Лек без несакани ефекти е научна фантастика

Фото: Nick Youngson CC BY-SA 3.0 Pix4free

Генерачно сите лекови може да предизвикаат несакани последици, и оние коишто одат рецепт, и оние  без рецепт, па дури и витамините и хербалните препарати! Тврдењето во постот на Фејсбук дека вакцината не смее да предизвика никаква негативна последица, е невистинито. Самите вакцини доаѓаат со упатства за користење и во нив се наведени можните последици, но тие  се минорни споредено со последиците од тежок случај на ковид-19.  Смртните случаи по вакцинирањето, засега  се на ниво на пријавени сомневања и секој случај се разгледува посебно. Не може да се стави знак на равенство меѓу пријава за смртен случај по вакцина со самата вакцинација. Смртта може да не е причинско последично поврзана со вакцинацијата, туку со коморбидитети и други фактор

Генерално, сите лекови може да предизвикаат несакани последици – и оние што се издаваат на рецепт и оние без рецепт, па дури и витамините и хербалните препарати! Тврдењето во постот на Фејсбук дека вакцината не смее да предизвика никаква негативна последица, е невистинито. Самите вакцини доаѓаат со упатства за користење и во нив се наведени можните последици, но тие се минорни споредено со последиците од тежок случај на ковид-19. Смртните случаи од ковид-19 по вакцинирањето, засега се на ниво на пријавени сомневања и секој случај се разгледува посебно. Не може да се стави знак на равенство меѓу пријава за смртен случај по вакцина со самата вакцинација. Смртта може да не е причинско последично поврзана со вакцинацијата, туку со коморбидитети и други фактори

 

Во постот што го рецензираме се вели дека ,,вистински исцелувачки лек не смее да предизвика ниту еден смртен случај и не смее да предизвика никаква негативна последица”. Меѓутоа, за жал, таков лек не постои. Дури и аспиринот за некои луѓе може да биде смртоносен.

Тврдењето дека вистински исцелувачки лек не смее да предизвика ниту еден смртен случај е спинерско тврдење и непоткрепено во медицината. Медицински гледано, несакан ефект претставува непосакуван симптом од медицински третман.

 

НЕ ПОСТОИ ЛЕК БЕЗ НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ

Развојот на лековите е комплициран процес, бидејќи нема двајца сосема исти луѓе, па така и медикаментите кои немаат очигледни несакани ефекти, може да се тешки за некои луѓе. Исто така, тешко е да се направи лек што таргетира еден дел од телото без да афектира друг.

Сите лекови може да предизвикаат несакани последици и оние коишто одат на рецепт, и оние без рецепт, па дури и витамините и хербалните препарати!

Активните супстаннци во лековите може да се судрат, па затоа земањето на повеќе од еден лек истовремено може да го зголеми ризикот од несакани ефекти. Околу 230 илјади Австралијанци секоја година завршуваат во болница поради проблеми со нивните лекови, вклучително со несакани ефекти. Додека повеќето несакани ефекти може да се менаџираат, некои може да се многу сериозни и дури и да предизвикаат смрт.

Некои антибиотици може да предизвикаат алергиски реакции кај околу пет проценти од популацијата. Исфрлање на кожата, исто така, е честа реакција. Но, не може секогаш да се каже со сигурност дали причинителот на реакцијата е лекот или болеста.

 

ВАКЦИНАЦИЈАТА Е НА ДОБРОВОЛНА ОСНОВА

Во вториот дел од постот се тврди дека ,,медиумите свесно и тенденциозно лажат и смртните случаи од вакцинирањето ги дефинираат како компликации од коронавирусот со цел да шират страв и да ги натераат граѓаните да се вакцинираат”.

Вистината е дека медиумите можат да го пренесат само тоа што им го пласираат здравствените власти. Медиумите немаат задача да шират паника и немаат задача да ги кријат фактите. На пример, факт е дека се пријавени смртни случаи после вакцинацијата со ковид-19. Меѓутоа, исто така, факт е дека во секоја од тие пријави, не мора да значи дека смртта настанала како последица на вакцината.  Нема конкретна информација за кои смртни случаи од вакцина реферира авторот.

Што се однесува на тоа дека медиумите на некој начин можат да натераат некого да се вакцинира, и ова е спин. Вакцинацијата е на добрата волја на секој граѓанин. Секој граѓанин што сака да се вакцинира, самиот своеволно потпишува изјава за согласност, се пријавува на веб-страницата за вакцинација во Македонија, претходно информирајќи се за несаканите ефекти од секоја вакцина кои се наведени во упатствата за нејзиното користење. Сите упатства за вакцините кои се аплицираат во Македонија, погледнете ги на следниот линк.

На веб-страницата на Министерството за здравство за вакцинација пишува дека во нашата држава секоја вакцина е одобрена само доколку успешно ги поминала сите три фази на клиничките студии. Овие национални и меѓународни стандарди за квалитет важат и за одобрување на вакцина против  коронавирусот. По одобрување на пазарот, вакцината продолжува внимателно да се следи и проценува со цел да се забележат многу ретки несакани ефекти.

Таму се децидни дека не може да се исклучат несаканите ефекти. 

Сите вакцини може да имаат несакани ефекти. Но најчесто тие се лесни, самоограничувачки и спонтано поминуваат. Важно е да се знаат и да му се објаснат на лицето кое се вакцинира за да знае што да очекува после примање на вакцината. Централна задача на процесот на тестирање и одобрување е да може јасно да се опишат несаканите ефекти. Ова исто така вклучува и можност за именување за кои групи на луѓе и во колкава мера може да појават несаканите ефекти. Но, дури и по одобрување, новокористената вакцина дополнително се надгледува и истражува. Понекогаш многу ретки несакани ефекти може да се забележат само по одобрување,се наведува на официјалната страница за вакцинација.

На овој линк може да се погледнат едукативните видео материјали за вакцинацијата во кои се одговараат најчесто поставуваните прашања.

 

ВАКЦИНА, ЕФЕКТИ, НЕСАКАНИ ПОСЛЕДИЦИ

Наспроти тоа што го тврди авторот во постот, алудирајќи на вакцината против ковид-19, дека несаканите последици не смеат да постојат кај ниту еден лек, Центарот за контрола и превенција на болести на САД, го тврди спротивното. Несаканите последици, всушност, се сигнал дека организамот реагира на вакцината и создава имунитет:

Вакцината ќе ви помогне да се заштитите од тоа да заболите со ковид-19. Може да имате некои несакани последици, кои се нормален знак дека вашето тело создава заштита. Овие странични ефекти може да повлијаат на вашите секојдневни активности, но би требало да исчезнат за неколку денови. Некои луѓе немаат несакани ефекти. Чести странични ефекти се болка, црвенило и оток на раката каде е аплицирана вакцината. Може да се појават замор, главоболка, мускулна болка, температура и гадење.

Што се однесува на смртните случаи по вакцинација, веќе пишувавме дека самата пријава на ВАЕРС, не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Можно е други болести, состојби, сообраќајки, канцер, старост – буквално еден куп причини да предизвикаат смрт, откако вакцината е администрирана. Самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, не се потврдени. Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти во САД изјавила дека пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи, а тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е доказ дека вакцината го предизвикала ефектот.

Владата на Велика Британија објавува неделни извештаи базирани на таканрачени ,,жолти картони”, преку кои се пријавуваат несакани ефекти после вакцината, како и после секој друг лек или медицинско средство.

Преку механизмот на жолт картон, секој може доброволно да пријави какви било несакани реакции од вакцината. Многу е важно да запомниме дека пријавувањето преку механизмот жолт картон не значи оти задолжително вакцината го предизвикала несаканиот ефект. Бараме сите сомневања да се пријават, дури и ако тој што пријавува не е сигурен дека вакцината го предизвикала несаканиот ефект. Многу од овие пријавени несакани реакции преку жолтите картони немаат никаква поврзаност со вакцината или лекот што бил администриран и често е коинциденција што тие настапуваат заедно во исто време. Овие пријави постојано се разгледувани и одблиску следени за да се детектираат нови можни несакани ефекти кои може да изискуваат регулаторна активност, како и за да се направи разлика меѓу нив и оние несакани ефекти што би настанале независно од лекот или вакцината што биле администрирани, поради, на пример, недијагностицирана болест, пишува на страницата.

Владата на Велика Британија дури и најексплицитно и најдиректно посочува:

Многу е важно дека овие сомнежи за несакани ефекти, опишани во овој извештај, да не се интерпретираат како докажани несакани ефекти од ковид-19 вакцината.

Секоја пријава во жолтиот картон се разгледува не засебно вон контекст, туку во контекст на други регулаторни тела на светско ниво. Колку што има поголем број на администрирани дози, логично и следствено, има и повеќе пријави. Стапката на пријави за несакани реакции на илјада администрирани дози од „Фајзер“ и „АстраЗенека“ е 3 до 6 случаи. Од клиничките тестирања е познато дека почестите несакани ефекти од овие две вакцини се случуваат еднаш на десет дози! Такви се локални реакции коишто потсетуваат на грип. Можно е посериозните медицински настани да не се причинско-последично поврзани со самата вакцина, туку да се коинцидентни. Во раната фаза на вакцинацијата, во Велика Британија се вакцинираа постарите кои имаат коморбидитети! Тоа го зголемува ризикот за несакани реакции неповрзани со вакцината. Значи, некои од тие смртни случаи дефинитивно би настанале и без и со вакцината.

Целта на вакцината е следната: да ја намали смртноста и да го намали бројот на случаи кои завршуваат во болница со тешки последици како резултат на ковид-19!

Како што е подвлечено од клиничките тестирања, познато е дека најчестите несакани ефекти од вакцините се еден од десет случаи на администрирана вакцина. Во целост, пријавите во жолтите картони се со пониска стапка отколку стапката на несакани ефекти во клиничките испитувања. Главната цел на жолтиот картон е да детектира нови странични ефекти.

Така и се случи со вакцината на „АстраЗенека“, за која беше детектирано дека предизвикува ретки случаи на тромбоемболија најчесто кај помлади жени, па сега во земјава се администрира само на повозрасни од 60 години.

Придобивките од вакцината во спречување на ковид-19 и неговите сериозни компликации многу ги надминува несаканите ефекти, се заклучува во извештајот.

Оттука, како невистинити ги оценуваме изнесените тврдења дека вакцината не смее да предизвика никаква негативна последица. Самите вакцини доаѓаат со упатства за користење и во нив се наведени тие последици. Меѓутоа, тие последици се минорни, споредено со последиците од тежок ковид!

Невистинито е и тврдењето дека медиумите лажат и дека смртните случаи по вакцинирањето ги дефинираат како компликации од ковид-19, за да ги натераат граѓаните да се вакцинираат. Медиумите не можат да ги натераат граѓаните да се вакцинираат, тоа е нивен личен избор за што потпишуваат изјава за согласност, претходно информирајќи се за сите аспекти на вакцината. Смртните случаи по вакцинирањето се засега на ниво на пријавени сомневања и секој случај се разгледува посебно. Не може да се стави знак на равенство меѓу пријава за смртен случај по вакцина со самата вакцинација. Смртта може да не е причинско-последично поврзана со вакцинацијата, туку со коморбидитети и други фактори.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција