Лицето што го оштети стаклото на Амбасадата на Бугарија во Скопје е во притвор

Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, веќе го има лоцирано лицето кое што го крши стаклото од амбасадата и нему му е определен 8-дневен притвор.

Системот „Безбеден град“ (Safe city), наспроти наведеното во објавата, е наменет само за сообраќајни прекршоци и функционира пробно во сите денови, вклучително и во недела. Камерите од проектот „Безбеден град“ немаат можност за „face recognition“, односно препознавање лица ниту во возилата, ниту на пешаците

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат фотографии од случајот кога лице го оштети стаклото на објектот на амбасадата на Бугарија во Скопје и пишува:

Функционира ли системот „безбеден град” . Или за вакви работи камерите се исклучени.
Да, денес е недела, неработен ден е.

Системот „Безбеден град“, наспроти наведеното во објавата, е наменет само за сообраќајни прекршоци и функционира пробно во сите денови, вклучително и во недела.

За почеток, камерите регистрираат четири прекршоци: непрописно паркирање, поминување на црвено, управување возило со истечена регистрација и брзо возење.

Камерите за „ловење“ сообраќајни прекршоци од проектот „Безбеден град“ (Safe city) немаат можност за „face recognition“, односно препознавање лица ниту во возилата, ниту на пешаците, посочува Министерството за внатрешни работи во одговор за Призма.

„Безбеден град“ е во пробен период и се најавуваше старт на почетокот на февруари од страна на Министерството за внатрешни работи. Но, во јануари 2026 година политички партии најавија дека нема да дадат поддршка за почеток од 1 февруари и стартувањето на системот на овој датум е неизвесен.

Лицето коешто е прикажано во објават,а односно фотографиите во објавата и видеото, се снимени од безбедносни камери на Амбасадата на Република Бугарија во Северна Македонија и беа објавени на Фејсбук страницата на амбасадата.

Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија веќе го има лоцирано лицето коешто го крши стаклото од амбасадата. На видеото објавено од Амбасадата на Република Бугарија се гледа дека лицето непрописно ја поминува улицата на место каде нема обележан пешачки премин и дека е маскирано до непрепознатливост, без да може да се видат било какви одлики на лицето (ликот е прекриен).

На 12 јануари МВР соопшти дека го лишиле од слобода ова лице.

Денеска (12.01.2026) во 12 часот и 40 минути на ул. „Кирил и Методиј“ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар го лишија од слобода Ш.А. од Скопје, затоа што вчера (11.01.2026) го оштети стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Веднаш по добиената пријава, беа преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот и Ш.А. е лишен од слобода, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, се наведува во соопштението.

Основното јавно обвинителство Скопје информираше дека поведе постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Оштетување туѓи предмети  од член 243 став 2 од Кривичен законик.

На 11 јануари, осомничениот од омраза ја оштетил влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија, така што со камен го скршил стаклото на вратата и веднаш се оддалечил во непознат правец. Јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка притвор спрема осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, наведоа од ОЈО.

Подоцна на лицето му беше определен 8 – дневен притвор.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција