Лажно видео го прикажува доктор Жан Митрев како промотор на „лек“ за притисок
На Фејсбук се шири измамничка објава во која со помош на дигитално манипулирано видео лажно се тврди дека доктор Жан Митрев препорачува природен лек за нормализација на притисокот. Видеото е монтажа, а содржината е невистина со што се доведува во заблуда јавноста и се загрозува јавното здравје.
На Фејсбук се шири измамничка објава во која со помош на дигитално манипулирано видео лажно се тврди дека доктор Жан Митрев препорачува природен лек за нормализација на притисокот. Видеото е монтажа, а содржината е невистина со што се доведува во заблуда јавноста и се загрозува јавното здравје
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која го залоупотребува името на познатиот кардиохирург Жан Митрев.
Доктор Жан Митрев претстави иновативен препарат базиран на природни состојки, создаден за нежна нормализација на притисокот и обнова на крвните садови. Развиен е според најновите истражувања во областа на кардиологијата.
Погледнете кратко видео и дознајте зошто десетици илјади луѓе веќе засекогаш ги заборавија осцилациите на притисокот благодарение на оваа формула!, се вели во дел од објавата.
Во склоп на објавата e споделено видео во кое, всушност, е искористено и злоупотребено постаро видео од интервју на доктор Жан Митрев, на кое што му е додаден глас со помош на дигитални алатки со цел да се искористи неговиот кредибилитет како лекар за да се промовира производ на манипулативен и нечесен начин.
Во видеото, каде тонот е лажен, доктор Митрев е лажно претставен како некој што измислил препарат за прочистување на вени.
Самото видео има неколку недостатоци од технички аспект од кои може да се види дека станува збор за монтажа. Тоа особено се забелжува во неприродните гестикулации со рацете како и во пределот на устата, каде има лоша синхронизација. Исто така говорот и текстот во видеото се неприродни и звучат како лош превод.
„Вистиномер“ го пронајде оригиналното видео кое e злоупотребено и преработeно во објавата. Станува збор за видео првично објавено на 26 март 2020 година, во време кога почна ковид пандемијата, со наслов: „Препораки на доктор Жан Митрев за борба против коронавирус: Чести инхалации и избегнување активности на ладно“. Во видеото доктор Митрев вели дека повеќе медиуми од него побарале мислење за коронавирусот и како тој да се победи.
Особено проблематичен дел од манипулативното и монтирано видео е делот каде што познатиот кардиохирург наводно вели „секојдневно пиење таблети тоа е пат кон гробот“. Кога луѓе што страдаат од кардиоваскуларни проблеми ќе го чујат познатиот доктор како го советува ова може да поверуваат и да не го третираат соодветно високиот крвен притисок кое е сериозно заболување и бара медицински третман и терапија.
Објавата во моментот на рецензијата има 95 споделувања, 72 коментари и 586 реакции. Фејсбук страницата од која што е споделена објавата е наречена Xavia Maine thukhoa2382, нема никакви податоци, креирана е како видео креатор за игри, и има само 67 следачи.
„Вистиномер“ и претходно има рецензирано и откриено и објави во коишто доктор Жан Митрев е злоупотребен за да се продаде некаков препарат. Во тој случај идентитетот на Митрев беше злоупотребен за да се пласираат лажни медицински тврдења кои тој никогаш не ги дал – дека конкретниот препарат содржел состојка „за стопроцентно враќање на видот“. И во тој случај имаше изменување на содржината во делот на синхронизацијата. Тогаш за „Вистиномер“ од Клиниката „Жан Митрев“ ни рекоа дека станува збор за злоупотреба на името на докторот и дека тој не се бави со вакви реклами.
Ве молиме да не верувате на вести кои не произлегуваат од официјалните канали за комуникација на Клиничката болница Жан Митрев, изјавија тогаш од Клиниката.
Нехумано е со вакви измамнички реклами да се лажат пациентите на социјалните мрежи. Непроверени препарати може да ги оттргнат пациентите од редовните прегледи и терапијата, а со тоа да нанесат штетни последици по здравјето на луѓето. Граѓаните треба да бидат исклучително внимателни да не купуваат непроверени лекови без консултација на лекар. Дезинформациите може да имаат сериозни последици, да наведат поединци да се откажат од докажаните медицински третмани во корист на недокажаните лекови, а со тоа потенцијално да ја влошат нивната состојба или да ја одложат соодветната нега.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како изменета содржина (altered content).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар