Левите и десните во Северна Македонија „братски“ ги шират антизападните дезинформациски наративи
Врз основа на анализата може да заклучиме дека без разлика дали фејсбук групите се оформени врз основ на лева или десна идеологија, во нив имаме про-руски или про-патриотски содржини, но сепак, кога се антизападните наративи и информации кои одат во прилог на таквите наративи, овие групи не препознаваат идеолошки или јазични бариери, туку спротивно, соработуваат и споделуваат исти или слични содржини кои доаѓаат од исти извори. Како земја што преговара за членство во Европската Унија, Северна Македонија веќе треба да започне со усогласување на своите регулативи. На пример, важно е да се подготви за имплементација на Актот за дигитални сервиси, кој покрива повеќе аспекти поврзани со големите дигитални платформи
Врз основа на анализата може да заклучиме дека без разлика дали фејсбук групите се оформени врз основ на лева или десна идеологија, во нив имаме про-руски или про-патриотски содржини, но сепак, кога се антизападните наративи и информации кои одат во прилог на таквите наративи, овие групи не препознаваат идеолошки или јазични бариери, туку спротивно, соработуваат и споделуваат исти или слични содржини кои доаѓаат од исти извори. Како земја што преговара за членство во Европската Унија, Северна Македонија веќе треба да започне со усогласување на своите регулативи. На пример, важно е да се подготви за имплементација на Актот за дигитални сервиси, кој покрива повеќе аспекти поврзани со големите дигитални платформи
Политичката идеологија е силен двигател на јавниот дискурс, тоа е сет на вредности но и го дефинира јазикот кој го користат политичките партии за да се позиционират и да ги привлечат истомислениците во својот камп. Воедно, политичката идеологија ги дефинира и политиките на политичките партии, па од таму се дефинираат и точките по кои различни партии можат да создаваат сојузи или да бидат противници по одредени прашања.
Природно, десните и левите идеологии се разидуваат во спротивен правец, особено околу економските и социјалните политики, а неретко и по прашање на надворешната политика. По прашање на надворешна политика, десните идеологии во Европа имаат тенденција кон меѓународна изолација која се базира на зачувувањето на суверенитетот, додека левите идеологии се поприклонети кон отвореност, дипломатија, и мултилатерализам, иако, се разбира има и исклучоци.
Во оваа анализа, истражуваме феномен кој е контрадикторен на вообичаената политичка пракса, а тоа е здружувањето помеѓу левиот и десниот блок во Северна Македонија во создавање и споделување на антизападните наративи, одржувајќи го во јавниот дискурс анти-ЕУ и анти-НАТО сентиментот. Ова здружување го анализираме преку неформалните отворени групи на социјалните мрежи кои, евидентно, делуваат во иста насока и се чинат како да немаат идеолошки разидувања.
Групациите создаваат своевидни ехо-комори кои ги користат како „расадник“ за пренесување на антизападните наративи, кои во својата основа се политички, некогаш историски, некои потхрануваат сентимент за руската супериорност, но сите без исклучок пропагираат анти-ЕУ и антизападен сентимент.
Ваквите штетни наративи многу често се пропратени со дезинформациски кампањи околу конкретни случувања кои можат да бидат искористени за врамување во антизападната приказна како т.н. „доказ“. Начинот на кој таквото врамување функционира е во пронаоѓање на изолирани ситуации или настани кои одат во прилог на антизападната теза и ја потврдуваат веќе пристрасната предрасуда. Многу често, таквите настани се бараат за да одговараат на потврдата на пристрасност, или инаку кажано – на 99 случаи кои го потврдуваат правилото се бара еден екстремен исклучок кој ќе ги засени останатите 99 случаи.
Оваа анализа ја испитува и меѓусебната поврзаност и заедничките точки во пласирањето на ваквите наративи од страна на лево ориентираните и десно ориентираните политички групации и генерално, обемот на влијание кое тие го имаат врз одредена публика. Воедно, анализата навлегува и во самите штетни наративи кои се пласираат и во нивната потенцијална штета врз општеството, како и предлог политики со кои можат да се надминат ваквите штети.
Методологија
Методологијата за оваа анализа е преку деск-истражување и мапирање, како и медиумски мониторинг на медиумски објави. Како основна база на податоци се земаат отворените групи на социјалните мрежи кои споделуваат и дисеминираат содржини кои одат во прилог на антизападни наративи. Методолгијата го следи јавно достапниот пат на една информација. Крајно, преку компаративна метода на постоечката регулатива и други меѓународни регулативи, се обидува да развие препорака за политика со која би се намалил просторот за влијанието на штетните наративи.
За оваа анализа како пример анализиравме 15 различни отворени групи на социјалната мрежа Фејсбук. Од овие 15 групи, дел се отворено про-руски и го пропагираат македонско-руското пријателство, дел се отворено анти-НАТО, анти-САД а дел се нарекуваат патриотски и се насочени кон историско-патриотска содржина. Сите 15 имаат содржина на македонски јазик, но покрај македонскиот јазик, 12 групи имаат содржина и на руски јазик, 9 групи имаат содржина и на српски јазик, а 5 имаат содржина и на англиски јазик, додека една има содржини и на бугарски јазик. Воедно, тие пропагираат содржини од различни политички партии како што се Десна, Родина, Македонски концепт, Левица, ВМРО-ДПМНЕ и Македонска трета ера.
Кај повеќето групи постои временско поклопување помеѓу изјавите на политичарите, темите застапени во јавниот дискурс преку медиумите и подбуцнувачка содржина, како и дезинформациите кои ги објавуваат јавно достапните групи на социјалните мрежи.
Групите, заедно имаат нешто над 48 илјади членови, но има значителен број на членови кои се повторуваат во различни групи. Со исклучок на две групи кои имаат нешто над 11 илјади членови, повеќето групи имаат од 1,3 до 3 илјади членови.
Како администратори на групите многу често се наоѓаат индивидуални лица со реални профили. Тие доаѓаат од различни градови во земјата, но има и неколку кои се од Австралија и своите групи ги имаат оформено од таму. Според јавно објавените информации на нивните профили, дел од администраторите се вработени во државни или образовни институции, има и вработени во Македонската православна црква – Охридска архиепископија(МПЦ-ОА), а има и група чиј администратор е истиот кој стои зад страница што врши онлајн продажба на производи.
Во ниедна од групите не изостануваат дезинформации и манипулации со информации, особено ако тие се во обланда помеѓу полуточни информации и теории на заговор, кои без исклучок се насочени кон прикажувањето на недоследноста, непринципиелноста, не-мерит системот и нечесноста на Западот, односно спротивните супериорни карактеристики на Русија и православниот свет.
Анализа на наративите според јазикот на споделени содржини
За периодот на анализа, од овие 15 групи кои споделуваат содржина на македонски јазик, 12 имаат содржина и на руски јазик, а 9 споделуваат содржина и на српски јазик и 5 групи споделуваат содржина и на англиски јазик. Нив ги издвојуваме од трите групи кои споделуваат содржина исклучиво на македонски јазик, за периодот на анализа.
Macedonia supports Donald Trump (Поддржувачи на Доналд Трамп), која е создадена пред 19 недели, чиј админ е фејбук страницата Македонско сонце, а член на групата е и Фејсбук страницата Налет да се сторите, која ја напоменавме во нашата претходна анализа на отворени Фејсбук страници кои шират дезинформации и штетни наративи за подгревање меѓуетнички тензии и поларизација. Оваа група често споделува содржини од Инфо Прилеп, Македонски лавови но и од Булевар.мк.
Споделува содржини на македонски, руски и српски јазик. Наративите на содржините кои ги споделува се анти-ЕУ, теории за економската пропаст и потребата за економско спасување и наративот на херои наспроти негативци. Останатите содржини промовираат активности во Прилеп или активности на единицата „Македонски лавови“ кои имаат пропатриотски пораки.
Проруски групи
Здружение за Македонско-Руско пријателство и соработка е дел од отворено про-руските групи, стара е 14 години и има повеќе администратори од Битола, од кои еден е профилот на интернет Планет радио или Радио Битола. Споделува содржини на македонски и руски јазик, чиј наратив е позитивен во насока на супериорноста на Русија, споделувајќи содржини од различни руски страници на социјалните мрежи.
Втора од групата про-руски фејсбук групи на оваа анализа е Група за дискусија на Здружението МиР – Македонија и Русија, која е стара 7 години, која има повеќе администратори од кои едниот на својот јавен профил се има претставено како кореспондент на Балканист. На оваа група, член е фејсбук страницата Налет да се сторите која ја напоменавме во нашата предходна анализа на отворени фејсбук страници кои шират дезинформации и штетни наративи за подгревање меѓуетнички тензии и поларизација, но и страниците на Македонски лавови и „Дали крајот вака мириса“. Групата споделува содржини на македонски, руски и српски јазик, а истите се во насока на наративот кој ја потврдува супериорноста на Русија и го зајакнуваат наративот „херои наспроти негативци“ и но и повремена промоција на политичката партија Родина. Оваа група, за периодот на анализа најчесто споделуваше содржини од српски медиуми, руски сајтови, Ohrid1.com, Macedonian Radio Program Melbourne, Македонски лавови, Горан Ангелов-Ќосето, Продукција Аристон, руското Министерство за надворешни работи, и Руска амбасада во Северна Македонија.
Третата група во оваа анализа од про-руските групации, е групата Русија и Македонија се православни браќа по крв, отворена пред 34 недели, чиј администратор според својот профил е вработен во јавно претпријатие. Содржините кои ги споделува се во насока на наративот на супериорноста на Русија, но и антизападни и анти-ЕУ содржини. Споделува содржини во промоција на партијата ВМРО-ДПМНЕ, но и од страниците на Macedonia Love, руски медиумски сајтови, Руското Министерство за надворешни работи, српски медиумски сајтови, Жаклина Пешевска, Суверенистички разговори, Тања Каракамишева, Патриотско друштво, Автономија за Пиринска Македонија – Македонци Обединете се! Шило Магазин и Македонија на Македонците.
Две ислучиво анти-НАТО групи
Референдум против членство на Р. Македонија во ЕУ и НАТО! и Анти-НАТО група – НЕ на војната и смртта! се две отворени анти-НАТО групи кои корелираат во својата содржина по однос на негативните наративи околу Алијансата. Таа содржина некогаш е преведена на македонски или српски, а некогаш е изворна на руски јазик. Наративите се движат од супериорноста на Русија, кон анти-НАТО и анти-ЕУ со внимателно споделување на секојдневни политички настани кои можат да бидат врамени во наративите. Крајната линија е делегитимизација на Западот и пласирање на содржини со силен антизападен сентимент. Првата група е оформена пред 10 години и споделува содржини од Македонска Трета Ера, Суверенистички разговори, Македонски лавови, руски медиумски сајтови, политичките партии Левица и ВМРО ДПМНЕ, но најчесто споделува содржини од медиумот Expres.mk. Втората група е стара 6 години и помеѓу останатите админситратори го има и Златко Ковач, а споделува содржини од Трета опција, политичката партија Единствена Македонија, но најчести содржини се од Expres.mk, Republika.mk, Јанко Илковски, СРБ Телевизија ФРОНТ.
Од друга страна Геостратегија и Возобновување на Македонската Државност! Дискусии, Анализи! Заедно со Proteruvanje na Soros i negovite slugi od tloto na Republika Makedonija и (Висторија) ВИСТИНСКА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА, која како група е отворена во Мелбурн Австралија, иако имаат силен анти-ЕУ и анти-НАТО сентимент, сепак фокусот повеќе го ставаат на патриотска и суверенистичка содржина, односно содржина која антизападните наративи ги пласира низ призма на националниот идентитет. Последната е најмлада, односно отворена е пред 4 години, додека другите две се отворени пред 6 односно пред 9 години. Споделуваат содржини на руски, англиски, српски и македонски јазик и имаат фокус кон наративите со кои се дискредитира Западот, но кај сите три се забележува и силниот „херои наспроти негативци“ наратив.
Геостратегија и Возобновување на Македонската Државност! Дискусии, Анализи! споделува од пејџовите Кукузел, Бебо, Лудата Јоци Фан Клуб, кои ги напоменавме и во нашата претходна анализа на отворени фејсбук страници кои шират дезинформации и штетни наративи за подгревање меѓуетнички тензии и поларизација. Воедно оваа група споделува содржини и од Јане Ченто, Коложег.инфо, Инфомакс.
Групата (Висторија) ВИСТИНСКА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА во споделувањето на содржината се чини поблиска до групата про-руски групации опишани погоре, поради споделувањето содржини од страниците на руското министерство за надворешни работи и Македонски лавови, но се преклопува со тука опишаните во споделувањето на содржини од Јaне Чентo, Димитаp Стевананџија, Вечерно шоу со Бoгдaн Илиeвcки, како и од Пeтaр Богоjеcки и Joвaн Jаулески. Забележани се содржини од политичките партии Македонски концепт и Единствена Македнија, но и други партии. Групата Proteruvanje na Soros i negovite slugi od tloto na Republika Makedonija во своите содржини има поголем фокус на руски медиумски сајтови, Мирка Велинова и Суверенистички разговори.
ПАТРИОТСКИ МАКЕДОНСКИ ФОРУМ е специфична по тоа што во редовите на своите администратори, има и лице кое на својот профил се има опишано како свештено лице од МПЦ-ОА. Споделува содржини на македонски, српски и руски јазик, но и содржини од политичката парија Македонски концепт како и од Тoдoр Пeтpов, Јaнe Чeнтo, Мaкeдонцитe во Гeрмaниja, Jaнкo Илкoвcки, Гoце.мк, Нoвa Мaкeдoниjа, Пeтaр Бoгoјeски, Сeдo Пeрo, Expres.mk, Мaкeдонски лавови, Пиреј, Мaкeдoнски Кoнцeпт и Димитар Aпaсиeв.
ПРАВДА ЗА МАКЕДОНИЈА е специфична по тоа што во периодот на анализата, за разлика од другите групи кои споделуваат на македонски, руски и српски јазик, оваа група споделува содржини и на бугарски јазик. Во неа членува и групата Работнички глас а споделува содржини од политичката партија Левица, како и од Infomax.mk, Рaбoтнички глaс, Expres.mk, Бeлoмoрскa пaртиja, Сoздaди нoва иднина, Kurir.mk, Тoдoр Aлeксaндрoв, Мaкeдoнски нeпoкoр, Јoвaн Јaулecки, Трeтa oпциja, Дaфинa Стoјaнoскa, Мojа Киceлa Boдa, руски сајтови, Мaкeдонcкa диjaспoрa, Димитaр Апaсиeв, Игoр Дурлoвски, Љупчo Палeвски и Cувeрeниcтички рaзгoвopи,
СЛОБОДЕН СВЕТ помеѓу своите членови ја има и фејсбук страницата Ciсki.mk, која ја напоменавме во нашата претходна анализа на отворени фејсбук страници кои шират дезинформации и штетни наративи за подгревање меѓуетнички тензии и поларизација. Споделува содржини на македонски и српски јазик, во кои неретко го наласува наративот за rуската супериорност. Во своите содржини споделува за Македонска трета ера, но и содржини од Суверенистички разговори, Левица, Македонска Ера Трета – Суверенисти.
Групи со суверенистички пристап
Македонија на Македонците – Македонците за Македонија, ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА🇲🇰, РАЗБУДИ СЕ МАКЕДОНИЈО се три фејсбук групи создадени пред 1, 4 и 9 години. Споделуваат содржини од политичките партии Десна, Родина и ВМРО-ДПМНЕ, а нивните наративи се најчесто анти-ЕУ иако доста е присутен и „херои наспроти негативци“ сентиментот. Во периодот на анализа тие споделуваат содржини од страници како Macedonian Kingdom and the Macedonians, и КРВОПИС – KRVOPIS, кои имаат изразено патриотско-суверенистичка содржина. Првите две се поклопуваат во споделувањето содржини од Димитар Стевананџија, Светски Македонски Конгрес, а првата има поширок опфат и споделува и од Вечер прес, Работнички глас, Гласот на Македонија, Kurir.mk, ВМРО ДПМНЕ, додека последната споделува од Трета опција, Родински разговори, Тодор Петров, Родина Македонија, Македонски лавови.
Што значи сето ова?
Врз основа на анализата може да заклучиме дека постои силна врска помеѓу содржините и изворите на содржините кои се споделуваат на анализираните фејсбук групи. Воедно, тие корелираат и со изјавите на политичарите, јавните личности и политичките случувања во земјата и светот, бидејќи често се потпираат на новинарски написи, но само на одредени и неколку медиуми. Воедно, ова значи дека без разлика дали фејсбук групите се оформени врз основ на лева или десна идеологија, во нив имаме про-руски или про-патриотски содржини, но сепак, кога се антизападните наративи и информации кои одат во прилог на таквите наративи, овие групи не препознаваат идеолошки или јазични бариери, туку спротивно, соработуваат и споделуваат исти или слични содржини кои доаѓаат од исти извори.
Препораки за политики
Северна Македонија се уште нема никаква законска регулатива кога се во прашање социјалните мрежи, а воедно и дезинформациите како штетните влијанија од манипулациите со информации. Тоа им овозможува на овие групи да создаваат простор за дисеминација на дезинформации, но и на голем број манипулации со информации кои не подлежат на никаква проверка на факти. Регулацијата е едно решение, но искуствата покажуваат дека не е целосен одговор на проблемот. Потребно е прашањето да се адресира на повеќе нивоа, со различни пристапи кои ќе ги вклучат сите делови на општеството.
Како земја што преговара за членство во Европската Унија, Северна Македонија веќе треба да започне со усогласување на своите регулативи. На пример, важно е да се подготви за имплементација на Актот за дигитални сервиси, кој покрива повеќе аспекти поврзани со големите дигитални платформи. Овој акт опфаќа и механизми за справување со потенцијално штетни содржини преку воведување одговорност за онлајн провајдерите. Ова е клучен чекор кон создавање посигурен дигитален простор. Таквата регулатива може да е решение за дезинформаците и говорот на омраза, но не и за штетните наративи кои се внимателно обландирани во полуточни информации или манипулации со информации.
Ова прашање треба да се третира и како безбедносно прашање, односно како прашање на хибридно делување против стратешките интереси на државата, која веќе 3 декади има јасна евроатлантска определба. Безбедносните органи во државата, особено оние чија што работа допира кон НАТО, имаат активни подзаконски акти по кои можат да постапуваат за да ги заштитат стратешките интереси на државата.
Силно оружје за справувањето со манипулациите со информации е и дигиталната и медиумска писменост. И тука државата има многу помала улога од сите останати чинители во општеството. Иако Министерството за образование и наука има улога во воведувањето на медиумската и дигитална писменост во училиштата, сепак една значајна улога играат и медиумите, меѓународните и граѓанските организации, академската фела и јавните личности кои имаат влијание во јавниот простор. И тука можеме да наведеме цел спектар на алатки, кои започнуваат од едукација во високото обрзование и образование на возрасни, медиумски и теренски кампањи, развивање на дигитални алатки, како и истражувања кои ќе ни укажуваат на реална состојба и слабостите во општеството од кои ќе произлезат и решенија, итн.
Крајно посериозна улога би можеле да преземат и политичарите, односно политичките партии. Во функционирањето на ваквите или слични антизападни групи, постои јасно врменско поклопување на изјавите на политичарите и политичките случувања во земјата и интензитетот и наративот на содржините во ваквите ехо-комори. Политичарите, а особено они кои се наоѓаат на извршна власт мора да покажат државнички пристап и јасно и децидно да преземат политики со кои евроатлантската стратешка определба ќе биде јасно исцртана и обезбедена.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар