Лекови – сериозен проблем, но и голем бизнис во центарот на жестоки политички напади

Фото: Valeria GB from Pixabay

Државата за здравството издвојува нешто под една милијарда евра годишно (Министерство за здравство+Фонд за здравство). Од тие пари само лековите ја чинат здравствената каса над 200 милиони евра, додека севкупниот бизнис со лекови е околу половина милијарди евра. Овие бројки треба да се имаат предвид кога се читаат и коментираат изјавите и прес конференциите на политичките партии, нивната жестокост и безмилосност, личните напади врз поединци и компании. Од оваа „игра“ во која поради големината на парите, се чини, нема ниту наивни, ниту невини, најголема жртва може да биде здравјето на граѓаните

 

Државата за здравството издвојува нешто под една милијарда евра годишно (Министерство за здравство+Фонд за здравство). Од тие пари само лековите ја чинат здравствената каса над 200 милиони евра, додека севкупниот бизнис со лекови е околу половина милијарда евра. Овие бројки треба да се имаат предвид кога се читаат и коментираат изјавите и прес-конференциите на политичките партии, нивната жестокост и безмилосност, личните напади врз поединци и компании. Од оваа „игра“ во која поради големината на парите, се чини, нема ниту наивни, ниту невини, најголема жртва може да биде здравјето на граѓаните

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Додека двете најголеми политички партии од власта и опозицијата водат дневно-политички отстрел преку проблемот со недостиг на биолошката терапија на Клиниката за онкологија, јавноста не треба да заборави дека бизнисот со лекови, медицински материјали и медицински помагала е пресериозна работа од која зависи и состојбата со здравствената каса и учеството на граѓаните за лекување на сопствен трошок, што како резултат на крајот се одразува на јавното здравје на населението.

Да потсетиме, проблемот започна кога неодамна стана јасно дека извесен број пациенти од Клиниката за онкологија останале без редовната биолошка терапија што ја плаќа државата, по што од опозициската СДСМ излегоа со соопштенија и изјави дека тоа е доказ за неспособноста на власта, па бараат оставки од првите луѓе на Клиниката, во Фондот и на ресорот Здравство. Од власта пак, одговорија со канонади соопштенија и прес-конференции, при што главна цел е лидерот на СДСМ Венко Филипче кого го доведуваат во блиска врска со веледрогеријата „Д-р Пановски“ и поради чии бизнис интереси, како што тврди власта, бил настанат проблемот кој бил вештачки создаден за да се зголемеле цените што ги зема оваа веледрогерија од лековите наменети за онколошки болните пациенти, итн.

Во оваа канонада соопштенија и јавни изјави ретко кој ги третира главните факти, а кои се базираат на системски решенија (редовни набавки наместо реверси), и на расположливи буџети (На МЗ и на ФЗО), но и на факти што ги изнесува еден од таргетираните субјекти, веледрогеријата, дека цената на лековите ја одредуваат здравствените власти, а не компанијата.

Колку нè чинат лековите?

За да станат нештата појасни прво што треба да се знае е дека вкупниот бизнис со лекови во државата е повеќе стотици милиони евра. Само најуспешните десет компании оствариле годишен приход од преку половина милијарда евра. Вкупните профити пак, релативно не се толку големи во однос на вкупниот бизнис. Па така, првите десет компании по остварен профит во бизнисот не оствариле повеќе од 20 милиони евра. Еве ги деталите:

Вкупен приход на топ веледрогериите во 2023 година

Над 445 милиони евра

Зегин е на прво место со над 91 милион евра

Десет најпрофитабилни

„Д-р Пановски“ на прво место со 2,72 милиони евра

Реплек со 2,5 милиони евра, а исто толку и Галинос од Илинден

Извор: Пари и Бизнис мрежа

Вкупната моќ на државата пак, за да плаќа за лекови и мeдицински материјали надминува 200 милиони евра. Еден помал дел оди за набавка на лекови на рецепт, додека повеќе од дупло оди за набавка на лекови за во болничките аптеки за секундарното и терциерното здравство. Еве ги подетално: 

Колку купува државата?( Податоци за 2023)

За примарно здравство и лекови на рецепт над 50 милиони евра

За секундарно и терциерно здравство над 138 милиони евра

За медицински помагала (ортопедски и други) над 12 милиони евра

Извор: ФЗОРСМ/Годишен извештај за 2023 (стр.31-37)

Овие податоци се дел од вкупната слика. Важно е да се знае и дека приватните плаќања во здравството извршуваат над 40 отсто од домаќинствата, од што најголемиот дел за лекови во аптеките. (СЗО – стр.40).

Оваа слика секако треба да се има предвид за да има што помалку дезинформации. Таа слика се чини дека појаснува дека нема невини и наивни во оваа „игра“ со бизнисот со лекови, ја појаснува жестокоста и бруталноста на нападите на политичките партии од власта и од опозицијата, а главна жртва во смисла на информирање со факти покрај јавноста, може да биде единствено јавното здравје на граѓаните. Зашто проблемот покрај што е голем бизнис, е и пресериозен во однос на импликациите кои треба да бидат одговорени преку следниве прашања:

  • Кои и какви лекови користат граѓаните на товар на Фондот и кој може да си ги дозволи?
  • Како може да се зголеми вкупниот фонд за лекови на државна сметка?
  • Како да се подобри постоечката структура од позитивната листа со понови и поскапи лекови, а со тоа целото општество да има бенефит?
  • Или пак во позадина е прашање од типот како да се истиснат или да се донесат други веледрогерии во поволна позиција, како што сугерира во соопштението и нападнатата веледрогерија?

Прашањата на кои треба да се даде одговор се овие и други, пред да се вадат „заклучоци од ракав“ и да се шират дезинформации. И во јавниот простор од страна на засегнатите и на социјалните мрежи од страна на разни категории граѓани, но и ботови.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција