Лекарите во Франција не ги соблекоа белите мантили поради „лажна пандемија“ со Ковид-19
Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири невистини дека француските лекари протестираат поради лажна пандемија од Ковид-19. Всушност, видеото кое се споделува е старо десет месеци и е од протестите на здравствените работници во Франција, пред воопшто во земјата да се појави првиот регистриран случај на коронавирусот
Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири невистини дека француските лекари протестираат поради лажна пандемија од Ковид-19. Всушност, видеото кое се споделува е старо десет месеци и е од протестите на здравствените работници во Франција, пред воопшто во земјата да се појави првиот регистриран случај на коронавирусот
Преку злоупотребено видео, во пост на Фејсбук се тврди дека „короната е голема лага“ и поради тоа „лекарите и медицинските сестри во Франција ја соблекуваат својата униформа во знак на револт”.
Од датумот на којшто е објавено видеото, како и од текстуалниот контекст што му се дава, се добива лажен впечаток дека видеото е снимено сега, односно во октомври 2020 година и дека истото има врска со пандемијата со Ковид-19. Но, тоа не е точно.
Ова тврдење е комплетно невистинито, видеото е старо, датира од јануари 2020 година од Франција и може да се види постирано на повеќе француски групи. Во јануари 2020 година, во Франција имаше поголем број на протести за јавното здравство. Здравствените работници тогаш наведоа многубројни проблеми поради кои се решиле на протест, како што беа ограничувања на буџетите за јавното здравство, бројот на достапни болнички кревети за хоспитализација, затворање на операционите сали, бројни работни места кои останале непополнети на државните клиники, преморени медицински сестри и доктори. Резултатот на сето ова, според тоа што тогаш го наведоа медицинските работници кои протестираа, бил намалениот квалитет на здравствената услуга и заштита што ја добивале пациентите.
Достапноста до дијагностичка, медицинска и оперативна нега во јавните здравствени установи сега е значајно отежната, а оние кои што се грижат за третманот и грижата на пациентите се крајно демотивирани, изјавија во протестната нота здравствените работници од Франција во јануари, а пренесоа медиумите.
Така што, видеото кое во постот на македонски јазик е објавено 10 месеци подоцна, со сосема поинаков опис, всушност, е објавено на француски на Фејсбук уште во јануари, тогаш кога здравствените работници протестираа за подобрување на условите во нивниот здравствен систем.
Како што може да се види со пребарување на Интернет, ниту еден француски или светски извор воопшто не ја спомнува пандемијата, ниту, пак, наведува дека ,,Короната е голема лага и затоа здравствените работници го соблекуваат белиот мантил”.
Интересно е да се напомене дека истото видео со лажно тврдење дека лекарите си даваат откази заради лажна пандемија со Ковид-19, се појави и во Бразил, ама и таму е, исто така, побиено.
Значи, воопшто не е точно дека лекарите протестираат поради „лажна пандемија“ од Ковид-19, како што тврди постот што го рецензираме, туку видеото е од Франција пред воопшто во земјата да се појави првиот регистриран случај на коронавирусот, односно тоа датира од 14 јануари 2020 година. Дури и самата болница потврдила за бразилските проверувачи на факти дека нивниот протест воопшто не е поврзан со Ковид-19.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар