Лесно залепена етикета: Банализацијата на фашизмот го амнестира злото

Мусолини (втор од лево) меѓу обесените фашисти во Милано, 1945 | Фото: Vincenzo Carrese, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Ако фашизмот и денес е закана за демократијата во светот, тогаш слободата и ослободувањето од него се бесконечна задача, пишуваше Умберто Еко пред три децении. Како да се препознае вистинскиот формат на фашизмот во политичката пракса, за да не се банализира неговото значење, како што тоа често го прават и домашните „националисти и суверенисти“, кои постојано ја имаат Европската Унија како мета на која ја „вежбаат“ нивната идеја дека сме станале фашисти бидејќи сакаме да бидеме дел од ЕУ.

Ако фашизмот и денес е закана за демократијата во светот, тогаш слободата и ослободувањето од него се бесконечна задача, пишуваше Умберто Еко пред три децении. Како да се препознае вистинскиот формат на фашизмот во политичката пракса, за да не се банализира неговото значење, како што тоа често го прават и домашните „националисти и суверенисти“, кои постојано ја имаат Европската Унија како мета на која ја „вежбаат“ нивната идеја дека сме станале фашисти, бидејќи сакаме да бидеме дел од ЕУ

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Германскиот филозоф од еврејско потекло Валтер Бенјамин во неговото инспиративно дело „Уметноста во доба на техничката репродукција“ (Das Kunstwerk im Zeitalter seiner technischen Reproduzierbarkeit) од 1936 година ја постави следнава равенка: Естетизацијата на политиката е еднакво на фашизам, а политизација на уметноста е рамно на комунизам. Откако Адолф Хитлер во 1932 година ја презел власта во Германија, Бенјамин емигрирал во Франција, но по инвазијата на нацистите врз оваа земја во 1940 година, сам си го одзел животот, не чекајќи ја нивната пресуда.

Дали светот се справи со екстензиите на нацизмот и фашизмот 80 години по нивниот (физички) пораз, и зошто не?

Максимата на Бенјамин за фашизмот, речиси 90 години по нејзиното дефинирање, и денес е актуелна. Од друга страна, пак, дали пречестото етикетирање на разни појави како фашистички облик на политички формат и пракса го банализира фашизмот како реална закана, девалвирајќи ги неговите катастрофални последици од епски размери?

Италијанскиот историчар, филозоф, писател и теоретичар на комуникациите Умберто Еко го поднасловил неговиот славен есеј „Вечниот фашизам: Четиринаесет начини на гледање на црна кошула“ (Ur-Fascism) со ставот дека „Слободата и ослободувањето се бесконечна задача“. Во ова ултимативно четиво, проткаено со личните погледи на авторот за разбирањето на фашизмот во современа форма, Еко пред 30 години ја анализира домашната (италијанска) пројава на фашизмот:

Ако се потсетиме на тоталитарните режими што владееја со Европа пред Втората светска војна, можеме со сигурност да кажеме дека би било тешко да се замисли тие да се вратат во иста форма под различни историски услови. Ако фашизмот на Мусолини се засноваше на идејата за харизматичен лидер, корпоративизмот, утопијата на „фаталната судбина на Рим“, империјалистичката желба за освојување нови територии, закоравениот национализам, идеалот на цела нација пикната во црни кошули, отфрлањето на парламентарната демократија, антисемитизмот, тогаш не ми е тешко да признаам дека Националната алијанса (Alleanza Nazionale, коалиција на италијанската десница) произлезена од Италијанското социјално движење (MSI – Movimento Sociale Italiano), е неспорно десничарска партија, но дека нема многу сличности со стариот фашизмот. Од истите причини, иако сум загрижен за различните пронацистички движења кои дејствуваат во некои делови на Европа, вклучително и Русија, не мислам дека нацизмот, во неговата оригинална форма, ќе воскресне како движење што може да постави цела нација во пламен.

Еко понатаму во неговиот есеј анализира дека и покрај тоа што политичките режими се менливи, нивните идеологиите можат да бидат критикувани и лишени од легитимитет.

... зад режимот и неговата идеологија секогаш постои одреден начин на размислување и чувство, цела низа обичаи и културно наследство, непроѕирен облак од магловити нагони и неразбирливи импулси. Дали, тогаш, постои уште едно сениште што ја прогонува Европа (да не зборуваме за другите делови на светот)?, пишуваше Еко пред три децении.

Како денес да се препознае вистинскиот фашизам? Дали новата десница во Европа и САД е фашистичка? Колку „демократските автократии“ и „илиберални општества“ на Владимир Путин, Виктор Орбан, Реџеп Таип Ердоган, Александар Вучиќможат да се вбројат во фашистички формати на политичката пракса?

Аналитичарот Јан-Вернер Милер во неговиот скорешен есеј објаснува:

Фашизмот е форма на авторитаризам, но не сите авторитарни лидери се фашисти.Фашистите имаат трансформативен политички проект: да создадат хомоген народ лојален на месијанскиот водач и да го мобилизираат општеството во име на насилен расен конфликт. Спротивно на тоа, монарсите или технократските авторитаристи – на пример, воените диктатури во Латинска Америка – можат да бидат прилично дискретни. Најдолготрајната диктатура во Европа во текот на 20 век ја водеше дефинитивно нехаризматичниот португалски економист Антонио Салазар. Од друга страна, фашистите својот легитимитет го засноваат на народната акламација.Тие организираат масовни собири и спектакли, демонстрирајќи ја својата моќ, пишува Милер.

Домашните „националисти и суверенисти“ постојано ја имаат Европската Унија како мета на која ја „вежбаат“ нивната идеја дека сме станале фашисти, бидејќи сакаме да бидеме дел од „фашистичка Унија“ каква што е ЕУ. Тоа тврдење, иако толку пати дебанкирано, постојано се повторува, иако основната идејата за формирање на Европската Унија е токму антифашистичката идеја и пацификација на континентот, бидејќи ЕУ се темели на фундаментално спротивни принципи од фашизмот.

Нацизмот беше неспорно антихристијански и неопагански, на ист начин како што Сталиновиот дијалектички материјализам (официјалната верзија на советскиот марксизам) беше непобитно материјалистички и атеистички. Ако тоталитаризмот значи режим, кој го потчинува секој поединечен чин на државата и нејзината идеологија, тогаш нацизмот и сталинизмот беа тоталитарни режими, пишува Еко во неговиот есеј „Вечниот фашизам“.

Од друга страна, манипулирајќи со терминот „неонацифашисти“ како „дежурна бабарога“, чести се и тврдењата дека Западот го уништува христијанство, посебно православието и Русија, кои неретко завршуваат со друг слоган – „Смрт на фашизмот, слобода на народот“, чие значење се банализира со пречеста употреба од погрешни луѓе, на погрешни места, за што „Вистиномер“ пишуваше во многу наврати, како и за дезинформациските и клеветнички наративи против ЕУ.

Тоа банализирање на фашизмот е наличјето на оној класичен нацистички процес кој германскo-американската филозофка Хана Арент по повод судењето на Адолф Ајхман, еден од главните организатори на концентрационите логори и холокаустот врз Евреите, го дефинираше како „Баналност на злото“. Иако и самата Еврејка по потекло која морала да бега пред нацистите – со поголем успех од нејзиниот пријател и колега Бенјамин – беспоштедната критика на Арент кон сите тоталитаризми, ја направиле една од најомразените личности кај американските Евреи.

Да се вратиме на вистинскиот фашизам и како да го разликуваме од другите епигони. Тезата на Еко е дека постои само еден нацизам, а тој според него е хиперкатоличкиот фалангизам на диктаротот Франциско Франко во Шпанија од средината на минатиот век, кој не може да се наречеме „нацизам“, бидејќи нацизмот во основа е пагански, политеистички и антихристијански, инаку не е нацизам.

Спротивно на тоа, фашизмот може да се игра на различни начини, името на играта да не се менува… Терминот „фашизам“ е соодветен за сите ситуации бидејќи е можно да се отстранат еден или повеќе аспекти од фашистичкиот режим и сепак да се остане фашистички. Извадете го империјализмот од фашизмот и ќе ги добиете Франко и Салазар; тргнете го колонијализмот од него и ќе добиете балкански фашизам, пишува Еко.

Манипулативните наративи со „полна уста фашизам“ се како слободни радикали во органскиот свет, штетни молекули што ја нарушуваат структурата на здравите ткива во организмот. Тие наративи можат да го поврзат Мусолини со Зеленски, тргнувајќи од сосем неочекувана појдовна точка, како што тоа неодамна беше случајот со недоразбирањето меѓу градовите Горица (Италија) и Нова Горица (Словенија) – во проектот заедничка европска престолнина на културата во 2025 година – околу сè уште важечките титули „почесен граѓанин“ за Бенито Мусолини во стотици градови во Италија (Горица), но и на словенечкиот дел од Истра (Пиран). Таквите наративи немаат проблем потоа да ја екстензираат тезата за „западниот фашизам“ сè до актуелната војна во Украина, тврдејќи патем дека западниот дел од Европа е сè уште фашизоиден.

Претставничката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, неодамна предупреди дека е „шокантно, но вистинито“ што многу германски градови „ни денес не му го одземале статусот на почесен граѓанин на Хитлер или на другите нацистички лидери“. Некогаш имаше речиси 4.000 такви градови и села низ Германија, се сеќава Захарова на каналот Телеграм. Исклучок се градовите кои биле дел од поранешна Источна Германија по Втората светска војна; таму тие официјално ги укинаа таквите почести на нацистичкиот водач Адолф Хитлер, но тоа не е случај насекаде на тлото на поранешна Западна Германија, пишува балканската едиција на „Раша тудеј“.

Ова е типичен начин на манипулативна употреба на терминот „нацизам“ од страна на Кремљ, каде што се извртуваат тезите и јавноста се насочува од „дрвото да не ја види шумата“. Самиот чин на укинување на титулата почесен граѓанин во многу градови не би значел ништо сам по себе, ако не се спроведат суштински промени. Во конкретниов случај, Германија и нејзините градови денеска се многу далеку од нацизмот, зашто денацификацијата на оваа држава е одамна завршена и се смета за еден од најуспешните процеси на раскинување со мрачното минато кое доведе од Втората светска војна.

Како што беше споменат ставот на Умберто Еко погоре, лекот за вечниот фашизам е само борбата за слобода како бесконечна задача.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција