Лекарите специјалисти надвор од работното време ќе може да дежураат низ болниците во внатрешноста

Фото: pixabay.com

Лекарите специјалисти вработени во која било државна или приватна болница ќе можат да дежураат во здравствените установи ширум државата. Со новите законски измени ќе им се овозможи на специјалистите да дојдат кај пациентите во помалите градови, наместо пациентите со компликации да одат во болниците во градовите надвор од нивното место на живеење

Специјалистите вработени во која било државна или приватна болница ќе можат да дежураат во здравствените установи ширум државата. Со новите законски измени ќе им се овозможи на докторите да дојдат кај пациентите во помалите градови, наместо пациентите со компликации да одат во болниците во градовите надвор од нивното место на живеење

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Владата усвои крупни измени во Законот за здравствена заштита, чија цел е да се подобри пристапот до здравствена заштита за пациентите, како и да им се даде можност на лекарите специјалисти да заработат повеќе пари во слободното време, доколку за тоа имаат желба. Министерот за здравство, Венко Филипче за „Вистиномер“ ги објасни законските измени.

Работиме по препораките на ЕУ за зголемување на пристапот до здравствена заштита и со овие законски измени примарно ја подобруваме достапноста на здравствените услуги за нашите пациенти. Со законските измени очекувам да се направи рамномерна распределба на кадарот на специјалисти. На пример, јас сум лекар неврохирург. Со законските измени, сите болници ќе распишат распоред за дежурства за секој ден од неделата, вклучително и за викендите. Доколку видам дека дента кога се бара дежурен неврохирург во некоја болница во внатрешноста, јас имам слободен ден во матичната здравствена установа, ќе се пријавам за дежурство во другиот град. Така лекарите доколку сакаат ќе можат да работат и во својата матична установа, но и да им бидат достапни на сите други установи. На ваков начин на пациентите нема да им недостасуваат специјалисти, вели Филипче.

Тој посочува дека оваа новина лекарите специјалисти вработени во која било државна или приватна здравствена установа да може да дежураат во здравствените установи ширум државата – согласно дефицитот на нивната специјалност во одредена болница или регион, стапува во сила веднаш.

Неодамна со проблем од недостиг на специјалисти се соочи охридската болница. Таму немаше педијатри, откако две докторки морале да го напуштат работното место поради болест, па младите пациенти на прегледи мораше да се испраќаат во Струга. Со законските измени ќе се овозможи во оваа болница во Охрид да дојдат доктори специјалисти од други градови, додека да се пополни вакуумот од недостиг на педијатри.

Од втората половина на 2022 година, пак, ќе стапи на сила уште една измена во Законот за здравствена заштита,  откако претходно ќе се направат и буџетски измени. Според оваа новина, сите лекари во здравствените установи, како на пример, гинеколози и педијатри, ќе може да бидат и матични лекари, односно матични гинеколози или матични педијатри. Ваквата законска измена особено е потребна во региони каде што има недостиг од лекари, за пациентите да не патуваат туку самиот лекар да доаѓа кај нив во ординациите кои постојат и сега, но се празни зашто нема лекари. Така општите лекари  вработени во здравствените домови, како и педијатрите и гинеколозите вработени во болничкиот сектор, ќе може да бидат и матични лекари во различни региони од државата, согласно дефицитот од тие  матични лекари што го утврдува Министерството.

Третата измена во Законот за здравствена заштита, според министерот Филипче, е на барање на матичните лекари. Во ординациите на матичните лекари, со законските измени пациентите ќе останат и доколку нивниот матичен лекар се пензионира или си даде отказ. Со тоа пациентите лесно продолжуваат да се лекуваат во веќе избраната ординација и на некој начин ѝ припаѓаат на ординацијата, наместо да се префрлуваат кај друг лекар ако нивниот матичен лекар се пензионира или си даде отказ.

Законот, исто така, за првпат го регулира и вклучувањето на граѓанските органзиации во системот на здравствена заштита. Дополнително, на веќе вработените лекари, за шест месечен стаж – како услов за специјализација, ќе им се смета и времето поминато во здравствената установа каде се вработени.

Во последниот Извештај од Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија,  се споменува дека сè уште се потребни соодветно финансирање и натамошна посветеност за усогласување на националните правила со правото на ЕУ.

Во однос на здравствената нееднаквост, програмата за активна здравствена заштита им овозможува пристап до здравствена заштита на неколку целни групи, вклучувајќи ја и ромската заедница. Луѓето кои живеат во оддалечени области можат да бидат посетени од регионални/локални лекари, пишува во извештајот на ЕК. 

Со новите законски измени ќе им се овозможи на специјалистите да дојдат кај пациентите во помалите градови, наместо пациентите со компликации да одат во болниците во градовите надвор од нивното место на живеење

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција