФБ пост

Глобалната академија за агрикултура и безбедност во храната, која е злоупотребена во постот, се одржала во 2018 година, кога немаше ни ковид ни вакцини. Не е точно дека Бил Гејтс во својот настап  кажал дека ќе се вакцинираат животните со мРНК. Тој вели дека ќе им се помага на животните да преживеат или со вакцинација или со подобрување на генетиката. Не кажува дека подобра генетика би била постигната преку вакцинација, ниту дека вакцините се поврзани со мРНК. Во постот е споделен  и измислен, фабрикуван твит на  Гејтс во кој тој наводно пишува дека „вакцините во нашата храна ќе го решат проблемот со двоумењето на луѓето да ги примат”. Ваков твит на Гејтс не постои и тоа може да се види на неговиот официјален Твитер профил 

Глобалната академија за агрикултура и безбедност во храната, која е злоупотребена во постот, се одржала во 2018 година, кога немаше ни ковид, ни вакцини. Не е точно дека Бил Гејтс во својот настап кажал дека ќе се вакцинираат животните со мРНК. Тој вели дека ќе им се помага на животните да преживеат или со вакцинација или со подобрување на генетиката. Не кажува дека подобра генетика би била постигната преку вакцинација, ниту дека вакцините се поврзани со мРНК. Во постот е споделен измислен и фабрикуван твит на Гејтс во кој тој наводно пишува дека „вакцините во нашата храна ќе го решат проблемот со двоумењето на луѓето да ги примат“. Ваков твит на Гејтс не постои и тоа може да се види на неговиот официјален Твитер профил

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Еве го бе, срцката. Изнашол решение за нас, небањатите. Ќе ја шибаат храната со мРНК за да нè спасуваат од минатиот (можеби и сегашен) и идни невидливи непријатели.

Во прилог на објавата има фотографија од Бил Гејтс и наслов „Бил Гејтс се залага за вбризгување мРНК во изворите за храна за присилно да ги вакцинира невакцинираните. мРНК вакцините во добитокот и домашните миленици се тука сега (Bill Gates vows to pump mRNA into food supply to force jab the unvaccinated. mRNA vaccines in livestock and companion animals are here now).

Оригиналниот напис може да се пронајде на следниот линк и во него пишува дека „на глобалистичките елити им е сè потешко да го убедат човештвото да се вакцинира против ковид-19 и бескрајните бустери, така што тие мора да пронајдат нови начини за да нè принудат на нивните вакцини“.

Според милијардерот, животните како крави, свињи и кокошки имаат неадекватна генетика. И единствениот начин да се поправи таа генетика е да се вакцинира секое животно на фарма во светот со нови мРНК вакцини, пишува во текстот во кој се додава дека Гејтс ,,се фалел дека ќе вбризга мРНК вакцини во животните на фармите кои треба да се најдат на трпезите”.

Во текстот од 10 јануари 2023 година се кажува дека Гејтс го посетил универзитетот во Единбург каде се одржала Глобалната академија за агрикултура и безбедност во храната. Кога пребаравме кога се одржала оваа академија, дојдовме до податокот дека  се одржала во 2018 година, кога немаше ни ковид ни вакцини. Затоа е невистинито тврдењето во постот дека глобалистичките елити наводно немале како да ги разуверат луѓето да се вакцинираат против ковид-19, па затоа морале да измислат нов начин, преку животните кои ќе се најдат на нивните трпези.

Гејтс, пак, во своето видео од 2018 година во врска со неговата посета на универзитетот во Единбург кажува:

Фондацијата Бил Гејтс е партнер на британскиот оддел за интернационален развој за многу одлични работи, а меѓу нив е заедничката работа што ја спроведуваме во врска со животните. Им помагаме на животните да преживеат или со вакцини или подобра генетика. Им помагаме да се попродуктивни. Тоа прави разлика. Бев во Етиопија и гледав како кокошките таму снесуваат повеќе јајца, добиваат подобра храна и дури и се случуваат некои мали заштеди во домаќинството.  Единбург е местото каде се случува најдобрата работа и затоа британскиот оддел за интернационален развој и Гејтс Фодацијата финансиски ги поддржуваат научниците овде, вели Бил Гејтс.

Глобалната академија за агрикултура и безбедност во храната е иницијатива од 35 милиони фунти фокусирана на зачувување на иднината на светските залихи со храна.

Тоа е центар за учење и истражување на проблемите кои влијаат на глобалната храна и на безбедноста на животната среди,а одржлив рурален развој и добробитта на животните и луѓето. Животинската агрикултура е извор на храна за луѓето кои живеат во екстремна сиромаштија и е поттикнувач на економијата кој креира можности за сиромашните земјоделци за подобра иднина на нивните семејства. Болестите на животните во сиромашните места се сериозен ризик за нивната благосостојба и за човековото здравје и може да го намалат приходот на фармерите. Честопати фармерите се потпираат врз нискобуџетни и неквалитетни ресурси и ветеринарна грижа под минимумот и неадекватни системи, се објаснува меѓу другото во описот на оваа академија.

Се наведува дека Бил Гејтс најавил финансиска поддршка од 40 милиони долари за организацијата Глобална алијанса за ветеринарна медицина на животните, којашто работи на подобрување на вакцините за животните, на лекови и дијагностика на болести во земјите во развој.

Не е точно дека Бил Гејтс кога зборувал за оваа иницијатива кажал дека ќе се вакцинираат животните со мРНК (а и, дополнително, тогаш немаше ковид-19 ни вакцини против ковид-19). Во клипот Гејтс вели дека им се помага на животните да преживеат или со вакцинација или со подобрување на генетиката. Не кажува дека подобра генетика би била постигната преку вакцинација, ниту дека вакцините се поврзани со мРНК. Исто така, вакцините коишто луѓето ги примаат за заштита од ковид 19 не се вакцини со кои би се вакцинирале овие животни, иако и за нив повеќепати сме пишувале дека се безбедни, проверени и ефикасни.

Проверувачите на факти на Ројтерс забележуваат дека во напис од 2018 година, Универзитетот Единбург навел дека работата на подобрување на генетиката кај животните може да вклучува собирање податоци од страна на научниците (за животни кои живеат во определени области) со цел да се открие што ги издвојува нив од другите. Ова овозможува да се најдат најдобрите животни за размножување.

Во постот што го рецензираме, споделен е и измислен, фабрикуван твит на Бил Гејтс во кој тој наводно пишува дека „вакцините во нашата храна ќе го решат проблемот со двоумењето на луѓето да ги примат”. Ваков твит на Бил Гејтс не постои. Неговиот официјален Твитер профил може да се погледне овде.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција