Личноста на оваа фотографија не е Александра Симоновска
Манипулација со препарат за слабеење се појави на Фејсбук профил, при што се искористени фотографии за наводни позитивни искуства од овој препарат од лица кои што се претставени лажно
Манипулација со препарат за слабеење се појави на Фејсбук профил, при што се искористени фотографии за наводни позитивни искуства од овој препарат од лица кои што се претставени лажно
Рецензираме објава на Фејсбук во која што се рекламира препарат за слабеење. Името на препаратот е 2Slim&Beauty. Без да навлегуваме во начинот на неговото делување и ефикасност, како и тоа дали е делотворен, забележуваме дека начинот на кој што овој производ се рекламира на интернет и на Фејсбук поконкретно, е манипулативен.
Зошто? Затоа што во маркетинг кампањата, односно рекламниот материјал, се користат фотографии за наводни позитивни искуства од овој препарат, од лица кои што се претставени лажно. Така, девојката за која се тврди дека ослабела 10 килограми за еден месец и дека се вика Александра Симоновска, всушност дефинитивно не е Александра Симоновска.
Меѓутоа, со неа во рекламниот промотивен материјал за горенаведениот препарат, спроведено е целосно интервју, за наводните ефекти кои ги добила со користење на 2Slim&Beauty. А во ова интервју, се добива впечаток дека таа е вистински корисник на препаратот, затоа што атрибуирани и се изјави дека тој препарат и помогнал да ослабне 10 килограми за еден месец.
Наводната Александра се наоѓа на различни сајтови
Но, истата фотографија од девојката за која во рекламата лажно се тврди дека е Александра Симоновска, може да се пронајде на странски интернет портали каде нејзиниот изглед од пред и потоа, се атрибуира за секакви методи за слабеење – од кетогенска исхрана, до 13 дневна диета во Аргентина и фитнес вежби. Резултатот на оваа девојка претставен на фотографијата (чиј што идентитет не може да се утврди со оглед на тоа што нејзината фотографија циркулира на интернет злоупотребена во најразлични текстови за слабеење), го користат од Аргентина до Македонија!
Истиот препарат се продава и на бугарски јазик, а го има и во Романија.
Кога ќе се посети веб страницата со информации за производот, ќе се забележи дека најдолу во делот за лични искуства, дадени се фотографии со сведоштва на задоволни клиенти. Со пребарување на дел од овие фотографии, евидентно станува дека тие се претставени, исто така, со македонски имиња и презимиња, меѓутоа фотографиите не се од личностите за кои се тврди дека се на нив.
И Симона не е Симона
На пример, оставен е коментар со фотографии од наводната 34 годишна Симона Стефановска од Куманово.
,,Имам 34 години, како тинејџерка се здебелив и оттогаш никако да ослабнам на било кој начин. Па како да ослабнеш кога немаш доволно време за себе. Работа, дом, маж, деца… Легнувам после полноќ, а станувам во 6ч сабајле. Хронично сум ненаспиена, уморна и гладна. Доцните оброци ми станаа секојдневие, кои од ден на ден стануваа пообилни. Едноставно не можев да престанам да јадам секаква храна во големи количини. Започнав со користење на 2Slim&beauty и со третманот кој ми го препорача специјалистот од фирмата. Замислете изгубив 13 килограми. (Во прилог еве слика од мојата нова фигура) Се чувствувам како сосема нова личност, со поголема енергија и позитивност”, пишува под фотографијата и се додава дека нејзината трансформација изгледа вака:
Меѓутоа, нашата проверка на оваа фотографија покажа дека е најмалку стара 6 години и објавена во Русија (погледнете ја фотографијата на 20 секунда од ова видео).
Од ова заклучуваме дека резултатот претставен на фотографијата не е на извесната Симона Стефановска од Куманово, туку е преземен од странство и накалемен на лажен идентитет на девојка од Македонија, за да се предизвика ефектот на блискост кај оние што се двоумат дали да го нарачаат производот или не, односно оние кои треба да се уверат дека препаратот дава резултати. Кога некој од блиската околина успеал да направи резултат, тогаш и јас можам. Токму на оваа девиза се игра во ваквиот лажен маркетинг.
Освен тоа, во искуствата за кои не може да се знае дали се воопшто нечии (со оглед на тоа што се атрибуирани на лица кои се претставени со фотографии од странски портали), се даваат и некои сомнителни квалификации. На пример, лице претставено како 54 годишниот Никола Петровски од Гевгелија, вели дека благодарение на овој препарат му се решил проблемот со хемороидите.
Производот го нема во регистерот на АХВ
Се вели дека производот е сертифициран и одобрен од странски експерти. Во македонската база на регистарот на одобрени додатоци во исхраната на Агенцијата за храна и ветеринарство, не успеавме да пронајдеме производ каков што е наведен во оваа реклама.
Без да навлегуваме во неговата ефикасност, делотворност и начин на функционирање ниту квалитет, оценуваме дека маркетингот во постот кој е приложен за афирмација и рекламирање на производот е манипулативен и не се темели на вистинско сведоштво на наведената личност Александра Симоновска. Маркетингот е невистинит, затоа што идентитетот е измислен и монтиран веднаш до фотографија која што не кореспондира на истиот. Фотографијата е преземена од странство, а истото го утврдивме и за фотографијата за едното од презентираните позитивни искуства. Во ова позитивно сведоштво за препаратот, претставена е фотографија од девојка за која се вели дека е од Симона Стефановска од Куманово, меѓутоа фотографијата е објавена пред 6 години во Русија и може да се најде на интернет со пребарување во секцијата за фотографии.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар