ЛГБТ заедницата се уште сѐ соочува со предизвици и закани

Генерално земено, состојба е малку подобра од она што било порано, но ЛГБТ заедницата се уште се соочува со бројни закани и предизвици. Од физички напади, кои навистина се поретки од она што било, до говор на омраза и отворени закани изразени преку хомофобија и трансфобија, која често завршува и со дискриминација – се наведува во извештајотт на „Метаморфозис“ за почитување на правата на човекот: Основни права – Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари

Генерално земено, состојба е малку подобра од она што било порано, но ЛГБТ заедницата се уште се соочува со бројни закани и предизвици. Од физички напади, кои навистина се поретки од она што било, до говор на омраза и отворени закани изразени преку хомофобија и трансфобија, која често завршува и со дискриминација – се наведува во извештајотт на „Метаморфозис“ за почитување на правата на човекот: Основни права – Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари

 

Хомофобијата и трансфобијата се сѐ уште присутни во голем обем во РСМ. Иако некои работи генерално се поправени, на пример, нема веќе групни напади врз припадници на ЛГБТ-заедницата, ниту врз центрите или други форми на заштита што ги нуди невладиниот сектор, како што беше случај до пред неколку години, говорот на омраза, насилството од омраза и дискриминацијата по повеќе основи се забележуваат доста често. Ова е основната констатација од експертот за овие прашања, кој во рамките на фокус-групата помогна во составувањето на извештајот на Метаморфозис „Основни права – Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари“.

Говор на омраза и стигматизирачки дискриминациски говор поврзан со ЛГБТ-заедницата најмногу се регистрирани на социјалните мрежи, но и во медиумите, а невладиниот сектор потврдува дека го регистрира и од страна на избрани или именувани политичари.  Според експертот, сето ова може да се потврди не само од статистиките што ги води невладиниот сектор, туку и од веќе решените или документирани случаи што ги работи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Последен таков случај на насилство од омраза, за кои експертот смета дека е поттикнат од говор на омраза, дури и од несоодветен говор на политичари од политички партии или пратеници во Собрание кога расправаа за материјата, е претепувањето на ЛГБТ-активист и претседател на локална ЛГБТ-организација од Тетово, во мај 2022 година.

Во извештајот се наведува дека говорот на омраза или вознемирувачки говор е регистриран и во образованието, како во основното, така и во средното, при што последен потврден пример е од декември 2022 година, кога на барање на невладиниот сектор, КСЗД утврдила продолжена дискриминација во учебник по социологија. Обидот за системско средување на проблемот во образованието, да се отстрани ваквиот говор од учебниците, пропаднал по повлекувањето на соодветен закон за учебници и дидактички помагала од страна на Министерството за образование, кој иако бил влезен во собраниска процедура, бил вратен на доработка. Експертот што е користен во извештајот вели дека сега тој проблем е оставен на поединично пријавување на такви учебници доколку бидат детектирани, а неколку такви случаи веќе биле реализирани. Но, тоа не е системско решение.

„Законот е добар – трансфобијата го става во фиока“

Поднасловот е наслов на соопштение издадено во март годинава од дел од невладиниот сектор во врска со судбината на предлог-измените на Законот за матична евиденција, со кој требаше системски да се реши проблемот што го имаат трансродовите лица во однос на официјалните документи што треба да ги добиваат од регистрите на Управата за водење матична евиденција.

Предлогот за измени и дополнувања на Законот за матична евиденција, кој во Собранието беше доставен уште во април 2021 година, беше повлечен од собраниска процедура кога, означен со европско знаменце, стигна на прво читање во матична комисија.

Со измените и дополнувањата требаше да се направат промени на тој начин што и лицата што не го промениле физички полот, ќе може родово да се изјаснуваат поинаку, односно како мажи, жени или трансродови лица. Самиот предлог беше добро образложен, при што беа наведени сите причини зошто се бара измена на овој закон, почнувајќи од меѓународните конвенции што ги има потпишано РСМ до пресудите на Судот за заштита на човековите права во Стразбур, конкретно и против РСМ во 2019 година.

Во извештајот на „Метаморфозис“ се констатира дека законот само што беше ставен на дневен ред во Комисијата за законодавство на прво читање, беше повлечен од страна на Владата на РСМ и, според достапните изјави, требало да се доработи, да се отвори поширока јавна расправа, па да оди во редовна собраниска процедура. Причината за ова е силното противење на политичките партии што се во Собранието. Сите партии од опозицијата се противат на неговото донесување во ваква форма. Иако се мислеше дека тој ја има поддршката од владејачката СДСМ и повеќето помали партии во владејачката коалиција, на крај излезе дека дури ни во владејачката коалиција нема поддршка (исклучок е само една пратеничка), а албанскиот партнер во коалицијата ДУИ, иако молчеше до последен ден, се покажа дека, исто така, се противи на вакви измени во законот.

За оправдувањата нема разбирање од НВО, но и од европратеници

Оправдувањата се најразлични. Владејачките партии остануваат на оправдувањето дека законот требало да се донесе поради грижа за буџетот што би страдал од загубени пресуди пред Судот во Стразбур и поради имплементација на тие пресуди во домашното законодавство, но дека ќе требало редовна процедура и поширока расправа. Речиси сите опозициски партии, пак, излегоа со конзервативни, трансфобични ставови, во смисла дека ваквиот закон го уривал традиционалното разбирање за семејството и бракот и дека со промената на законот ќе се отворел и патот за промена на Законот за семејство, каде што бракот е дефиниран како законска заедница помеѓу маж и жена, т.е. различни полови, се наведува во извештајот на „Метаморфозис“.

Невладините организации изразија силна осуда на ваквото повлекување од процес врз кој се работело подолго време и осуда за однесувањето на сите, но и на пратениците од интерпартиската група која декларативно стоеше зад оваа идеја, а при самото гласање сите пратеници се повлекоа или молчеа, со исклучок на пратеничката Маја Морачанин која останала доследна. На 21 април до Владата било упатено и писмо од пратеници од Европскиот парламент, кои апелираат и бараат од Владата „да се признае правно признавање на родот на транс и небинараните лица во Законот за матична евиденција“. Нема никаква реакција на ова писмо до крајот на јуни, а последното сознание е дека Министерството за правда има иницијатива за формирање работна група за изготвување целосно нов закон за матична евиденција, во рамките на кој ќе се решело ова прашање. Сепак, самиот факт што во таа работна група не се вклучени од Коалицијата „Маргини“, остава сомнеж кај експертот од фокус-групата дека проблемот ќе се реши на задоволувачко ниво, а уште помалку – навремено.

Јавното здравство не ги препознава трансродовите лица

Во извештајот на “Метаморфозис“ се наведуваат и други проблеми што ги имаат трансродовите лица поврзани со остварување на правата од системот на јавното здравство.

Лицата што сакаат да извршат промена на својот пол, на пример, тоа не можат да го направат во РСМ, затоа што ниту една клиника не го прави тоа. Но и процедурите за оние што не сакаат целосна промена на полот не се влезени во системот на јавното здравство и се одвиваат од случај до случај, со познанства, пријателства или ургенции. На пример, во основниот пакет на здравствена заштита не е влезена ниту хормоналната терапија што треба да ја добие некое лице во транзиција, ако во системот од матичен лекар до специјалист, сепак, добие таква терапија, се наведува во извештајот на „Метморфозис“.

Имало обид тоа да се смени во 2019 година, кога во Министерството за здравство била формирана работна група, но поради ковид-пандемијата групата престанала со својата работа без резултат. Незадоволството е големо, вели експертот, со оглед на тоа што во Србија, на пример, која е слично општество како Македонија, промената на полот се извршува на сметка на државата со 2/3 од сумата, а целата постапка е строго регулирана со законот за здравствена заштита, од матичен лекар до последната инстанца – клиниката каде што се извршуваат таков вид операции. Експертот укажува дека со оглед на фактот што многу хирурзи од РСМ се остручени за ваква постапка бидејќи престојувале на студиски посети во странство, треба само малку добра волја од власта, зашто стручно знаење има, а со самиот факт што бројот на ваквите лица и не е многу голем, барем не јавно, таквата законска промена и не би била некој особен товар за здравствениот буџет.

Извештајот на „Метаморфозис“ за почитување на основните права, каде се опишува и состојбата со ЛГБТ заедницата е изработен со поддршка од американскиот Национален фонд за демократија“ – НЕД.

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција