Личен став на поранешен јапонски дипломат злоупотребен за сеење страв за распад на Украина

Фото: © European Union, 2024, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Во текст преземен и преведен од спрскиот Спутник, објавата ја извртува вистината и шири неколку дезинформации. Прво, цитиран е бивши јапонски дипломат чие мислење во никој случај не е официјален став на Јапонија. Во текот на целата руско-украинска војна, Јапонија има дециден став на поддршка на Украина. Второ, не е точно дека само Путин и Русија даваат предлози за примирје, а Зеленски и Украина ги одбиваат. Документи од двегодишните неуспешни преговори укажуваат за комплексноста и промените во преговорите во текот на конфликтот. Последно, се наведува дека постои ризик од тоа Украина да биде поделена како Кореја по Втората светска војна, но дека ќе биде поделена на три дела — еден на Украина, еден на Русија и дел што ќе ѝ припадне на Западна Европа. Ова е нелогично бидејќи ниту западноевропските земји, ниту Европската Унија имаат претензии да ги присвојат украинските делови кон себе 

Во текст преземен и преведен од српскиот Спутник, објавата ја извртува вистината и шири неколку дезинформации. Прво, цитиран е бивши јапонски дипломат чие мислење во никој случај не е официјален став на Јапонија. Во текот на целата руско-украинска војна, Јапонија има дециден став на поддршка на Украина. Второ, не е точно дека само Путин и Русија даваат предлози за примирје, а Зеленски и Украина ги одбиваат. Документи од двегодишните неуспешни преговори укажуваат за комплексноста и промените во преговорите во текот на конфликтот. Последно, се наведува дека постои ризик од тоа Украина да биде поделена како Кореја по Втората светска војна, но дека ќе биде поделена на три дела – еден на Украина, еден на Русија и дел што ќе ѝ припадне на Западна Европа. Ова е нелогично, бидејќи ниту западно-европските земји, ниту Европската Унија имаат претензии да ги присвојат украинските делови кон себе 

 

Анализираме објава на Фејсбук, преземена од српската редакција на Спутник:

ЈАПОНЦИТЕ ГО ПРЕДУПРЕДИЈА ЗАПАД – ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО УКРАИНА ДОКОЛКУ НЕ ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИ

Украина може да се распадне на три дела доколку не започне мировни преговори, изјави за Спутник Казухико Того, поранешен шеф на Одделот за Европа и Азија во Министерството за надворешни работи на Јапонија.

– Одбивањето на САД и Велика Британија да преговараат со Русија за Украина може да доведе до распаѓање на Украина на три дела. Во следните три месеци Русија би можела да напредува и да донесе до тој степен што Украина нема да закрепнуе за време на мандатите на Харис или Трамп. Тогаш Украина би можела да се распадне на три дела: источниот дел ќе ѝ припадне на Русија, западниот дел – на Западна Европа, а во средината ќе има мала Украина со Киев – вели Того.

Поранешниот дипломат смета дека Украина и западните земји не треба да ги игнорираат мировните предлози на рускиот претседател Владимир Путин.

– Предлозите за мир кои Путин ги претстави во средината на јули се уште поостри од оние за кои зборуваше во интервјуто со Такер Карлсон. Путин дава мировни предлози, но Бајден и Зеленски велат дека нема што да се разговара и дека целта на Украина е да оди на границите од 1991 година. Тоа е лудо, откако самата Украина се откажа од договорот од Истанбул, според кој за малку ќе го добиеше тоа – објасни поранешниот јапонски дипломат.

Того бара сериозно да се сфатат мировните предлози на Русија.

-Можам со целосна одговорност да кажам дека тие зборови мора да се сфатат сериозно. Сега е шансата за почеток на преговори. Ако дојде до поделба на Украина на три дела, оваа ситуација и условите што постојат сега ќе изгледаат како слатки соништа – вели експертот.

Прво, треба да се напомене дека текстот е преземен и преведен од српската редакција на Спутник. Тие, иако не наведуваат, го презеле од руската новинска агенција РИА Новости. Истиот текст со истите цитати е објавен од англиската редакција на РТ каде, всушност, споменува дека е преземен од  руската агенција. Интересно е  што ниту на РИА новости, ниту пак, на руската редакција на РТ, не може да се најдат никакви објави со интервјуто на Казухико Того, што сугерира дека објавата најверојатно е наменета за странска публика.

Второ, според неговата биографија, бившиот дипломат Казухико Того навистина бил шеф на Одделот на Советскиот Сојуз во рамките на Бирото за европски и азиски прашања четири години (1988 до 1992 година), но не бил шеф на целото биро, туку конкретно на дивизијата на Советскиот Сојуз. 

Понатаму, Фејсбук објавата што ја рецензираме и самиот напис имаат и други проблеми, на пример насловите. И објавата и на написот на Спутник се класични примери за спинерски кликбејт наслов:

ЈАПОНЦИТЕ ГО ПРЕДУПРЕДИЈА ЗАПАД — ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО УКРАИНА ДОКОЛКУ НЕ ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИ, гласи насловот во објавата на Фејсбук.

Сфатете ја Русија сериозно“: Јапонија предвидува тотален колапс на Украина доколку не започне преговори“, гласи насловот текстот на Спутник.

Не може да се каже дека Јапонија (мислејќи се на официјалниот став на Министерството за надворешни работи или владата) или Јапонците (како цел народ) предупредуваат или предвидуваат што било. Без разлика колку е еминентна личноста или запознаена со материјата, сепак во текстот е изнесен ставот само на едно лице и погрешно е да се претстави како официјален став на Јапонската влада или на целиот јапонски народ. Баш напротив, многу е јасен ставот на Јапонија во врска со руската инвазија на Украина. 

Фото: скриншот од официјален документ од МНР на Јапонија

На веб-сајтот Министерството за надворешни работи на Јапонија може да се најдат детални податоци за тоа кога и колку помош ѝ пружила Јапонија на Украина во изминатите две години, како и колку често се среќавале министерите за надворешни работи на Јапонија и на Украина – последен состанок имало во средината на април годинва.

Министерката за надворешни работи на Јапонија, Камикава Јоко, нагласи дека Јапонија ќе продолжи да демонстрира во секоја прилика дека нашето единство за поддршка на Украина е непоколебливо, споменувајќи дека Украина исто така беше клучна тематска област во посетата на премиерот Кишида на Соединетите држави минатата недела и на министрите за надворешни работи на Г7 пишува во официјалната објава за настанот (18.04.2024).

Следно во написот се сугерира дека Русија е таа што, всушност, доаѓа на преговарачката маса со спремни мировни договори коишто САД и Британија ги одбиваат во име на Украина. Во реалноста, вистината е многу покомплексна.

Прво, според некои од документите и коминикеа за време на преговорите коишто американскиот Њујорк Тајмс ги разгледува, Украина и Русија имале сосема спротивни ставови околу тоа за што би и не би направиле концесија. А, исто така, може да се види и како ставовите им се менувале за време на повеќе преговори. 

Второ, како што пренесува Би-би-си, во јунските преговори Украина го одбива предлогот затоа што во истиот се барало целосно повлекување украинската армија од окупираните територии. Во истиот напис, Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави за Би-би-си дека нема да има „никаков компромис за независноста, суверенитетот или територијалниот интегритет“ за време на „Украинскиот мировен самит“ во Швајцарија, што се одржа овој јуни. 

Трето, поврзано со ова, се споменуваше и тоа дека бившиот Британскиот премиер, Борис Џонсон ги саботирал преговорите уште во самиот почеток на војната. Но, ни тоа не е сосема точно како што пишува во колумната на Гардијан:

[…] навистина, немаше подготвен договор за потпишување меѓу Русија и Украина. Двете страни не се договорија за територијални прашања или за нивоата на воено вооружување дозволени по војната. Позицијата на Украина за време на преговорите е дека бара безбедносни гаранции што западните држави се двоумеле дали да ги дадат. И внатре во Украина имаше внатрешно-политички прашања поврзани со руските барања за „денацификација“ со кои треба да се спротивставиме

Во колумната на Гардијан исто така се цитира и Адам Смит, демократ од претставничкиот дом на САД, кој вели „Ја слушнав оваа фраза – „ништо за Украина без Украина“. Тоа е смешно да го каже кој било американски дипломат или личност во американската политика. Имаме партнери низ целиот свет и да ги слушаме, но кога ја подмируваме сметката, кога трошиме толку многу пари таму, имаме збор“.  Што сугерира дека американските дипломати се вклучени и имаат удел во целиот процес, но тоа не значи дека целосно го контролираат процесот или сакаат по секоја цена да трае војната.

Последен спорен дел е идејата дека Украина може да се подели на три дела, поточно  „западниот дел [ќе припаднел] на Западна Европа“. Прво, нелогично е да се каже дека кој било дел ќе биде доделен на „Западна Европа“, затоа што тоа е само географска определба – не постои управен или политички ентитет наречен Западне Европа. Ако се мисли на некои од западноевропските државите кои граничат со Украина и тоа е нелогично. Не само затоа што ниту една држава нема такви претензии, туку и тоа ќе значи апропријација или анектирање на делови од Украина.

Но, тоа не значи дека не постои никаква шанса за поделба на Украина. Аналитичари за американскиот Си-ен-би-си, пишуват дека постои ризик Украина да ги прифати територијалните барања за припојување на делови кон Русија или преку други механизми да има поделба на државата на два дела – како што е случајот со Кореја и Судан. 

Затоа, според горенаведените факти, објава ја оценуваме како невистинита. Официјалниот став на Јапонската влада е многу јасен дека тие се сојузници на Украина, што значи дека ставот на еден бивши дипломат не го отсликува ставот на една држава. За турбуленциите со преговарачкиот процес не може толку едноставно да се обвинат исклучиво САД, Британија или Украина, бидејќи со задавање ултимативни барања преговорите не можат да напредуваат. А, поделбата на Украина на три дела е нереална затоа што нема трета засегната страна што би сакала да го добие „западниот дел“ на Украина, како што тврди објавата.

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција